Црква „Св. Никола“ - Негуш
Свети Никола (грчки: Ιερός Ναός Αγίου Νικολάου) — црква во градот Негуш, Егејска Македонија. Влегува во состав на Берско-негушко-камбаниската епархија на Цариградската патријаршија.[1] Црквата се наоѓа во истоимениот парк во истоимената приградска населба Свети Никола. Сместена е во пазувите на Каракамен југозападно од Негуш, близу изворите на Арапица. Храмот е изграден во 1912 г. врз урнатините на црква изгорена од Али-паша Јанински во 1791 г. Завршен е за помалку од две години од месни мајстори, а со средства на негушани. Надвлезниот ктиторски натпис го спомнува името на Христос Каридас. Според преданието, на еден ага му се јавик Свети Никола и му рекол дека болната жена ќе му оздрави ако дозволи изградба на храм посветен нему.[1] Градбата претставува мала базилика со дрвен покрив и нартекс на запад одвоен со четири столбови. Пред опожарувањето можно е да имал монашки конак. Живописувањето е изведено во 1956 г. од негушкиот зограф Такис Хасјурас. Во наосот лево се претставени сцени од животот на Свети Никола, а десно се апостолите Петар и Павле. Таванот исто така е насликан. Во 1982 г. фреските се обновени. Иконостасот е од резбано дрво, и иконите на него се дело на негушкиот зограф Христодулос Матеу.[1] ПоврзаноНаводи
|
Portal di Ensiklopedia Dunia