Сто години самотија
Сто години самотија (шпански: Cien años de soledad) е роман на Габриел Гарсија Маркес објавен во 1967. Романот го обработува животот на повеќе генерации од семејството Буендија во гратчето Макондо, основано од страна на патријархот на семејството, Хосе Аркадио Буендија. Нелинеарната приказна се раскажува од повеќе временски точки, техника преземена од аргентинскиот писател Хорхе Луис Борхес. Сто години самотија е ремек-дело на Маркес, преведено на триесет и седум јазици.[1] Стилот „магичен реализам“ и тематиката го воспоставиле делото како важен роман - претставник на процутот на латиноамериканската литература во 1960-те и 1970-те,[2] којшто беше под влијание на модернизмот (од Европа и Северна Америка) и кубанското книжевно движење. Содржина„Сто години самотија“ е приказна која бележи седум генерации на семејството Буендија кои живеат во гратчето Макондо. Родоначалникот, Хосе Аркадио Буендија, со жена му (и прва братучетка) Урсула, го напуштаат селцето Риоача во Колумбија, во потрага по поубав живот и нов дом. На првата ноќ од нивното патување, додека кампуваат покрај една река, Хосе Аркадио Буендија го сонува „Макондо“, градот на огледалата, кој е одраз на светот во и вон него. Тој се буди и решава да го основа Макондо покрај реката.[3] Родоначалникот на Макондо верува дека гратчето е опкружено со вода, како да е остров, и оттаму тој го создава светот според сопствената перцепција.[3] Набрзо по основањето, Макондо станува град во кој често се случуваат неверојатни и невообичаени настани кои вовлекуваат неколку генерации од семејството Буендија, кои не можат или не сакаат да избегаат од повторливите и самонанесени несреќи. Евентуално, ураган го уништува Макондо, градот на огледалата. Цикличниот немир му беше суден на Макондо. На крајот од приказната, последниот член на семејството успева да ги дешифрира кодирани документи, во што претходните генерации не успеаја. Тајната порака е целата историја, од почеток до крај, на семејството Буендија.[4] Симболи и метафориДоминантна тема во „Сто години самотија“ е неможноста да се избегне од повторливата историја на Макондо. Минатото и времето ги контролираат ликовите. Во романот, духови ги посетуваат ликовите. „Духовите се симболи на минатото и неговата опсесивна улога во Макондо. Духовите и изместената повторливост што тие ја будат се длабоко вкоренети во развитокот на латиноамериканската историја“.[5] „Идеолошката трансфигурација ги направи Макондо и семејството Буендија, на некој начин, духови, отуѓени и одвоени од сопствената историја, и не само жртви на суровата реалност дека се зависни од надворешниот свет и се недоволно развиени, туку и на идеолошките заблуди кои го создаваат тој начин на живот“. Духовите што ги демнеат луѓето се симболи на минатото од кое не може да се избега. Судбината на Макондо е проколната и предодредена уште од самиот почеток. „Фатализмот е метафора за улогата што идеологијата ја одигра во одржувањето историска независност, толкувајќи ја историјата на Макондо во фиксирани рамки кои не дозволуваат други алтернативи. Приказната го потврдува фатализмот со цел да го илустрира чувството на заробеност што идеологијата може да го создаде“.[6] Маркес ги користи боите како симболи. Жолтата и златната боја се најчесто симболи за империјализам и Златниот век на шпанската литература. Златото симболизира потрага по материјално богатство, а жолтата боја ја претставува смртта, промената и уништувањето.[7] Стаклениот град е слика што му се појавува на Хосе Аркадио Буендија на сон. Таа е причината за основањето на Макондо, но исто така е и симбол за лошата судбина на градот. Хигинс вели: „На крајот од романот, тој стаклен град всушност станува град на привиди, илузии. Макондо е претставник на сонот на еден храбар Нов Свет што Америка го ветуваше, но кој подоцнежните настани во историјата сурово го разоткрија како илузија“.[8] Сликите како „градот на огледалата“ или „фабриката за мраз“ сè со цел да покажат дека судбината на Латинска Америка е веќе претскажана и е осудена на пропаст.[6] Сè на сè, во „Сто години самотија“ има делови од латиноамериканската историја. Може да се каже дека романот е еден од бројните текстови што „латиноамериканската култура ги создала за да се разбере себеси“.[9] Во оваа смисла, романот може да се разбере како линеарна архива. Оваа архива ја раскажува приказната на откривањето на Латинска Америка од страна на европските истражувачи, чија суштина беше веднаш создадена од страна на печатарската машина. Архивата е симбол на литературата која е основа на латиноамериканската историја. Мелкијадес, човекот кој ја чува историската архива во романот, е претставник на ексцентричноста и книжевноста.[9] На крај, „светот во Сто години самотија“ е место каде што верувањата и метафорите се претвораат во факт, а каде фактите стануваат несигурни“.[10] Ликови![]() Некои ликови и места од романот „Сто годии самотија“ се среќаваат уште во раните раскази на Маркес. Така, Макондо се споменува во неговиот расказ од 1955 година, „Монологот на Исабела додека го гледа дождот над Макондо“,[11] а Урсула и полковникот Аурелијано Буендија се главни ликови во расказот „Човекот доаѓа на дождот“ од 1954 година.[12] Исто така, Макондо и полковникот Аурелијано Бунедија се споменуваат и во новелата „На полковникот нема кој да му пишува“ до 1961 година.[13] Осврт кон делотоСамиот Маркес го опишал романот „Сто години самотија“ како музичкиот фестивал што го основал неговиот пријател, композиторот Рафаел Ескалона, само на 350 страници хартија.[14] Изданија на македонски јазикВо 1995 година, издавачката куќа „Мисла“ го издала романот „Сто години самотија“, во превод на Ванѓа Чашуле. На крајот од книгата се наоѓа поговорот со наслов „Потрага по изгубеното време во романот „Сто години самотија“ на Г.Г. Маркес“ од Џон Мек Гоуен. Книгата има 320 страници, со димензии од 20 сантиметри, а била испечатена во печатницата „Просвета“ во Куманово. Таа е каталогизирана во НУБ „Св. Климент Охридски“, Скопје и ја носи меѓународната ознака ISBN 9989-39-030-4.[15] Надворешни врски![]() Викицитат има збирка цитати поврзани со:
Белешки
|
Portal di Ensiklopedia Dunia