Цугшпице
Цугшпице (германски: Zugspitze) — највисок врв во масивот Ветерштајн, како и највисок врв во Германија, со височина од 2.962 метри. Се наоѓа јужно од градот Гармиш-Партенкирхен, на границата помеѓу Германија и Австрија. Јужно од врвот се наоѓа Цугшпицплат (Zugspitzplatt) карстна висорамнина со бројни пештери. На страничните страни на Цугшпице се наоѓаат три ледници, вклучувајќи двата најголеми во Германија: Северен Шнефернер (Nördlicher Schneeferner) со површина од 30,7 хектари и Хеленталфернер (Höllentalferner) со површина од 24,7 хектари. Третиот ледник е Јужен Шнефернер (Südlicher Schneeferner), кој се протега на 8,4 хектари. Цугшпице бил првпат искачен на 27 август 1820 од Јозеф Наус, неговиот помошник, Мајер, и водачот, Јохан Георг Таушл. Денес, постојат три нормални патеки до врвот: едната од долината Хелентал од североисток; другата од долината Рајнтал од југоисток; и третата од запад. Во близината на врвот без проблем може да се најде сместување. На самиот Цугшпице се наоѓаат два планинарски домови, Минхенска куќа (Münchner Haus) на германска страна и Виенска колиба (Wiener-Neustädter Hut) на австриска страна. Три жичници водат до врвот Цугшпице. Првата, Тиролска жичница, изградена во 1926 и завршувала под врвот сè до 1991, кога крајната станица не била преместена на самиот врв. Запчената железница, Баварска железница, одела по северниот дел на планината и завршувала на висорамнината Цугшпицплат, од каде патниците се префрлале во жичница до врвот. Запчената железница и жичницата Ајбско Езеро, третата жичница, секоја година до врвот пренесуваат над половина милион луѓе. Зиме на висорамнината под врвот работат девет ски-лифтови. Метеоролошката станица, отворена во 1900, и истражувачката станица во Шнефернерхаус, главно се користат за набљудување на климатските појави. Наводи
Надворешни врски
|
Portal di Ensiklopedia Dunia