Маличко Езеро
Маличко Езеро, поретко Совјанско Езеро[1] (албански: Liqeni i Maliqit) — поранешно езеро во Албанија, исцедено кон средината на XX век, а наречено по паланката Малик на исток од него. Се наоѓало во македонскиот крај, помеѓу Охридското Езеро на север и градот Горица (Корча) на југ, во долината на реката Девол. исполнувало добар дел од просторот на денешно Горичко Поле, и на исток се граничело со областа Мала Преспа. Во праисторијата сочинувало една целина со Преспанското, а веројатно и Охридското Езеро, наречена Десаретско Езеро. На неговите брегови се најдени остатоци од населби уште од неолитско време. Пред неговото исцедување, било најважното живеалиште на кадравиот пеликан во земјата.[2] Францускиот историчар и истражувач Франсоа Пуквил направил опширна обиколка на регионот за време на Наполеоновото владеење и забележал дека Маличкото Езеро е долго 8, а широко 2 км, и дека неговите води се одлеваат во реката Девол преку водопад.[3] ИсторијаНастанокЕзерото е дел од Десаретската група во која спаѓаат Големото Преспанско, Малото Преспанско и Охридското Езеро.[4][5] Се претполага дека настанало во времето кога овие езера биле обединети во Горичкото Поле, а веројатно и со Егејското Езеро. Некои тврдат дека Охридското има посебен настанок поради неговиот статус како најстаро езеро во Европа заедно со Каспиското. Оттука, се смета дека е создадено некаде по средината до крајот на горен миоцен или во плиоценот, кога престанал непосредниот проток на вода од Десаретскиот во Егејскиот слив.[5] АрхеологијаНеолитските населби пронајдени на езерскиот брег во облик на земјанки се претставителни за Средоземјето во тоа време, и се смета дека тие биле урнек за создавањето на ваквите живеалишта во Средна Европа. Наодите од овие населби можат да се видат кај селото Совјани во долината на Девол во Горичката област.[6][7] ИсцедувањеСо доаѓањето на италијанска власт во Албанија и соседна западна Македонија во 1939 г. донесено е решение за исцедување на бројни моклишта со цел да се искорени маларијата.[8] Постепеното исцедување на Маличкото Езеро започнало во 1946 г. со што се исушени 60.000 хектари мокри подрачја, а добиени се 170.000 хектари обработливо земјиште, на кое се заседени првите полиња со шеќерна репка.[9] Потфатите се направени со трудот на затвореници осудени од комунистичкиот режим и сместени во работен логор крај езерото. Некои од осудените работници умреле поради лошите услови и тешката работа,[10] додека пак други се осудени на смрт поради саботирање со цел да се запре работата.[10] ПоврзаноНаводи
|
Portal di Ensiklopedia Dunia