Георги Гонгаѕе
Георги Гонгаѕе (украински: Георгій Русланович Ґонґадзе, Heorhiy Ruslanovych Gongadze, грузиски: გიორგი ღონღაძე; 21 мај 1969 — 17 септември 2000) — украински новинар од грузиско потекло кој бил киднапиран и убиен во 2000 година.[1] Според наводи од вештаците, тој бил грабнат во центарот на Киев, а потоа обезглавен и фрлен во една шума во близина на главниот украински град. Околностите кои довеле до негово убиство предизвикале државен скандал во Украина, како и големи протести против владата и тогашниот претседател Леонид Кучма. За време на „Скадалот со касетите“ во јавноста биле пуштени фонограмски записи каде можело јасно да се слушне разговорот помеѓу Леонид Кучма, Владимир Литвин и други влијателни лица од политичкиот живот во Украина како коментираат дека „Гонгаѕе треба да биде замолчен“ поради неговите текстови во кои отворено зборува за корупцијата во високите политички кругови. На 4 март 2005 г. бил убиен Јуриј Кравченко со два истрели во главата. Тој бил поранешен министер за внатрешни работи, а бил застрелан само неколку часови пред да ја положи заклетвата како сведок во случајот Гонгаѕе. Кравченко бил претпоставен на четворицата полицајци за кои се мислело дека се извршители на убиството на Гонгаѕе. Официјалното соопштение за смртта на Кравченко било дека тој се самоубил, но медиумите ја оспориле неговата веродостојност.[2] Тројца вработени во тајната полиција, Валериј Костенко, Никола Проташов и Александар Попович биле уапсени под сомнение дека се извршители на злосторството во март 2005. Четвртиот приведен бил шефот на полициската единица Алексеј Пукач, во јули 2009 година. Судот ги прогласил тројцата агенти за виновни и им доделил затворски казни во времетраење од 13 години за Проташов, и по 12 за Костенко и Попович. Казните биле изречени во март 2008, а судењето започнало во јануари 2006. Семејството на Гонгаѕе искажало револт поради тоа што судскиот процес не ги казнил нарачателите на делото. До ден денес, никој не е обвинет дека издал наредба за погубување на новинарот Гонгаѕе.[3] Сопругата на Георги, Мирослава Гонгаѕе и нивните две деца добиле политички азил од САД, и живеат таму од 2001 година. На 23 август 2003 г. Гонгаѕе бил прогласен за национален херој од страна на претседателот Виктор Јушченко.[4] Наводи
Надворешни врски
На македонски:
На англиски:
На украински:
Литература
Поврзано |
Portal di Ensiklopedia Dunia