Наоѓалиштето е сместено 5 км северозападно од Охрид, над пештерната црква „Св. Еразмо“. Ова место се нарекува Габавски Рид, кој се извишува во планината Галичица. Објектот го носи прекарот Македонската Микена заради киклопската градба на рушевините.[3][4]
Опис и одлики
Според археолошките истражувања, монументалната градба на ова утвдена населба датира од IV век п.н.е. и била престолнина на племето Енхелејци (Енгелани), подоцна наречени Десарети. Тие во антиката го населувале подрачјето околку денешен Охрид и на запад граничеле со териториите на Илирите. Според археологот Паско Кузман ова племе не е илирско или старогрчко, туку е дел од етничките супстрати од кои подоцна настанал македонскиот народ. Се смета дека Енхелејците ги основале градовите Лихнид (претходник на денешен Охрид) и Енхалон (веројатно денешна Струга).[5]
Првите делумни ископувања на киклопските ѕидини се извршени во 1931 и 1932 г. од страна на германскиот архгеолог Вилхелм Унферакт и југословенскиот археолог Миодраг Грбиќ од Народниот музеј во Белград. Археолозите го проучувале највисокиот дел на тврдината, каде се смета дека живеел владетелот и неговиот двор, како и западните ѕидини, кои биле зајакнати од шест моќни монументални кули, изградени од мегалитни каменни блокови со големина од 1,80 × 0,90 м.[7]