Силјан Штркот„Силјан Штркот“ — македонска народна приказна собрана од Марко Цепенков. СодржинаДејството на приказната се одвива во прилепското село Мало Коњари во кое живеел селанецот Божин кој имал син Силјан. Силјан бил разгален, мрзелив и непослушен, а татко му постојано го советувал и го молел да се подобри, зашто во спротивно ќе го фати клетва како што им се случило на пилињата Сиве и Чуле. Меѓутоа, Силјан избегал од дома и сретнал еден духовник со кого просел по селата. Потоа, тој заминал на аџилак, но претрпел бродолом. Како единствен преживеан од бродот, Силјан се нашол во некоја непозната земја населена со луѓе-штркови. Од нивниот поглавар Аџи Кљак, Силјан дознал дека тамошните луѓе се претворале во штркови кои потоа оделе во Мало Коњари. Притоа, Аџи Кљак му раскажал на Силјан дека жителите на таа земја биле проколнати, зашто во минатото го отепале еден добар старец. На гробот од старецот се појавиле два извора: водата од едниот извор ги претворала луѓето во штркови, а водата од другиот извор ги претворала штрковите во луѓе. Тамошните луѓе морале да се претворат во штркови, одлетувале во Мало Коњари за да добијат пород и дури потоа се враќале назад. Цело лето Силјан работел на имотот на Аџи Кљак, а есента се претворил во штрк и одлетал дома при што си носел вода за да се претвори во човек. Меѓутоа, водата му се истурила и тој бил осуден да живее на покривот од домашната куќа, но во облик на штрк. Така, тој копнеел неговите да го препознаат, но наместо тоа, син му Велко го удрил со стап по главата, а татко му му ја скршил ногата. Воден од копнежот по своите најблиски, еден ден, Силјан го украл клопчето на сопругата Неда и го оставил во гнездото. Потоа, тој повторно се вратил во земјата на штрковите, каде се покажал како вреден човек, а следната година се вратил во Мало Коњари, се измил со чудотворната вода и така пак станал човек. Кога им ги раскажал на домашните своите доживувања, тие не му верувале, но тој ги убедил така што им го покажал клопчето што ѝ го украл на Неда.[1] Осврт кон делото„Силјан Штркот“ е најпознатата и најдолгата македонска народна приказна и се смета за врв на народната проза. Според тематиката, делото претставува волшебна народна приказна (сказна), зашто во неа е опишана преобразбата на човекот (Силјан) во штрк и неговата повторна преобразба во човек. Во неа, јасно е видлива писателската дарба на Цепенков и многумина критичари сметаат дека „Силјан Штркот“ не е народна творба, туку претставува подолг авторски расказ, а некои го сметаат за првиот краток роман во македонската книжевност.[2] Во „Силјан Штркот“ на интересен и вешт начин се испреплетува реалистичното со фантастичното, а таа е колку забавна толку и поучна. Според духот и традицијата, таа се надоврзува на средновековната верско-морална литература, а основната идеја е дека децата мора да ги почитуваат непишаните закони на строгиот патријархален морал чие кршење води до страшни казни. Во неа Цепенков ни дава класичен, совршен народен јазик и стил, со тоа што таа се одликува и со посложена композиција и со психолошка анализа.[3] Изданија на современ македонски јазик„Силјан Штркот“ има доживеано голем број изданија на современ македонски јазик.
Силјан Штркот како мотив во уметноста![]() ![]()
Надворешни врски
Наводи
|
Portal di Ensiklopedia Dunia