Проектот за реформи на Врховниот македонски комитет бил изработен во февруари 1896 година и со него било предвидено да се изврши реформа на Османлиското Царство.
Историјат
Со проектот биле запознаени бугарскот премиер Константин Стоилов, македонските друштва и Македонската револуционерна организација. Во почетокот на 1899 година Врховниот македонски комитет се обидел да го искористи Критското прашање и проектот од 1896 година бил испратен до дипломатските претставници на големите сили во Софија но не дошло до конкретни резултати, напротив со тоа се усложнила меѓународната позиција на Бугарија. Проектот за реформи останал не исполнет [1].
Особености
Во проектот се предвидувало:
Македонија
Граници
- 1) Солунскиот, Скопскиот и Битолскиот вилает да бидат еден вилает со седиште во Солун. Неговите граници требало да почнуват од старата српска граница спроти Врање, да ги опфати казите Прешево, Куманово, Тетово и Качаник. Границата требало да оди по билото на Карадак, врвот Љуботен и од Шара да се спушти кјон Кораб. Од таму по текот на потокот Велештица, кај с. Радомир до вливот на Црн Дрим. Да продолжи по реката до с. Нидред и да ја опфати западната граница на Охридската и Корчанската каза до врвот Грамос. На југ да ги опфати јужните граници на Костурската, Кајларската, Воденската и Карафериската каза, каде нејзината граница се сече со реката Бистрица и по нејзиниот тек да излезе на Егејското Море. Одејќи по брегот да се опфати Халкидик и да продолжи до утоката на Места, по неа да излезе на границата со Источна Румелија, од каде ќе продолжи по бугарската граница до Србија [2]
Управа и права
- 2) Во областа да се назначи валија со 5-годишен мандат од доминантното население. Како таков е посочен кнезот Александар Богородни или Гаврило Крстевич - паша.
- 3) Валијата да управува со помош на вилаетско собране, непосредно избрано од населението и да ги почитува малцинските права.
- 4) Личноста и домот се неприкосновени.
- 5) Вилаетските чиновници да бидат од доминантното население во оделни места. Високите чиновници ги назначува султанот по предлок на валијата, а другите валијата.
Службен јазик
- 6) Службен јазик, покрај турскиот да биде и јазикот на доминантното население
Образование
- 7) Учебното дело на христијаните да биде под грижа на ре3спективните училишни организации.
Жандармерија
- 8) Редот и мирот го одржува жандармерија заоснована врз регрутен принцип и потчинет на валијата. Во неа да бидат сразмерно застапени сите народности. Нејзиниот број да не биде повеќе од 1% на месното машко население. Вишите офицери ги назначува султанот по предлог на валијата.
Финансии
- 9) Вилаетското собрание го определува буџетот и даноците. 25% од нив одат во државната каса.
Комисија
- 10) Покрај валијата ad hoc да се назначи една комисија, во која ќе бидат застапени сите народности. Таа подробно да ги разработи горните реформи.
Амнестија
- 11) Општа и полна амнестија на сите политички претстапници.
Одринско
- 12) Слични реформи да се воведат во Одринскиот вилает
Меѓународна поткрепа
На крајот од проектот следувало објаснување на сите точки од реформите, а тие биле поткрепени со меѓународните договори од Цариградската конференција и Берлинскиот конгрес.
Извори
- ↑ К. Пандев, националноослободителното движење во Македонија и Тракија 1878-1903, Софија, 1979
- ↑ Македония, Сборник от документи и материали, София, 1978
Литература
- Македония, Сборник от документи и материали, София, 1978
- Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или Смрт, Македонското националноослободително движење во Солунскиот вилает 1893 - 1903 година, Табернакул, Институт за историја - Филозовски факултет, Скопје, 2003
- Константин Пандев, Националноослободителното движење во Македонија и Тракија 1878-1903, Софија, 1979