Топчеста флејта (Мрамор)

Топчеста флејтанеолитска флејта од видот окарина пронајдена во 1989 година во археолошкото наоѓалиште Мрамор кај селото Чашка, 15 км северно од Велес, од страна на археологот Трајанка Јовчевска.

Опис

Артефактот е мал глинен наод откриен при археолошките истражувања во делот преоран со механизација. Предметот е изработен од пречистена црвена глина со нерамномерна боја која на одредени места е потемнета како резултат од горење. Наодот е целосно зачуван и има неправилен топчест, односно елипсовиден облик со пречник од 4,7 см и има шуплива внатрешност. На површината од наодот нема украсни елементи. Предметот има три дупчиња со различен пречник (0,4-0,6см) распоредени како трите темиња на триаголникот. Отворот на врвот од замислениот триаголник е нешто поголем и на тој дел се забележува мало зарамнување, а останатите два отвори се речиси истоветни. Намената на предметот била непозната, но сомнежите дека станува збор за музички инструмент се покажале точни. Имено, од извршената стручна проценка се покажало дека археолошкиот наод е топчеста флејта.[1]

Датирање

Неолитската населба на наоѓалиштето Мрамор кај населбата Чашка се датира во широките рамки од 5000 до 4000 година пр. н. е. Имајќи го предвид фактот дека наодот топчестата флејта е најден вон археолошки контекст и не може попрецизно да се определи на кој хоризонт му припаѓал, временското определување на наоѓалиштето се зема како временска рамка за датирање и на наодот. Според трагите од горење кои се видливи на одредени делови од наодот, се претпоставува дека тој му припаѓа на постариот хоризонт на културно живеење, каде со археолошките истражувања е потврдено и страдање на населбата во пожар. За прифаќањето на оваа временска определба на наодот посочува и отсуството на украсни елементи на предметот, што е типично за постарите фази на неолитот, бидејќи во помладите фази предметите со посебна и култна намена по правило се украсени. Иако е единствен објект, стручњаците сметаат дека е показател на типот на технологија достапна во неолитската Европа.[1][2]

Намена

Не е познато дали флејтата била за изведување ритуална музика или за забава, но вршени се опити на мелодиите произведени од инструментот од музичарот Драган Даутовски кој свирел стаклена репродукција на флејтата од Мрамор, откривајќи можни неолитски мелодиски регистри и скали.[3] Даутовски рекол дека темброт на флејтата е „речиси шокантен“, а инструментот е „сведоштво за божествената моќ на музиката како најстар космички јазик“.[4]

Слични наоди на Балканот

Руничка окарина

Она што досега е пронајдено од музички инструменти на тлото на денешна Грција, а временски му припаѓаат на неолитот е „флејтата“ најдена на езерската населба Диспилио во Касторија, која е датирана во доцното камено време односно околу 5500 година пр. н. е., како и „флејтата“ која се чува во Музејот во Волос најдена на акрополот во наоѓалиштетото Сескло, а датирана во средниот неолит.<ref name=TF>

Треба да се спомене и флејтата најдена во пештерата Дивље Бабе во долината на Западна Словенија, чие датирање во рамките на европскиот палеолит (45000 години старост)[1] како и руничката окарина најдена во село Руник на Косово.

Топчеста флејта во Кина

Предна страна на шјун

Кинескиот шјун (топчеста флејта) позната е уште во неолитот. Откривањето на малата едноставна топчеста флејта од неолитското наоѓалиште Тиешан во близина на градот Лушун, се смета за еден од најстарите предци на инструментот шјун. Во зависност од раздобјата се менувал и бројот на отворите за прсти, но сепак целокупниот облик останал непроменет. Шјунот има јајцевиден облик со зарамнето дно и отвор за устата поставен на врвот.[1]

Топчеста флејта во Америка

Топчестата флејта била многу чест пронајдок на археолошките наоѓалишта од претколумбиска Америка. Домородното американско население ги изработувало инструментите во разновидни зооморфни и антропоморфни облици. Со развојот на ритуалите најстарите култури на Средна и Јужна Америка создале „танцувачки свирки” кои довеле до појавата на окарините и двокоморните дувачки садови/инструменти. На европско тло окарината ја донеле од Ацтеките. Фердинанд Кортес испратил голема група ацтечки музичари и танцувачи на дворот на царот Карло V.[1]

Поврзано

Наводи

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 Јовчевска, Трајанка. „Топчеста флејта“ (PDF). Управа за културно наследство. Посетено на 7 април 2025.
  2. Simon Wyatt, "Soul Music: Instruments in an Animistic Age", page 13, in "The Sounds of Stonehenge". Stephen Banfield (ed.), BAR British Series 504, Oxford 2009. [1] Архивирано на 4 март 2016 г.
  3. Goce Naumov, "Embodied Houses: the Social and Symbolic Agency of Neolithic Architecture in the Republic of Macedonia", page 77, in "Tracking the Neolithic House in Europe", D. Hofmann, J. Smyth (eds.). New York, 2013.
  4. Dejan Trajkoski, "Dragan Dautovski: Music is the Oldest Language", 2011. [2] Архивирано на 11 август 2024 г.

Надворешни врски

  • YouTube видеа на Драган Даутовски како свири на реплика на топчестата флејта Мрамор: [3], [4]
  • Getty Images 2007 фотографија на Драган Даутовски како држи флејта: [5]
Prefix: a b c d e f g h i j k l m n o p q r s t u v w x y z 0 1 2 3 4 5 6 7 8 9

Portal di Ensiklopedia Dunia

Kembali kehalaman sebelumnya