Публиј Сулпициј Квириниј
Публиј Сулпициј Квириниј (латински: Publius Sulpicius Quirinius, старогрчки: Κυρήνιος; ок. 45 г. пр. н. е. — † 21 г. н. е.) — римски политички деец, конзул во 12 г. пр. н. е. и римски намесник на провинцијата Сирија во 6 г. н. е. Пописот што го спровел по наредба на царот Август се поврзува со библиската, новозаветна приказна (Лук. 2:2): поради него, Јосиф и Марија биле принудени да отпатуваат до нивниот роден град Витлеем, каде што се родил младенецот Исус. ЖивотописПублиј Сулпициј потекнувал од италијанскиот град Ланувиј. Меѓу неговите предци немало високи магистрати на Римската Република. Малку се знае за раните етапи од кариерата на Квириниј. Во 15 г. пр. н. е. бил проконзул на провинцијата Крит и Киренајка, каде успешно водел борби против племето Гараманти. По враќањето во Рим со углед на успешен воен командант, бил избран за конзул во 12 г. пр. н. е. Подоцна, Октавијан Август го назначил за намесник на Галатија и Памфилија (5–3 г. пр. н. е.), каде што Квириниј ја освоил тврдината на Гоманадите, народност од Киликија. По прогонството на Ирод Архелај во 6 г., која е потврдена од Касиј Дион, Јудеја преминала под непосредно управување на Рим и била вклучена во составот на провинцијата Сирија. Царот Август го назначил Квириниј за проконзул на Сирија, со задача да собира давачки (даноци). Во исто време, Копониј бил испратен како прокуратор во Јудеја, но Квириниј дошол и таму, бидејќи собирањето на давачките во целата провинција било негова посебна одговорност. За да се утврди сумата што требала да се собере, по наредба на Цезар бил извршен попис на населението: покрај бројот на души, секој бил задолжен да ја пријави својата имотна состојба и големината на земјата што ја поседувал. Собирањето на давачките, заедно со пописот, предизвикало големо незадоволство кај Евреите, а отвореното востание било спречено само со напорите на првосвештеникот Јоазар. Сепак, резултатот бил востание на Јуда Галилеецот и основање на Партијата на зилотите. Јосиф Флавиј пишува за овој попис и на друго место (Древн., XX, 5, § 2).[1] Како советник, бил во придружба на внукот на царот Август, Гај Цезар, во патувањето на Исток (1 г. пр. н. е. — 4 г. н. е.).[2] Подоцна бил римски управител на Сирија (по календарното пресметување на таа епоха 759–764 г. од основањето на Рим).[3] НаводиНадворешни врски |
Portal di Ensiklopedia Dunia