Јозеф Шумпетер
Јозеф Алојз Шумпетер (анг. Joseph Alois Schumpeter) (8 февруари 1883 – 8 јануари 1950)[1] бил австриско-американски економист и политиколог. Тој бил министер за финансии на Австрија во 1919 година. Важи за еден од највлијателните економисти на дваесеттиот век и го популаризирал изразот „креативно уништување“ (анг. creative destruction) во економската наука.[2] ЖивотРодното место на Шумпетер е гратчето Трешт (чеш. Třešť), (во сегашна Чешка, тогашна Австроунгарска монархија). Се родил во 1883 година, во германско семејство од католичка вероисповед. Неговиот татко бил сопственик на фабрика, но починал кога Јозеф имал само 4 години.[3] Во 1893 година, Јозеф и неговата мајка се преселиле во Виена.[4] Шумпетер ја започнал неговата кариера студирајќи правни науки на Универзитетот во Виена, каде докторирал во 1906 година. Во 1909 година станал професор на Универзитетот во Черновиц, а во 1911 година се префрлил на Универзитетот во Грац, каде предавал до Првата светска војна. Во 1919 година, станал министер за финансии во Австрија, а во периодот од 1920 до 1924 година бил претседател на прватната Бидерман Банка (Biedermann Bank). Како и поголемиот дел од регионалната економија во тој период, и банката пропаднала во 1924, оставајќи го Шумпетер во банкрот. Од 1925 до 1932, тој повторно се вратил на професорската професија, предавајќи на Универзитетот во Бон, во Германија. Подоцна, во периодот од 1927 до 1928 и 1930 година, тој предавал на Харвард (анг.: Harvard University. Во 1931 година, бил визитинг-професор на Токискиот Колеџ за Маркетинг. Во 1932 година се преселил во САД, каде добил американско државјанство во 1939 година. Шумпетер имал конзервативни политички ставови. На почетокот на Втората светска војна, бил под истрага на Федералното истражно биро (анг. Federal Bureau of Investigation или скратено FBI) под сомнение дека бил вмешан во нацистички ориентираните движења, но не бил пронајден никаков доказ дека имал некакви симпатии кон нацизмот.[5] За време на предавањето во Харвард, Шумпетер не можел да се пофали со висок престиж во очите на неговите колеги, заради тоа што неговите погледи изгледале како застарени и спротивни на кејнзијанизмот (анг. Keynesianism) - учењето на Џон Мејнард Кејнс (анг. John Maynard Keynes). Овој период во животот на Јозеф Шумпетер се одликувал со многу напорна работа, но малку признавање и неприфаќање на неговите идеи. Иако Шумпетер се обидувал да охрабри некои млади математичари во областа на економијата, тој не бил математичар, туку економист кој сакал да вметне социолошко разбирање во неговите економски теории. Дури и денес се дискутира за тоа дека Шумпетеровите идеи за економските циклуси и економскиот развој не може да бидат целосно објаснати по математички пат. Шумпетер велел дека тој има три цели во животот: да биде најголемиот економист во светот, да биде најдобриот коњаник во цела Австрија и да биде најдобриот љубовник во цела Виена. Тој кажал дека во животот, успеал да постигне две од неговите три цели, но никогаш не кажал на кои две цели мислел,[6][7] иако во една прилика спомнал дека во Австрија има премногу солидни коњаници за да има простор тој да успее во своите аспирации.[8] Шумпетер починал во неговиот дом во Таконик (анг. Taconic) на возраст од 66 години, ноќта на 7 јануари 1950 година.[9][10] Работата и придонесите на Јозеф А. ШумпетерВлијаниеИзворот на Шумпетеровата динамичност, ориентираност кон промени и економија заснована врз иновации бил Историската економска школа. Иако неговата работа може да се разбере како критика за Историската економска школа, сепак трудовите на Шумпетер на темите иновација и претприемништво може да се разберат и како продолжување на идеите токму на оваа школа, посебно работата на Густав вон Шмолер (Gustav von Schmoller) и на Вернер Зомбарт (Werner Sombart).[11][12] Економски циклусиПоврзаноста на Шумпетеровите идеи со идеите на другите економисти била доста сложена во неговите најважни придонеси на економската анализа - теоријата на економските циклуси и економскиот развој. Не следејќи ги ниту Валрас, ниту Кејнз, Шумпетер го започнува својот труд Теоријата на економски развој (анг. The Theory of Economic Development[13]) со расправа за кружниот тек кој, исклучувајќи ги иновациите и иновативните активности, води до состојба на стационарност. Состојбата на стационарност, според Шумпетер, е опишана преку Валрасовата рамнотежа. Кај Валрас, херојот во приказната (она нешто што ја придвижува економијата) е претприемачот.
Претприемачот ја нарушува рамнотежата и тоа е првичната причина за економски развој кој продолжува во кружен тренд низ неколку временски периоди. Со формирањето на оваа теорија која ги поврзува иновациите, циклусите и развојот, Шумпетер ги одржува во живот идеите нанНиколај Кондратиев за 50-годишните циклуси - Кондратиевите бранови. Шумпетер предложил модел во кој четирите главни циклуси: Кондратиевиот од 54 години, Кузнетовиот од 18 години, Жугларовиот од 9 години и Кичиновиот циклус од околу 4 години, може да бидат споени заедно и да формираат поврзани бранови. Три Кузнецови бранови можеле да оформат еден Кондратиев бран.[14] Секој од Кузнецовите бранови би можел да се состои од два Жугларови бранови. Слично на ова, два (или три) Кичинови бранови можеле да оформат Жугларов бран. Под претпоставка дека секој бран означува фази во економијата, преклопувањата на долниот лак на брановите нема да бидат случајни, тоа ќе може да ги објасни драстичните падови и долготрајните депресии. Што се однесува до поделбата на Кондратиевиот бран, Шумпетер никогаш не предложил подобрен модел. Тој увидел дека овие циклуси (бранови) се варијабилни (се поместуваат) во времето - иако се работело за мали, и според него случајни, временски поместувања - и секој од овие циклуси служел за одредена цел. Шумпетер за КејнзијанизмотВо Шумпетеровата теорија, различна од теоријата на Кејнз, Валрасовата рамнотежа не е соодветна да ги опфати клучните механизми на економскиот развој. Шумпетер, исто така, сметал дека институциите кои му овозможуваат на претприемачот да ги набави потребните ресурси за реализација на неговата визија претставуваат добро развиен капиталистички финансиски систем кој во себе вклучува цел ланец од кредитори. Економистите, можат да се поделат на (1) такви кои вршат реални анализи и ги сметаат парите за небитна категорија (парите се неутрална категорија која нема влијание врз економијата), и (2) такви кои мислат дека монетарните институции се важни и ги сметаат парите како движечка сила (парите не се неутрална категорија, напротив тие можат да поттикнат зголемување на општествениот производ и да придонесат за економскиот равзој). И Кејнз, и Шумпетер, спаѓаат во втората група економисти. Шумпетер за крајот на капитализмотСе смета дека најпознатата книга која ја напишал Шумпетер е Капитализмот, социјализмот и демократијата (анг. Capitalism, Socialism and Democracy). Иако ја прифаќа теоријата на Маркс дека капитализмот ќе пропадне и ќе биде заменет со социјализам, Шумпетер заклучува дека до тоа нема да дојде на начинот на којшто предвидел Маркс. За полесно опишување, тој ја употребува фразата креативно уништување (анг. creative destruction) и со неа го опишува процесот во кој старомодните начини за правење на некои работи се ендогено уништени и заменети од нови начини. Шумпетеровата теорија вели дека успехот на капитализмот ќе доведе до облик на корпоративизам и негување на вредности спротивни на капитализмот, посебно помеѓу интелектуалците. Тој, исто така, вели дека интелектуалната и општествената клима која му е неопходна на претприемништвото за да напредува, нема да постои во понапредниот капитализам и ќе биде заменета од некоја форма на социјализам. Понатаму, нема да постои револуција, туку само тренд во парламентите на избирање на социјалдемократски партии. Тој смета дека пропаста на капитализмот однатре, за демократското мнозинство ќе дојде како гласање за ограничувања на претприемништвото кое не само што ќе ја забави и уништи капиталистичката структура, туку и ќе го нагласи неполитичкиот процес во општеството каде слободниот капитализам евоулирал во демократски социјализам заради засиленото работничко управување, индустриската демократија и регулаторните институции.[15] Шумпетер за демократската теоријаШумпетер ја спротивставува на класичната доктрина својата теорија на демократијата. Тој ја разгледувал идејата дека демократијата е процес преку кој електоратот (гласачкото тело) ги идентификува заедничките интереси (јавните добра), и политичарите ги остваруваат тие интереси во нивно име. Тој објаснува како е тоа нереално и на крајот народот завршува изманипулиран од политичарите. Со ова концептот владеење на народот добил димензија на нереален и непожелен. Шумпетер предлага минималистички модел, под влијание на Макс Вебер (Max Weber), каде демократијата е механизам за натпревар помеѓу водачите, многу слично како на пазарот. Иако гласовите од електоратот им даваат легитимитет на владите и ги принудуваат владите на одговорност, сепак политичките програми се гледаат како сопственост на политичарите, а не на народот, и партиципативната улога на поединечни лица е најчество многу ограничена. Шумпетер за претприемништвотоШумпетер е еден меѓу првите, ако не и првиот, кој развивал теории на полето на претприемништвото. Неговите фундаментални теории се именувани „Маркс I“ и „Маркс II“. Во првата теорија, Шумпетер вели дека иновацијата и технолошкиот напредок на една земја потекнуваат од претприемачите, или немирните (диви) духови (анг. wild spirits). Тепријата „Маркс II“ била развиена кога Шумпетер бил професор на Харвард. Тој тврдел дека агентите кои ги движат иновациите и економијата се големи компании кои располагаат со доволно ресурси и капитал, за да инвестираат во истражување и развој. И двете теории се комплементарни една на друга. Најзначајни трудови и дела
Наводи
|
Portal di Ensiklopedia Dunia