Топлички манастир
Топлички манастир — средновековен манастир во областа Железник во југозападниот дел од Македонија.[1] Манастирот се наоѓа во месноста Топлица, меѓу селата Жван, Слоештица и Бабино. Во минатото, манастирот бил не само религиозен, туку и културно-просветен и книжевен центар. Во негов склоп се наоѓала манастирската црква, како и конаци во коишто имало библиотека и училиште. Потекло на поимотМанастирот името го добил по месноста „Топлица“, а овој топоним е добиен по местото коешто е оградено со планини и е заштитено од студените ветрови, така што зимите секогаш биле топли.[2] ИсторијаМанастирот бил основан со изградбата на првобитната манастирската црква некаде во XIV век, а со подоцнежните археолошки ископувања било утврдено дека истата била подигната на местото на постар објект со базиликален облик од V-VI век, чиј обиколен ѕид делумно бил искористен како темел за изградба на црквата.[3] Во текот на XVI век, црквата била срушена, по што била обновена и зографисана.[2] Во тој период, манастирот освен како религиозен прераснал и во културно-просветен и книжевен центар. Низ вековите во него се одвивала плодна книжевна, препишувачка и преведувачка дејност, а свои записи оставил само книжевникот Макарија Топлички, кој за себе не оставил никакви позначајни податоци.[4] Денес, од објектите што се наоѓале во рамки на манастирот е зачувана само црквата, која е запуштена и оставена во лоша состојба. Нејзините ѕидови се растресуваат како последица на минирањето на карпите во околниот каменолом. Во внатрешноста на црквата, олтарниот простор, наосот и страничните параклиси се во многу лоша состојба. Во црквата долго време нема богослужба, а внатрешноста нема црковен мебел или каков било инвентар.[2] ГрадбиЦрква „Св. Никола“Црквата во нејзиниот првобитен облик најверојатно била изградена во XIV век, на што укажуваат двослојните фрески зачувани на нејзиниот западен ѕид. Таа била градена од кршен камен и кал, и од неа денес се зачувани само западниот ѕид, западниот влез, а најверојатно и подот од камени плочи поставени во средишниот дел на наосот во вид на медалјон. Со археолошките ископувања во 1982 и 1984 година било утврдено дека најстарата средновековна црква била еднокорабна градба која лежела на местото на постар објект со базиликален облик од V-VI век, чиј обиколен ѕид делумно бил искористен како темел за изградба на црквата.[3] Во текот на XVI век, црквата била срушена и обновена, а нејзин ктитор станал кратовскиот кнез Димитар Пепиќ. Како доказ за тоа служи и главниот ктиторски натпис во наосот на манастирскиот собор над западната врата од 1536-1537 година, според кој црквата е изградена во времето на игуменот јеромонах Павнутие кој бил потпомогнат од Кир Димитар Пепиќ.[2] Црквата има базиликален облик со по два доѕидани параклиса на јужната и северната страна, како и дополнителна просторија на западната страна. Главната апсида на олтарскиот простор е нагласена и однадвор е втопена во ѕидна маса. Лево и десно од неа се наоѓаат нишите на олтарниот простор и ѓаконик, кои исто како и главната олтарска апсида однадвор се втопени во ѕидна маса. Олтарскиот простор своевремено бил одделен од наосот со иконостас, но денес од него денес нема остатоци освен лежиштето на подот и сликаните бордури на страничните ѕидови.[5] КонациПо примерот на најзначајните средновековни манастири, во склоп на Топличкиот манастир имало и конаци. Во нив биле сместени библиотека и училиште. Сепак, поради запуштеноста на манастирот, тие се распаднале и срушиле, така што денес не постојат.[4] Галерија
Наводи
Надворешни врски
|
Portal di Ensiklopedia Dunia