Бела тресиопашка
Белата тресиопашка (науч. Motacilla alba) е мала врапчевидна птица, од семејството на тресиопашките (Motacillidae). Видот е распространет речиси низ цела Европа и Азија, и во делови на северна Африка. Ја има и во Македонија. Во умерените краишта е постојан жител, но во постудените е птица преселница која зимува во Африка. Таа е инсектојадна птица на отворената земја, која претпочита во близина да има вода. Сака голи предели каде може да го види пленот. Во урбаните средини се прилагодува и се храни на поплочените паркинзи. Гнезди во дупките на камените ѕидови и слични вештачки или природни места. Белата тресиопашка е национална птица на Латвија.[2] Таксономија и систематизација![]() Белата тресиопашка е еден од многуте видови за првпат опишани од Карл Лине во неговата книга од 18 век Systema Naturae, и сè уште го носи своето оригинално научно име Motacilla alba.[3] Во моментов се издвојуваат 9 или 11 подвида. Разликите во боите на перјето и распространетоста на подвидот се прикажани подолу:[4]
Опис![]() Белата тресиопашка е тенка, витка птица, со должина од 16.6 до 19 см (источноазиските се подолги и достигаат до 21 см), со карактеристична долга опашка која постојано се тресе. Нејзината просечна тежина е 25 грама, а животен век околу 12 години.[6] Номинираниот подвид Motacilla alba alba, во основа е сива одозгора и бела одоздола, со бело лице, црна капа и црн врат. Таа има повеќе подвидови кои се разликуваат во шарките на перјето на крилјата, грбот или главата. Некои раси покажуваат полов диморфизам за време на сезоната на парење. Околу 6 подвида може да бидат присутни во Индија или југоисточна Азија за зимување и тука тешко може да се распознаваат.[7][8][9][10] Повикот е остро чисик, а песната е пријатно црцорење.[11] Распространетост и живеалиштеОвој вид се размножува низ Евроазија до 75° северна географска ширина, а единствено го нема во Арктикот каде температурата во јули е помалку од 4 °C. Исто така, се размножува во планините на Мароко и западна Алјаска. Живеалиштата му се разновидни и единствено го нема во пустините.[11] Белата тресиопашка е постојан жител во умерените делови на својот опсег, како западна Европа и Средоземјето, но е птица преселница во остатокот од својата распространетост. Северноевропските птици зимуваат околу Средоземјето и во тропска и субтропска Африка,[12] а азиските птици се селат во Среден Исток, Индија,[5] и југоисточна Азија.[13] Птиците од северна Америка, исто така, се селат во тропска Азија.[14] ПоведениеНајвидлива и најкарактеристична навика на оваа птица е постојано тресење на опашката, од каде и го добила името на своето семејство. Но сепак, покрај очигледноста на ваквото поведение, сè уште не е сосема јасно зошто го прави тоа. Се сугерира дека можеби така го разбркува пленот или покажува покорност кон другите тресиопашки. Во неодамнешна студија, пак, се претпоставува дека на тој начин ја покажува својата будност пред потенцијалните грабливци.[15] ИсхранаИсхраната на белата тресиопашка варира според локацијата, но земните и водните инсекти, како и останатите безрбетници се основата на нејзината исхрана. Јаде разни бубачки, вилини коњчиња, мали полжави, пајаци, црви, ракчиња, и најважно - муви.[5] Не е невообичаено да јадат и мали рипчиња. На некој начин, исхраната на белата тресиопашка е невообичаена, затоа што онаму каде што е постојан жител и преку зимата продолжува да се храни со безрбетници, за разлика од другите птици кои во тој период јадат растителна храна.[16] Размножување![]() ![]() Белите тресиопашки се моногамни птици кои си ја бранат територијата за размножување.[5] Сезоната на парење трае од април до август, а започнува малку подоцна во посеверните краишта. Двата родитела се одговорни за градењето на гнездото, мажјакот е оној што го започнува, а женката го завршува процесот. При второто легло кај подвидот personata женката сама го гради второто гнездо, а мажјакот ги доодгледува младенчињата од првото.[17] Гнездото претставува груба чашка направена од гранчиња, трева, лисја и други растителни материјали. Внатре е послано со меки материјали, вклучувајќи и животински влакна. Го сместуваат во пукнатина или дупка, по можност веднаш до река или ров, но, исто така, се прилагодуваат во урбани услови, па гнездат во ѕидови, мостови и згради. Едно гнездо е пронајдено во череп на морж, а многу често овие птици ги прават гнездата и во внатрешноста на поголеми гнезда од други птици, како на пример, на златен орел.[17] Несат 3-8 јајца, но обично 4-6. По боја се кремави со синозелен или тиркизен сјај и со црвеникави многубројни точки.[18] Обата родитела ги квачат јајцата, иако женката тоа го прави повеќе, инкубирајќи ги ноќе. Јајцата се испилуваат по 12 (најдоцна 16) дена. Пилињата ги хранат двајцата родители додека тие да се оперјат по 14 дена, и уште една недела потоа. Познато е дека оваа птица е често домаќин на кукавицата, но таа откако ќе забележи дека гнездото ѝ е со паразит, го напушта. Научниците теоретизираат дека ова се случува затоа што тресиопашката е многу мала за да го истурка јајцето и има премал клун за да го уништи.[19] СтатусОвој вид има широка распространетост, на повеќе од 10 милиони км². Големината на популацијата не е позната, но се верува дека е многу голема опишувајќи го овој вид како вообичаен во поголемиот дел од нејзиниот опсег. Статусот на белата тресиопашка е вид со најмала загриженост.[1] Популацијата во Европа е стабилна.[12] Видот добро се адаптира кон промените предизвикани од човекот и ги користи градежните структури за свои места за гнездење, а отворените поплочени површини за исхрана.[5] Во многу градови, впечатливо во Даблин, на пример, големи јата доаѓаат да презимуваат. Галерија
Наводи
Надворешни врски
|
Portal di Ensiklopedia Dunia