Михајло Керамитчиев — македонски национален деец од Егејскиот дел на Македонија, борец за националните права на Македонците под Грција. Роден е во село Габреш, Костурско. Потекнувал од селско печалбарско семејство. Основно образование завршил во родното село, а класична гимназија во Костур. Од 1934 година е симпатизер на КПГ, а од 1935 и нејзин член. Во 1939 година е уапсен во Костур, каде што во затворите е до мај 1940 година. Учествувал во Грчко-италијанската војна и од Албанскиот фронт, заедно со други 400 Македонци, бил интерниран на островот Кефалонија. Со капитулацијата на Грција, тој се активирал и бил назначен за одоговорен по оружјето во областа Корешта. Во 1943 година, тој бил назначен за командант на резервната единица на СНОФ во Корешта. Избран бил за пратеник на ПЕЕА за Костурска околија. Во 1944 година е назначен за политички комесар на Лериско-костурската бригада и на Првата егејска ударна бригада. Член е на Политичката комисија за ослободување на Македонците под Грција, а потоа е секретар и претседател на Главниот одбор на НОФ. Во ДАГ, тој бил унапреден во чин потполковник.
Извори
- Егејска Македонија во НОБ 1945, Том II, Скопје 1973.