Наоми Осака
Наоми Осака (родена на 16 октомври 1997 г. во Осака, Јапонија) — јапонска професионална тенисерка. Таа е поранешен светски бр. 1 играч и прв азиски играч кој се нашол на првото место на ВТА листата во поединечна конкуренција, како и првиот играч од Јапонија — маж или жена — кој бил рангиран како светски бр. 1 играч.[1] Таа е четирикратна гренд слем шампионка во поединечна конкуренција, со освоени две титули на Отвореното првенство на Австралија (2019, 2021) и две титули на Отвореното првенство на САД (2018, 2020). Таа е првата тенисерка која успеала да освои два гренд слем турнири едноподруго по Серена Вилијамс во 2015 година. Родена во Јапонија во семејство на татко хаиќанец и мајка јапонка, Осака живеела и тренирала во САД од својата тригодишна возраст. Таа дошла до израз на 16-годишна возраст кога ја победила поранешната гренд слем шампионка Саманта Стосур на нејзиниот прв настап на ВТА турнирите. Две години подоцна, во 2016 година, таа за прв пат се пласирала во финале на ВТА турнир, и тоа на Отвореното првенство на Токио и за прв пат била рангирана во првите 50 играчи на ВТА листата. Осака се пробила во горниот ешалон на женскиот тенис во 2018 година кога ја освоила својата прва ВТА титула на отвореното првенство на Индијан Велс. Подоцна во годината, таа ја победила 23-кратната гренд слем шампионка Серена Вилијамс на Отвореното првенство на САД, станувајќи првата јапонска тенисерка која освоила гренд слем титула во поединечна конкуренција. На терен, Осака се одликува со агресивен стил на игра диктиран од основната линија, со силни форхенд удари и сервиси кои може да достигнат брзина до 201 км/ч. Осака е една од најдобро платените спортисти во светот, и се нашла на 8. место на списокот на спортисти со највисока заработка за 2020 година. Таа исто така била именувана како спортистка со највисока заработка на сите времиња според годишниот приход остварен таа година. Осака се стекнала со значително признание како активист, покажувајќи поддршка за движењето Black Lives Matter (Црните животи се важни) во текот на натпреварите. Таа била именувана во списокот 100 највлијателни луѓе во светот кој го објавува списанието Тајм во 2019 и 2020 година. Покрај тоа, таа ја добила наградата Лауреус за најдобра светска спортистка во 2021 година. На летните олимписки игри 2020 одржани во Токио, таа ја добила честа да го запали олимпискиот оган на свеченото отворање на игрите, со што станала првата тенисерка во историјата со таков подвиг. Ран живот и потеклоНаоми Осака е родена на 16 октомври 1997 година во Осака, Јапонија во семејството на Тамаки Осака и Ленард Франсоа.[2] Нејзината мајка е од Немуро, Хокаидо, Јапонија, а нејзиниот татко е од Жакмел, Хаити. Таа има постара сестра, Мари, која е поранешна професионална тенисерка. Двете девојки го добиле презимето на нивната мајка поради практични причини кога семејството живеело во Јапонија. Родителите на Осака се запознале кога нејзиниот татко Ленард бил на патување на Хокаидо додека бил студент на колеџ во Њујорк.[3][4] Кога Осака имала три години, нејзиното семејство се преселило во Елмонт, Њујорк на Лонг Ајленд, за да живее со семејството на нејзиниот татко. Татко ѝ бил инспириран да ги учи неговите ќерки како да играат тенис гледајќи ги Серена Вилијамс и Венус Вилијамс на Отвореното првенство на Франција во 1999 година. Имајќи мало искуство како тенисер, тој се угледал на Ричард Вилијамс кој од неговите ќерки направил едни од најдобрите играчи во светот, и покрај тоа што не го играл спортот. Тој започнал да ги тренира Наоми и Мари веднаш штом тие се преселиле во САД.[3] Во 2006 година, нејзиното семејство се преселило на Флорида за тие да имаат подобри можности за тренинг. Таа тренирала на терените во Пембрук Пајнс во текот на денот и била школувана дома навечер.[3] Кога таа имала 15 години, таа започнала да работи со Патрик Таума во Академијата ИСП.[5] Во 2014 година, таа се префрлила во тениската академија на Харолд Соломон.[6] Таа подоцна тренирала и во академијата ProWorld.[7] Иако Осака израснала во САД, нејзините родители одлучиле нивните ќерки да играат под знамето на Јапонија. Тие рекле, „Одлучивме Наоми да игра за Јапонија уште на нејзина најрана возраст. Таа е родена во Осака и воспитана во домаќинство на јапонска и хаитска култура. Едноставно, Наоми и Мари отсекогаш се чувствувале како јапонки, па тоа ни беше нашето единствено образложение. Одлуката никогаш не била финансиски мотивирана ниту под влијание на било која национална федерација.“[7] Тениската федерација на САД ѝ понудила можност на Осака да тренира во нивниот национален тренинг центар во Бока Ратон кога таа имала 16 години, но таа ја одбила понудата.[7] Професионална кариера2011–2015: Почетоци и пласман во Топ 150![]() Осака не играла на јуниорски турнири на ИТФ, и единствено играла на неколку јуниорски турнири на која било возраст.[8] Таа веднаш започнала да игра на ИТФ турнири и го одиграла својот прв квалификациски натпревар во октомври 2011 година на својот 14. роденден.[9] Таа потоа за прв пат се нашла во главен жреб во двојки на следниот турнир во март со нејзината сестра Мари. Во меѓувреме, таа не успевала да се квалификува во главен жреб во поединечна конкуренција сè до јули, во нејзиниот седми обид. Во 2012 година, нејзин најдобар резултат бил полуфинале на турнир вреден 10 илјади долари во Амелија Ајленд, каде била поразена во полуфиналето од нејзината сестра.[10] Осака никогаш не успеала да освои титула на ИТФ нивото, и покрај тоа што четири пати играла финале на овие турнири во периодот 2013–2015 година.[10] Во септември 2013 година, Осака станала професионална тенисерка непосредно пред да наполни 16 години.[11] Таа за прв пат играла квалификации на ВТА турнејата истиот месец на турнири во Квебек и Токио. Турнирот во Токио бил можност за Осака за прв пат да се натпреварува професионално во Јапонија.[10] Следното лето, таа се квалификувала за прв пат во главен жреб, на ВТА турнирот во Станфорд. На својот деби натпревар, Осака ја изненадила светскиот бр. 19, и поранешен гренд слем шампион, Саманта Стосур. Таа се уште имала 16 години и била рангирана како 406. во тој момент.[12][13] Осака исто така победила на натпревар на отвореното првенство на Јапонија, каде во главниот жреб влегла со вајлд карта.[14] Овие победи и помогнале на Осака да се пробие во најдобрите 250 тенисерки на ВТА листата пред крајот на сезоната.[15] И покрај тоа што не извдојувала ниту една победа на ВТА турнир во 2015 година, Осака продолжила да го подобрува својот ранкинг.[8][15] Таа играла две финалиња на ИТФ турнири, првиот со вредност од 75 илјади долари во Гифу, Јапонија и вториот со вредност од 50 илјади долари во Сербитон, Обединетото Кралство.[10] По овие резултати, Осака била доволно рангирана за да игра во квалификациите на последните два гренд слем турнири во годината, Вимблдон и Отвореното првенство на САД. Таа победила на својот прв натпревар во квалификациите во Њујорк, но не успеала да се квалификува за главниот жреб.[10] Сепак, Осака ја завршила сезоната со одлични игри. Во октомври за време на завршиот ВТА турнир, таа победила на егзибицискиот турнир за играчи во подем, победувајќи ја тогаш светскиот бр. 35, Каролин Гарсија во финалето.[16] Таа продолжила да игра во ноември, и се пласирала во своето најголемо финале до тогаш, на турнирот во Хуа Хин, Тајланд, во рамки на серијата ВТА 125, каде загубила од Јарослава Шведова. Таа ја завршила 2015 година рангирана на 144. место на ВТА листата.[15] 2016: Прво ВТА финале, најдобар нов играч![]() Осака ја започнала сезоната играјќи три турнири во Австралија. Нејзините резултати во овој дел од сезоната биле доволно добри за да ја доведат блиску до најдобрите 100,[15] што и овозможило да игра на турнири од ВТА турнејата во текот на цела година.[8] Најзначајно, таа се квалификувала за својот прв гренд слем главен ждреб на Отвореното првенство на Австралија и стигнала до третото коло. Конкретно, таа ја изненадила свтскиот бр. 21, Елина Свитолина, со победа во два сета во второто коло пред да биде поразена од светскиот бр. 16, Викторија Азаренка.[17] Назад во САД, Осака добила вајлд карта за учество на Отвореното првенство на Мајами, што било нејзино прво учество на турнир од категоријата ВТА Премиер. На турнирот, таа победила на два натпревари, вклучително победувајќи ја светскиот бр. 18, Сара Ерани.[18] Со овој успех, таа за прв пат напредувала во првите 100 тенисерки на ВТА листата.[15] Во сезоната на земја пред Отвореното првенство на Франција 2016, Осака успеала да се квалификува во главен жреб само на турнирот на Отвореното првенство на Чарлстон, каде била веднаш поразена во првото коло.[10] Сепак, Осака била доволно високо рангирана за да игра во главниот жреб на турнирот во Париз. На првиот настап во Париз, таа забележала победи над Јелена Остапенко и Мирјана Лучиќ-Барони, но загубила од светскиот бр. 6 Симона Халеп, иако го добила првиот сет на натпреварот.[19][20] Таа потоа не играла на сезоната на трева откако се здобила со повреда набргу по настапот во Париз.[21] Осака се вратила на тенисот кон средината на јули.[10] На Отвореното првенство на САД 2016 во август, таа по трет пат стигнала до трето коло на гренд слем турнир во годината, но овој пат била поразена од светскиот бр. 9, Медисон Кис во три сета.[22] Следно, Осака играла на два турнири во Токио, забележувајќи пораз во второто коло на Отвореното првенство на Јапонија.[23] Откако веќе стигнала до своите први две четвртфиналиња на ВТА во кариерата на почетокот на годината, таа земала учество со вајлд карта на Отвореното првенство на Токио, турнир од Премиер категорија. Таа ги победила светскиот бр. 12, Доминика Цибулкова и светскиот бр. 20 Свитолина, на патот до своето прво ВТА финале, на само 18. годишна возраст. Дополнително, таа била првиот домашен играч кој стигнал во финалето на турнирот по Кимико Дате во 1995 година.[24][25] Во финалето, Осака била поразена од Каролина Возњацки.[26] Сепак, таа за прв пат влегла во најдобрите 50 на ВТА листата.[15] На крајот на годината, таа ја добила наградата на ВТА за најдобар нов играч.[27] 2017: Пад во формата, две Топ 10 победиПо нејзиниот огромен напредок претходната сезона, Осака не била во можност да напредува во рангирањето во 2017 година. Сепак, таа одржала стабилен пласман во текот на целата сезона, не се искачила повисоко од бр. 44, и не паднала пониско од бр. 68 на ВТА листата.[15] Во годината, таа не успеала да сврзе повеќе од две победи на било кој турнир во главен жреб.[10] Најдобар резултат во сезоната, Осака остварила на Отвореното првенство на Канада, каде стигнала до осминафиналето како квалификант. На турнирот, таа ја изненадила светскиот бр. 16, Анастасија Севастова, но потоа била принудена да се повлече во натпреварот против светскиот бр. 1, Каролина Плишкова, поради абдоминална повреда. Таа го освоила вториот сет против Плишкова.[28] Нејзините следни најдобри резултати во годината биле на последните два гренд слем турнири, каде стигнала до третото коло на Вимблдон и на Отвореното првенство на САД. Таа имала одлично деби на Вимблдон, победувајќи ја светскиот бр. 23, Барбора Стрицова, пред да биде поразена од светскиот бр.11, Венус Вилијамс.[29][30] Во Њујорк, таа ја изненадила бранителот на титулата и светскиот бр. 6, Анџелик Кербер, забележувајќи ја првата победа над топ 10 играч во кариерата.[31][32] Сепак, таа била поразена во третото коло од Каја Канепи.[33] Осака конкретно се напрегала на турнирите на Земјина подлога. По победата на нејзините први два натпревари на Отвореното првенство на Чарлстон,[34] таа не победила на ниту еден друг натпревар во главен жреб на земја до крајот на сезоната. Осака одиграла добро на сезоната на трева, забележувајќи 4 победи и 4 порази.[10] Нејзините најголеми победи во сезоната се случиле на тврда подлога. Покрај резултатите на отворените првенства на Канада и САД, таа ја остварила својата втора топ 10 победа над светскиот бр. 5, Венус Вилијамс, на Отвореното првенство на Хонк Конг, што бил нејзин последен турнир во годината.[35] Таа ја завршила сезоната како светски бр. 68, со уназадување од 28 места во споредба со претходната сезона.[15] 2018: Првак на Отвореното првенство на САД![]() По назадувањето во 2017 година, Осака започнала да тренира со Саша Бајин во претсезоната.[36][37] На нивниот втор турнир заедно, Осака го забележала најдобриот резултат на гренд слем турнирите до тогаш. На Отвореното првенство на Австралија, таа стигнала до четвртото коло, победувајќи два играчи од топ 20, и тоа Елена Веснина и домашната миленичка Ешли Барти, за потоа да биде потоа поразена од светскиот бр. 1, Симона Халеп.[38][39][40] Со овој резултат, таа успеала да се врати во најдобрите 50 играчи веќе следниот месец.[15] На Отвореното првенство на Индијан Велс, Осака го направила следниот голем пробив во кариерата. Иако претходно никогаш не освоила ВТА титула, таа го освоила убедливо турнирот, пропуштајќи само еден сет. Во четвртфиналето и полуфиналето, таа забележала победи над Каролина Плишкова и Симона Халеп, притоа во тој момент Халеп била светски бр. 1.[41][42] Во финалето таа ја победила Дарија Касаткина, со што станала намладиот првак на турнирот во последните 10 години.[43] Со оваа титула, таа се искачила на 22. место на ВТА листата.[15] Следно, Осака играла на Отвореното првенство на Мајами и ја продолжила својата победничка серија победувајќи го идолот од детството, Серена Вилијамс, која на терените се вратила по породилното отсуство.[44] Сепак, во второто коло таа загубила од Елина Свитолина. По нејзиниот успех во првите месеци од сезоната, Осака играла релативно тивко во средина на годината. Таа стигнала до третото коло на Отвореното првенство на Франција и на Вимблдон, со што го изедначила нејзиниот најдобар настап на двата турнири.[45][46] Таа најблиску била да освои титула на Отвореното првенство на Нотингем на трева, каде загубила од првиот носител, Ешли Барти, во полуфиналето.[47] Осака не забележала посериозен успех сè до Отвореното првенство на САД, каде ја освоила втората титула во сезоната. Исто како во Индијан Велс, таа пропуштила само еден сет на турнирот, и тоа од светскиот бр. 20, Арина Сабаленка во осминафиналето. Осака за противник во полуфиналето ја имала Медисон Кис, на која успеала да и се одмазди за поразот две години претходно и успеала да се пласира во своето прво гренд слем финале во кариерата.[48] Во финалето, таа ја победила Серена Вилијамс, по втор пат во 2018 година, и ја освоила својата прва гренд слем титула. Таа станала првата јапонска тенисерка која станала гренд слем шампион во поединечна конкуренција.[49][50] Рангирана за прв пат во најдобрите 10 на ВТА листата, Осака ја продолжила својата победничка серија, стигнувајќи до финалето на Отвореното првенство на Токио по втор пат во својата кариера. Во финалето таа загубила од Плишкова.[51] Следно, Осака стигнала до полуфиналето на Отвореното првенство на Кина, каде била поразена од Анастасија Севастова.[52] Со овие резултати, таа станала светски бр.4 играч, изедначувајќи го рекордот на Кимико Дате и Кеј Нишикори за највисок пласман постигнат од страна на јапонски играч во историјата.[53] Осака ја завршила годината играјќи на ВТА завршниот турнир, каде се нашла во група со Слоан Стивенс, Анџелик Кербер и Кики Бертенс. Таа ги загубила сите три натпревари, и го предала натпреварот на Бертенс поради истегнување на тетивата под коленото.[54] Осака ја завршила годината како играч со најголема заработка на ВТА турнејата, заработувајќи речиси 6.4 милиони долари.[55] 2019: Втора гренд слем титула, светски бр. 1Осака пристапила на Отвореното првенство на Австралија како четврти носител и како една од единаесетте играчи во конкуренција за светски бр. 1.[56] Таа забележала победи со пресврт во третото и четвртото коло над Сје Су-веј и Анастасија Севастова редоследно, а потоа победа во два сета над шестата носителка, Елина Свитолина во четвртфиналето.[57] За пласман во второто гред слем финале во кариерата, таа остварила победа во три сета над седмата носителка, Каролина Плишкова.[58][59] Во финалето, Осака ја победила двократната гренд слем шампионка и осми носител, Петра Квитова во три изедначени сета. Таа станала првата тенисерка која успеала да освои два гренд слем турнири едноподруго по Серена Вилијамс во 2015 година, и првата тенисерка по Џенифер Капријати која на својата прва гренд слем титула успеала да придодаде уште една гренд слем титула на следниот гренд слем турнир.[60] Освојувајќи ја титулата, Осака станала светски бр.1 играч, и прва азијка на која тоа и успеало.[61][62] И покрај освоената титула, таа ја прекинала соработката со тренерот Саша Бајин по турнирот. По отвореното првенство на Австралија, Осака забележала пад во својата форма. Таа загубила во чевртото, односно во третото коло на Премиер турнирите во Индијан Велс и Мајами.[63][64] Осака ја започнала сезоната на земјена подлога со полуфинале на Отворното првенство на Штутгарт, во кое била принудена да предаде поради абдоминална повреда.[65] а потоа стигнала до четвртфиналето на турнирите во Мадрид и Рим.[66] Во Мадрид таа била поразена од Белинда Бенчич, а во Рим се повлекла против Кики Бертенс поради повреда на десната рака.[67] Осака повторно стигнала до третото коло на Отвореното првенство на Франција, победувајќи ја Викторија Азаренка во второто коло, но овој пат била поразена од Катерина Сињакова.[68] На трева, на Вимблдон, Осака била поразена во првото коло од Јулија Путинцева.[69] Како резултат на тоа, таа го загубила првото место во светот од Ешли Барти.[15] Пред Отвореното првенство на САД, Осака стигнала до четвртфинале на два Премиер 5 турнири, и тоа на Отвореното првенство на Канада и на Отвореното првенство на Синсинати, каде загубила од Серена Вилијамс и Софија Кенин редоследно.[70][71] Добрите резултати ѝ помогнале на Осака повторно да стане светски бр. 1 играч и да биде прв носител во Њујорк. Сепак, одбраната на титулата таа ја завршила во чевртото коло, во кое била по трет пат сезоната поразена од Белинда Бенчич.[72] Со овој ран пораз, таа назадувала на 4. место на ВТА листата.[15] По турнирот, Осака повторно започнала да тренира со својот татко. Оваа промена веднаш дала резултат, бидејќи таа победила на следните два турнири. Прво, таа ја освоила титулата на Отвореното првенство на Осака, во нејзиниот роден град, победувајќи ја Анастасија Павличенкова во финалето.[73] Две недели подоцна, таа победила на Отвореното првенство на Кина. На турнирот, таа ја победила актуелната победничка на Отвореното првенство на САД, Бјанка Андрееску во четвртфиналето и светскиот бр.1 играч, Ешли Барти, во финалето.[74] За Андрееску тоа бил прв пораз по месец март.[75] Овие резултати ја искачиле Осака на третото место на ВТА листата.[15] На крајот на сезоната, Осака се квалификувала втора година едноподруго на ВТА завршниот турнир. Сепак, откако ја победила Петра Квитова во првиот натпревар од групната фаза, таа се повлекла од турнирот поради повреда.[76] 2020: Втора титула на Отвореното првенство на САД![]() Осака одиграла само четири турнири во 2020 година, главно поради пандемијата од КОВИД-19. Пред да запре сезоната, таа загубила од светскиот бр. 2, Каролина Плишкова, во полуфиналето на турнирот во Бризбејн и од Коко Гауф во третото коло на Отвореното првенство на Австралија.[77][78] Кога турнејата продолжила, Осака играла на само уште два турнири, на Отвореното првенство на Синсинати и на Отвореното првенство на САД. Осака останала непоразена на двата турнири. Во Синсинати, таа победила четири тенисерки рангирани во првите 20, но финалето го предала на Викторија Азаренка без игра поради повреда.[79][80] Осака и Азаренка исто така се сретнале и во финалето на Отвореното првенство на САД, каде Осака, со пресврт, го освоила својот трет гренд слем во кариерата, а втор во Њјуорк.[81][82] Тоа било нејзин последен турнир во сезоната, бидејќи таа го откажала својот настап на Отвореното првенство на Франција, одржано во септември, поради долготрајната повреда на тетивата.[83] За време на двата турнири, Осака го привлекла вниманието со својот активизам. Таа првично се откажала од турнирот во Синсинати непосредно пред полуфиналето за да ја подигне свеста за полициското пукање на Џејкоб Блејк, но продолжила да се натпреварува бидејќи организаторот на турнирот решил да ја поддржи нејзината кауза, одложувајќи го турнирот за еден ден.[84] На отвореното првенство на САД, Осака на своите седум натпревари носела различни црни маски, на кои биле испишани имиња на афроамериканци кои биле застрелани во последните години.[85] 2021: Четврта гренд слем титула, пауза од тенисОсака била назначена за трет носител на Отвореното првенство на Австралија. Во првите три кола, таа во два сета ги победила Анастасија Павличенкова, Каролин Гарсија и Онс Жабур, а во четвртото коло била подобра од Гарбиње Мугуруза која била на поен до победа на натпреварот, и била единствената која успеала да и одземе сет на Осака. Во полуфиналето, таа во два сета ја победила Серена Вилијамс. Во финалето, Осака била подобра од Џенифер Брејди,[86] со што ја освоила својата четврта гренд слем титулата во кариерата, а втора во Мелбурн.[87] Осака станала само трет играч во историјата, после Роџер Федерер и Моника Селеш, кој освоил четири гренд слем титули на првите четири гренд слем финалиња.[88][89] На следниот турнир, на Отвореното првенство на Мајами, таа била втор носител, но доживеала изненадувачки пораз во четвртфиналето од Марија Сакари во два сета.[90] Како резултат на тоа, таа пропуштила повторно да стане светски бр. 1 играч. Осака била назначена за втор носител на Отвореното првенство на Франција. Непосредно пред почетокот на турнирот, таа објавила дека нема да ги извршува своите задолжителни медиумски обврски.[91] Откако победила во првото коло и не се појавила на прес-конференција по натпреварот, таа била казнета со 15,000 долари и добила опомена за дисквалификација.[92] Следниот ден, таа се повлекла од турнирот, наведувајќи проблеми со менталното здравје.[93] Голем број на спортисти и спонзори ѝ изразиле поддршка на Осака, наведувајќи дека прашањето за менталното здравје е сериозна тема.[94] Во јуни, агентот на Осака објавил дека таа нема да учествува на Вимблдон но ќе земе учество на Летните олимписки игри 2020 во Токио.[95][96] Таа ја добила честа да го запали олимпискиот оган на свеченото отворање на игрите, станувајќи првата тенисерка во историјата со таков подвиг. На олимпискиот турнир, таа била поразена во осминафиналето од сребрената медалистка, Маркета Вондрушова. На Отвореното првенство на САД, Осака не успеала да ја одбрани титулата, и била изненадувачки поразена во третото коло од финалистката Лејла Фернандес од Канада, иако сервирала за победа во вториот сет од натпреварот. За време на натпреварот, Осака го фрлила својот рекет и добила опомена од главниот судија заради удирање топче во трибините.[97] На редовната прес-конференцијата по натпреварот, Осака низ солзи објавила дека ќе земе кратка пауза од тенисот, откривајќи дека победите повеќе не ја прават среќна.[98] Стил на играОсака е агресивен играч од основната линија.[99] Нејзина одлика се силните форхенд удари и сервиси. Осака била способна да удри форхенди со брзина од 160 км/ч уште на својата 16-годишна возраст, а нејзиниот сервис може да достигне брзина до 200 км/ч, што ја прави играч со најбрзи сервиси во историјата на спорот.[100] Иако таа ја користи својата сила за да ги диктира поените и да ги заврши со директен поен, клучот на успехот на Осака е тоа што таа е способна да добива долги поени. Еден од првите забележителни случаи во кој таа стратегија се покажала успешна било кога Осака успеала за прв пат да се пласира во ВТА финале, на Отвореното првенство на Токио во 2016 година.[101] Според Осака, клучно за нејзиниот пробив во 2018 година бил менаталниот пристап и намалувањето на неизнудените грешки. Таа истакнала, „Сметам дека најголем напредок е менталниот пристап. Мојата игра е поконстантна, со многу помалку неизнудени грешки. Не сум сигурна колку неизнудени грешки имав денес, но лани правев многу повеќе!“[102] Заслугата за овие промени таа ги препишала на нејзиниот тренер Саша Бајин, истакнувајќи, „Откако работам со Бајин — и сум склона да бидам негативна на себеси — чувствувам дека гледам на работите пооптимистички ... Се борам многу со себеси, па тој на некој начин, ги смирува работите.“ Бајин исто така се согласил со Осака на влијанието на смирениот, позитивен пристап на секој натпревар.[103] ВТА финалиња во кариератаПоединечно: 10 (7–3)
Наводи
Надворешни врски
|
Portal di Ensiklopedia Dunia