Свети Паисиј Хилендарски

Св. Паисиj Хилендарски
Роден 1722
Самоковска епархија, Отоманско Царство
Починал 1773
Асеновград, Отоманско Царство

Паисиj Хилендарски (Самоковска епархија, 1722Асеновград, 1773) — истакнат преродбеник од Бугарија. Во бугарската историографија го сметаат за прв бугарски преродбеник и бугарски национален историчар со неговото дело Исторїѧ славѣноболгарскаѧ (Историја славјаноболгарскаја) напишано во периодот 17601762 година.

Животопис

Потекло

За животот на Паисиј се знае релативно малку. Се прифаќа дека е роден во 1722 година. За неговото родно место претендираат неколку градови и села, бидејќи самиот не напишал точно од каде е. Во својата книга Паисиј за себеси тврди дека на „Света Гора дојде во 1745 година од самоковската епархија.[1]

Недостигот на историски документи кои да го прецизираат родното место се надополнува од дијалектолошки анализи на јазичните специфичности на неговото дело.[2] Јордан Иванов забележува дека Пајсиј го користи кон крајот на својата книга западнобугарскиот дијалект (самоковски, дупнички, ихтимански),[3] врз основа на кој се обидуваат тој и други бугарски истражувачи да го утврдат Паисиевиот мајчин дијалект. Врз основа на тоа, многумина лингвисти и дијалектолози се приклониле кон мнението дека јазикот на Пајсиј најмногу се доближува до самоковскиот дијалект. Важно е да се напомене дека дијалектолошката анализа не мора во сите погледи да понуди веродостојни податоци, бидејќи карактеристичните обележја на различните дијалекти се меѓусебно испреплетени, дури треба да се има предвид дека исто така јазичната ситуација во овие региони можела значително да се менува во текот на два века. Сепак, може да се каже дека во самоковската област, од каде Паисиј Хилендарски дошол на Света Гора, всушност, може да биде неговото родно место.[1]

Некои книжевни историчари се занимавале во оваа смисла со легендата[б 1] која што се раскажува по генерации во селото Кралев дол (денес општина Перник) и неговата околина. Во ова село живеело семејството Паисови, кои во минатото одржувале контакти со Света Гора. Очигледно е дека името на овој род е изведено од монашко име, а не од световно. Најверојатно тоа биле т.н. гурбетчии – сезонски работници кои биле изнајмувани за ѕидарски работи, поврзани со обновување на манастирот, или за други задачи. Некои од нив останале во светогорските манастири и ги усвоиле монашките имиња. Тоа би можело да биде случај исто и на Лаврентиј, постариот брат на Пајсиј. Од оваа теорија поаѓа со своите ставови на пример Веле Кралевски, кој ја објавил во в. „Независност“ (1923 г.) и во врска со лингвистичката анализа на Јордан Иванов констатира дека токму дијалектот на Кралев Двор им одговара на спецификите на Пајсиј Хилендарски. Оваа теорија, исто така, ја застапува Александар Теодоров-Балан.

За да се утврди можното родно место на Паисиј може да помогнат некои информации поврзани со неговиот брат Лаврентиј. Меѓу двајцата браќа имало дваесет години разлика, како што за тоа информира самиот Паисиј и што можеме да согледаме како веродостојна информација, иако може да претпоставуваме определено заокружење на возраста на двајцата браќа (Паисиј вели: „И я съставих в манастира Хилендар, при игумена Лаврентия, мой роден брат от една майка и по-стар от мене; той тогава имаше 60 години, а аз - 40.“). Во кондиките на манастирите во Атон има достапни податоци, кои покажуваат дека Лаврентиј во 1765 г., по смртта на татко си, му ја оставил својата родна куќа во Банско на Хилендарскиот манастир, каде што потоа бил основан метох.[4] Со оглед на тоа дека Пајсиј, според сите индикации, не го искажувал на никаков начин кон ова наследство својот став, може да се водат размислувања во две насоки:

  1. Лаврентиј бил најстариот син (дури и ако го преминеме третиот брат Влчо, кој бил успешен трговец), па затоа имал привилегирано право за наследство на имотите на својот татко. Во оние времиња било на словенскиот Југ вообичаено дека токму најстариот син го наследувал целиот имот, со што требало да се спречи неговото распарчување меѓу неговите помлади браќа и сестри.
  2. во врска со разликата во годините помеѓу Лаврентиј и Пајсиј, која според сите информации била дваесет години, би можело да доаѓа предвид претпоставката дека Паисиј и Лаврентиј ја имале истата мајка, како што Паисиј тоа го споменува во поговорот кон својата Историја („в манастира Хилендар, при игумена Лаврентия, мой роден брат от една майка и по-стар от мене“), но секој од браќата имал различен татко.[5] Оваа претпоставка се чини логична ако се земе предвид дека за татко си Пајсиј ништо не кажува. Ова ќе ја навести исто така и натамошната насока на размислувањата за родното место на Паисиј. По смртта на таткото на Лаврентиј, мајката на двата браќа одлучила повторно да се омажи, и затоа може да се претпостави дека го напуштила Банско и отишла во куќата на својот нов сопруг некаде во „Самоковската епархија“. Допрва таму тогаш го родила својот најмлад син – т.е. Пајсиј.

Според друга претпоставка, Паисиј потекнува од селото Доспеј, во близина на Самоков.[6][7][8]

Монашки живот и Хиландар

Манастирот Хиландар

Во 1745 година Паисиj станал монах во српскиот манастир Хиландар во Атон, од каде и го добил прекарот Хилендарски. Бил испраќан да патува низ Балканот со цел собирање на парични помошти од христијанското население. Во 1761 по дела на манастирот патувал до Сремски Карловци во Војводина (тогаш во Австриското Царство), каде што било седиштето на српската Карловачка митрополија. Во неjзините богати библиотеки имал можност да прочита некои од познатите во оноj период историски книги за Балканот. Враќајки се во Хилендарскиот манастир, започнал да пишува историја на бугарскиот народ. По некои конфликти внатре во монашкото братство на Хилендар се префрлил во Зографскиот Манастир, каде во 1762 година ја завршил својата „Историја словенобугарска“.[9]

Податоците за животот на Паисиj по 1762 се малку и фрагментирани. Неоспорно е дека по завршувањето на историјата се вратил во Хилендарскиот манастир и за извесен период бил негов проигумен. Продолжил да патува во централноисточна Бугарија. Според интензитетот на преписите на неговата Историја може да се констатира дека многу време поминал во трновскиот регион. Сигурно документирани негови посети се во реоните на Котел во 1765, Сливен во 1766 и Солун во 1772. Во општ поглед станува јасно дека Пајсиј се сосредоточувал главно кон областите поврзани со традициите на бугарската државност и култура – Солун како родното место на првите словенски учители, Велико Трново како последен центар на бугарската држава пред доаѓањето на Османлиите.[1] Умрел во 1773 во Амбелино во јужниот дел на денешниот Асеновград.[10]

Паисиj Хилендарски е канонизиран за светец од Бугарската православна црква во 1962 година.

„Историја словенобугарска“

Препис на „Историја словенобугарска“ од 18 век

Во процесот на подготвувањето за создавање на словенобугарска историја Паисиj се запознал со некои од достапните во неговата епоха историски извори: житија на светци, летописни белешки, царски грамоти, сочиненија на Климент Охридски и Евтимиј Трновски, српскиот „Родослов“, руски публикации на „Пролог“ и „Кормчаја книга“, стематографиите на Павел Ритер Витезовиќ и Христофор Жефарович, а наjголемо влијание врз неговите општи идеи за историјата имале руските преводи на книгите „Дејанија церковнаја и гражданскаја“ од Цезар Барониј и „Книга историографија“ (со оригинално име „Царството на Словените“) од Мавро Орбини.[10]

По завршувањето на книгата Паисиј продолжил да патува и сам да ја распространува. За прв зачуван препис се смета преписот од 1765 година, порачан од богатите граѓани на Котел и направен од Софрониј Врачански. Вториот бил направен во 1771 година во Самоков од поп Алекси. За тие преписи се знае дека биле препишувани директно од оригиналот на Паисиj и во негово присуство. Од периодот до крајот на 18 век се познати околу 10 ракописни преписи, а до крајот на 19 век нивниот број е повеќе од 60. Вистинска историска вредност „Историја словенобугарска“ добила во првата половина на 19 век и натаму по неjзиното прво преработено печатено издание, направено од Христаки Павлович во Будимпешта во 1844 година со наслов „Царственик или историја болгарска“.[10] „Царственик...“, што вклучувало и некои делови од „Стематографија“ на Христофор Жефарович, а било користено како учебник по историја во преродбенските училишта.[11] Паисиj се смета за втемелувач и пропагатор на бугарското име и бугарскиот етнички карактер во Македонија.[12]

Политичка употреба

Неговото име често било користено за политички цели, како што е случајот со создадениот во 1927 година националистички сојуз “Отец Паисиј“, којшто подоцна ќе се изроди во нацистички, а негови членови во 1943 година ќе учествуваат во напади врз еврејски маала и ќуки.[13] Нешто подоцна ќе биде искористен од Тодор Живков за неговата нова политика кон Пиринска Македонија.[14]

Белешки

  1. Според оваа легенда, попот на Кралев Двор, Цветан, имал браќа кои станале на Света Гора монаси и ги усвоиле имињата Лаврентиј и Пајсиј. Кога Цветан во Кралев дол починал, на четириесеттиот ден дошле во оваа село двајца негови браќа. Пајсиј останал во Кралев дол половина година, бидејќи бил духовник и така можел по неопходно време да го застапи починатиот Цветан. Пајсиј станал во селото еден природен и почитуван авторитет, и затоа по неговото заминување, целиот род се преименувал од поранешното име Поповци на Пајсијовци (Пајсијов).[1]

Извори

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 Коуба, Мирослав (2013). „Пајсиј Хилендарски и Македонија. Прилог кон проучувањето на македонско-бугарскиот преродбенски дискурс“ (PDF). Македоника. 3 (7–8): 72–86.
  2. Цанко Живков "Родна реч" во спорот за јазикот и родното място на Паисиј(бугарски)
  3. Ивановъ, Йорданъ (1908). Български старини изъ Македония (бугарски). София: Българското книжовно дружество. стр. 176–177.
  4. Пламен Митев, "Българското Възраждане", Издателство "Полис", София, 1999, стр. 31. (бугарски)
  5. Акад.Иван Снегаров "За родното място на Паисий Хилендарски" (бугарски)
  6. Доспејска верзија (бугарски)
  7. Критика на кралевдолската верзија со осврт на доспејската (бугарски)
  8. Тркалезна маса, одржана на 15 март 2007 година, Перник (бугарски)
  9. Пламен Митев, "Българското Възраждане", Издателство "Полис", София, 1999, стр. 31-32. (бугарски)
  10. 10,0 10,1 10,2 Пламен Митев, "Българското Възраждане", Издателство "Полис", София, 1999, стр. 32. (бугарски)
  11. Кузман Шапкарев, "Материали за историята на възраждането...", Издателство "Български писател", София, 1984, стр. 75. (бугарски)
  12. "Македонска енциклопедија", Македонска академија на науките и уметностите, Скопје, 2009, том 1, статија "Бугарското име во Македонија", стр. 222.
  13. „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2012-03-05. Посетено на 2009-02-16.
  14. Тодор Живков и македонското прашање

Надворешни врски

Prefix: a b c d e f g h i j k l m n o p q r s t u v w x y z 0 1 2 3 4 5 6 7 8 9

Portal di Ensiklopedia Dunia

Kembali kehalaman sebelumnya