ПадобранствоПадобранство е спорт од групата воздушни спортови. ИсторијатПрвата скица на падобран во форма на платнена пирамида, отворена на долната страна, ја направил Леонардо да Винчи во 1483 година. Во 1617 година, врз основа на цртежите на да Винчи, Фауст Вранчиќ направил конструкција од платна, обрабени со дрвени штици, која ја нарекол „летечки човек“ (homo volans). Постои легенда дека тој скокнал од кулата во Венеција и дека успешно се приземјил, но тоа не е потврдено со историски извори. На 22 октомври 1797 година, Французинот Андре-Жак Гарнерен (André-Jacques Garnerin) го извел првиот скок со падобран над Париз. Неговиот падобран бил направен од свилено платно обрабено со дрвена рамка, а целата конструкција била прицврстена на балон со чија помош се вивнал во воздухот. Кога се нашол на висина од околу еден километар, Гарнерин ги исекол јажињата со кои падобранот бил прицврстен на балонот и потоа безбедно се спуштил на земјата, а неколку илјади гледачи воодушевено го поздравиле. Сепак, дури едне век подоцна бил изработен првиот падобран без рамка. Во 1897 година, Американецот Том Болдвин (Tom Baldwin) скокнал со таков падобран. Современиот тип падобран започнал да се развива непосредно пред и за време на Првата светска војна, служејќи за спасување на екипажите на погодените авиони. По завршувањето на војната падобранот започнал да се користи и за спортски и рекреативни цели. Во 1919 година, Американецот Лесли Ирвин (Leslie Irwin) го извел првиот скок со падобран, којшто се состоел од слободен пад, со отворање на падобранот на помала височина. Овој скок се смета за почеток на спортското падобранство, иако овој спорт станал популарен дури во 1950-тите.[1] ОсобеностиВо соврмени услови, најчесто се користат падобрани со правоаголна форма, кои за првпат биле применети во американската армија за време на Виетнамската војна. Со овој тип падобран, наречен „летечки душек“, лесно се управува, а тој овозможува лебдење во воздухот, прецизно приземјување и поминување големо хоризонтално растојание при спуштањето. Старомодните падобрани во кружна форма денес се употребуваат или како помошни (резервни) или за рекреативната активност позната како parasailing, каде се лебди во воздухот со помош на падобран којшто е врзан за чамец или за брод.
Наводи |
Portal di Ensiklopedia Dunia