СокајСокај[1][2] — највпечатливата женска прекривка за глава во македонската народна носија.[3] Тој претставува долгнавесто правоаголно парче платно, извезено по целата должина, чиј горен дел завршува со ќулавка (во облик на рог), а долниот е пуштен на грбот.[4] Рогот на ќулавката се доведувал во врска со древни рогати божества што симболизирале плодност.[3] Како дел од народната носија, претставува најголем уметнички дострел меѓу покривките за глава во Македонија, кој функционирал до крајот на 19-ти век.[4] КарактеристикиСокаите биле изработени од домашна ткаенина, исткаена од памук, лен, коноп или волна. Најчесто биле составени од два дела: главинка (или ќулавка) како дел за главата и делот прикачен на главинката, кој слободно паѓал на грбот. Вториот дел локално бил познат и како врски, гајтан, убрус или сокај. На некои места се среќавал и сокај направен од еден дел, кој бил долг и имал правоаголен облик. Тој имал висока ќулавка, вез од волнени и срмени конци, поткит и завршувал со реси. Сокаите, со својот богат вез, биле целосно композициски усогласени со останатите елементи од народната носија на одреден регион. Се носеле во Долни Полог, селата под Сува Гора, Горни Полог, кај Мијаците, Струшки Дримкол, Струшко Поле, Малесија, Дебарца, Кичевија, Железник, Порече, Охридско Поле, Преспа, Прилепско Поле и Битолско Поле.[5] Во западниот и југозападниот дел на Македонија биле најмногу распространети, додека во јужна Македонија поретко се среќавале. ![]() Овие, главно невестински покривки за глава, се делеле по облик, големина и начин на украсување, во зависност од пределот каде биле носени. Широките сокаи биле најчести и се носеле во Малесија, Дебарца, Порече, Кичевија, Горна Преспа, Прилепско Поле и Битолско Поле. Во овие региони имале дополнителен дел од дебела волнена ткаенина, обвиткана со црвена богасија. Ваквата основа била накитена со монистри, школки, сребрени и златни монети, а на крајот имале долги црни реси. Во Струшко Поле, Струшки Дримкол и Охридско Поле имало помалку широки сокаи, со мала капка и поскромен вез. Во Долни Полог и селата под Сува Гора се носеле најтесните сокаи, чии понови верзии имале срмен вез и пришиени монети. Во Горни Полог тесниот сокај се проширувал во долниот дел, добивајќи триаголен облик. Мијачката носија била карактеристична по најмасивните сокаи, богато украсени со вез, рески, школки, сребрени монети, монистра и срмени ширити. Тие имале главинка (црвена богасија) и труп (клашна), на кој се наоѓал везот и три реда киски: горен панѕур, среден панѕур и долен панѕур, меѓу нив украси од монистра (кузици). Поради тежината, сокаите се придржувале со тесно појасче-подбрадник, прикачено за главинката. Врз сокаите се ставале правоаголни прекривки: убрус, обрус, марама, крпа. Во Струшки Дримкол, Струшко Поле и Охридско Поле, убрусот имал поголеми димензии, додека во Малесија и Дебарца везената крпа за покривање на сокајот била мала.[4] Истражувачите го поврзуваат македонскиот сокај со примарната биолошка функција на жената – раѓањето. Оваа еднорога капа требало да ја осигура плодноста. Репродуктивната функција на сокајот се потврдувала со фактот што тие најчесто биле носени до една година по мажењето, до првиот пород или додека жената е сè уште способна за раѓање. Отстапување од овие правила имало во Малесија и Охридско-Струшки Дримкол, каде сокајот се носел од невестинството до крајот на животот. Невестинскиот бил украсен со вез, додека оној за постарите жени немал вез, бил краток, едноставен и се нарекувал сокајче.[5] Наводи
|
Portal di Ensiklopedia Dunia