Средна (планина)
Средна — мала средновисока планина во источна Македонија, меѓу долините на реките Брегалница и Желевица. Највисок врв е Бејаз Тепе со наморска височина од 1.348 м. МестоположбаПланината Средна се наоѓа на југ од Делчево и северозапад од Пехчево. На запад е оградена од долината на Брегалница каде се наоѓа селото Разловци, на исток е оградена од долината на реката Желевица и селото Нов Истевник каде се наоѓа регионалниот пат кон Пехчево и Берово, додека на север се отвора котлината Пијанец каде е сместено селото Тработивиште, а на југ се отвора Малешевската Котлина каде е сместено селото Робово. Лежи неколку километри западно од границата со Пиринска Македонија (денес во Бугарија). Зафаќа површина од 68,6 км2,[1] од која поголемиот дел административно припаѓа на Општина Делчево, а помалиот на Општина Пехчево. Има многу слабо определен срт на протегање во правец север - југозапад со многу разгранувања и долови кон исток и запад. Врвовите се благи и зарамнети без голема издаденост и определеност, обраснати со шума до самите сртови. Покрај највисокиот врв Бејаз Тепе, на планината Средна има уште неколку врвови повисоки од 1000 метри: Робоски Бричак (1311 м.н.в.), Стредна (1298 м.н.в.), Било (1296 м.н.в.), Грбавец (1259 м.н.в.), Калуѓер (1239 м.н.в.), Баждарова Чука (1228 м.н.в.). Геолошки одликиПланината е мал хорст, одвоен со раседи од Беровската и Делчевска Котлина, како и и долините на реките Брегалница и Желевица. По геолошки состав, Средна е сочинета од метаморфни дијабази и габра, гранитоидни карпи и доста трошни наслаги од плиоценот и квартарот. Растителност и образби![]() Покриена е со шумска и тревна растителност, наместа со пошумени појаси. Во особено значителен обем е застапена природната борова шума по падините и целото планинско било. Во помала мерка на западните падини се застапени и листопадните шуми од даб. Јужните и по источните делови на планината се одликуваат со силна разјаденост. На североисточната страна, кај селото Нов Истевник процесот создал забележителни земјени пирамиди, наречени „Кукуље“. Во овој предел на должина од околу 200 м (во правец сси-јјз) и широчина од 30–50 м, во подножје на поголем природен мел, се изградени 50-тина земјани пирамиди со височина до 15 м[2]. Најистурените и најстари пирамиди, што се наоѓаат поблиску до долинското дно на Истевнички Поток, веќе се сосема оформени[2]. Над нив се помлади пирамиди, сè уште поврзани со седиментни гребени со кои заедно градат сложени форми што наликуваат на замоци и куполи[2]. Уште повисоко, долинската страна е испресечена со повеќе паралелни, длабоки ерозивни долчиња, раздвоени со гребени од неогени песоци и глини[2]. Овие гребени, со ерозија и плакнење од атмосферски врнежи, постепено се истенчуваат, прекинуваат и добиваат изглед на земјани пирамиди[2]. Така, процесот се поместува нагоре по падините, што значи создавањето на пирамидите е активно и во денешно време[2]. Геоморфолошките вредности на планината Средна вклучуваар: флувиоденудациски релјеф (бројни кратки речни долини, земјени пирамиди „Кукуље“, долови, долчиња, мелови, остенци и др.). Галерија
Наводи
|
Portal di Ensiklopedia Dunia