Црква „Св. Никола“ - Пуста Река
Свети Никола — главна селска црква во крушевското село Пуста Река, Македонија.[1][2] Црквата се наоѓа во самото село Пуста Река. Околу нејзе се наоѓаат селските гробишта. МестоположбаЦрквата е сместена во самото средиште на Пуста Река, на околу 14,5 километри северозападно од Крушево.[3] ИсторијаЦрквата е подигната во 1881 година и во голем дел е зачувана во својата првобитна состојба. Била обновувана во 1932 година.[3] АрхитектураДенешниот изглед на црквата е изменет, препокриена е со ќерамиди и поставени се олуци. Надворешните ѕидови на црквата се измалтарени и варосани во бела боја, така што автентичниот изглед на црквата е нарушен. Таа е ѕидана од камен и малтер. Пред влезот е подигната трпезација. Во основа, таа е еднокорабна засведена градба со правоаголна основа, со средишна полукружна апсида и две мали полукружни ниши од страните. Од надврешната страна олтарната апсида е петострана со полуобличест свод. Правоаголната основа е во внатрешноста е разбиена со две низи од по два пиластри, прилепени вдолж северниот и јужниот ѕид, поврзани со слепи лакови. Над лаковите обликувана е сводна конструкција која е создадена од дрвени талпи, врз кои потоа е нанесен малтер.[3] Во црквата се влегува од западната страна. Влезниот портал е лачно обликуван и во полукружна лунета насликан е патронот на црквата. Во горната зона на ѕидовите се наоѓаат прозорски отвори – два на јужниот и по еден на северниот, источниот и западниот ѕид.[3] ФрескоживописНад западниот влез има натпис од кој дознаваме дека црквата била живописана во 1887 година од страна на браќата зографи Вангел, Никола и Коста Анастасов од Крушево, кои работеле и во црквата „Св. Никола“ во село Долно Дивјаци, па го спровеле идентичниот иконографски ситем. Живописот од 1887 година е целосно сочуван и е во добра состојба.[3] Сцените и фигурите на ѕидовите на олтарниот простор со композициите Служба на архиереите со Св. Модест, Св. Георги Палама, Св. Методија и Св. Кирил Александриски, со Богородица Ширшаја во конхата на апсидата, Визијата на Св. Петар Александриски и Жртвата на Аврам го потврдуваат вообичаениот тематски состав на декорацијата во овој дел од храмот. Репертоарот на сликаната декорација во најниската зона на наосот го сочинуваат: фигури на светители и светителки во цел раст, меѓу кои се и композициите на Св. Ѓорѓија на коњ кој ја убива ламјата, Вознесение на Св. Илија и Мачењето на Пророкот Илија.[3] Во втората зона на јужниот и северниот ѕид се насликани сцени од циклусот Христови маки и страдања, а во третата зона сцени од циклусот Големи празници и тоа: патувањето на Тројцата халдејски Мудреци, Колежот на Витлеемските деца, Бегството во Египет и Воведението на Богородица во храм. Во четвртата зона, на јужниот и северниот полуобличест свод, се насликани низа на допојасни ликови на пророци во медалјони, а во темето на сводот се насликани сцените: Светото Тројство, Исус Христос Седржител и свети Јован Претеча. На западната фасада на црквата насликана е момументална композиција на Второто Христово Пришествие – Страшниот Суд.[3] ИконостасОлтарниот простор од наосот е одделен со висок иконостас, составен од шест престолни икони и 13 помали икони.[3] Галерија
ПоврзаноНаводи
Надворешни врски
|
Portal di Ensiklopedia Dunia