Рудник „Казандол“![]() Казандол — напуштен планиран рудник на бакарна руда во непосредна близина на селото Казандол.[1] Планираниот рудник ќе се протегал на подрачјето на атарите на селата Казандол (во најголем дел) и Брајковци, како и градот Валандово (сите од Општина Валандово), како и градот Богданци (од Општина Богданци) и селото Фурка (од Општина Дојран). МестоположбаРударскиот комплекс бил предвиден да се подигне во југоисточна Македонија, во област на ридест терен помеѓу Дојран, Богданци и Валандово, на ридовите наречени Погана свртен со поглед кон Валандовското Поле.[1] ОписПо својата генетска припадност, наоѓалиштето на бакар во подрачјето на месноста Казандол припаѓа кон егзогената генетска серија на наоѓалишта и претставува типична железно-манганска-бакарна капа со содржина на бакар во дијапазон од 0,06% до 0,45% бакар.[1] Историја![]() Во текот на 2014 година биле извршени детални геолошки истражувања на минерални суровини.[1] Во 2017 година, граѓанската иницијатива „Спас за Валандово“ побарала да се стопира изградбата на рудникот преку организирање на локален референдум во Општина Валандово.[2] Истата година, иницијативата побарала од Советот на Општина Валандово да распише локален референдум, но точката не била поставена на дневен ред поради противење на тогашниот градоначалник Николче Чурлиновски и партијата ВМРО-ДПМНЕ.[3] На 4 мај 2017 година, Советот на Општина Богданци едногласно донел одлука за распишување на локален референдум, на кој граѓаните биле повикани на 11 јуни 2017 година да се изјаснат за две прашања: првото за запирање на изградбата на рудникот „Казандол“ и второто за дали ќе се дозволи било каква експлоатација на руда во границите на општината.[4] Скоро едногласно граѓаните гласале против изградбата на овој рудник и на други рудници на подрачјето на општината.[5] На 12 мај 2017 година, Советот на Општина Валандово сепак дозволил граѓанската иницијатива „Спас за Валандово“ да собере 2.000 потписи со кои локалната самоуправа ќе може да распише локален референдум. Во меѓувреме, Општина Дојран закажала референдум за две прашања за рудниците „Казандол“ и „Башибос“ на 18 јуни 2017 година.[6] Сепак, одлуката за референдумот во Дојран пропаднала откако тогашниот градоначалник Борче Стамов не ја потпишал и советниците повторно донеле одлука за организирање на локален референдум на 23 јули 2017 година, но само за едно прашање, односно изјаснување дали се за дозвола на отворање било какви рудници на територијата на општината.[7] Исходот на референдумот бил скоро едногласно против отворање на рудници на подрачјето на Општина Дојран.[8] Иако двете опфатени општини Богданци и Дојран ги донеле одлуките за локален референдум, во Општина Валандово референдумското прашање заглавило во Советот на општината, при што претседателката на Советот Јасмина Сечкова не закажувала седница на која ќе се изгласа ваква одлука.[9] Подоцна, иако Советот на крај донел ваква одлука, градоначалникот на Валандово ја стопирал истата одлука на Советот со решение, бидејќи според него истата одлука не била согласно законските прописи.[10] Дури на 10 јули, Советот донесува крајна одлука за распишување на локален референдум на 20 август 2017 година.[11] Овој референдум бил неуспешен поради неисполнување на законскиот цензус.[12] По сите овие локални референдуми, Владата на Македонија еднострано го раскинала договорот, бидејќи концесионерот „Сардич МЦ“ не го исполнил условот да изгради постројка за експлоатација на катоден бакар во рок од две години.[13] ПоврзаноНаводи
Надворешни врски
|
Portal di Ensiklopedia Dunia