ОУ „Св. Климент Охридски“ - Драчево
Училиштето е именувано по словенскиот просветител и светец Свети Климент Охридски. ИсторијаСпоред историските списи, има податоци дека училиштето било градено од 1922 до 1923 година. Училишната зграда била изградена со цел тогашната кралско југословенска управа во Скопје да го придобие месното население. Имало 12 простории наменети за училници и станови на учителите, бања и други помошни простории. Образовната дејност за првпат започнала во 1924 година, но не на мајчиниот јазик, туку на српски јазик во тогашното Кралство СХС/Југославија. Наставата ја изведувале наставници кои доаѓале од Србија. Учениците биле од Драчево, Долно Лисиче, Батинци, Студеничани и Морани. Во училиштето имало 8 паралелки од прво до четврто одделение по петнаесетина ученици. Одличните ученици продолжувале со образование во училиштата во Скопје. Имало осум учители и учителки кои биле многу строги. Било пишувано на таблици со писајки. Еден час траел 60 минути, со 15 минути пауза меѓу часовите. Било учено во две смени, од 6 часот наутро до 10 претпладне и од 14 од 16 часот. Училниците биле загревани со ќумбиња на дрва, а било осветлувано со газиени ламби. На влезот на училиштето била насликана икона на Свети Сава, но според дописот од 2014 година, од Архивот на Југославија, името на училиштето во различните периоди било Драчевско основно училиште (српски: Драчевска основна школа), Основно училиште во Драчево (Основна школа у Драчеву) и Државно народно училиште во Драчево (Државна народна школа у Драчеву, но никогаш „Св. Сава“. Најверојатно, поради иконата на влезот и името на овој светц е поврзувано со училиштето. Иконата била премачкана со вар за време на бугарската окупација. Најголем дел од наставата бил посветен на верското образование. Учениците секој викенд го уредувале надворешниот изглед на училиштето, саделе цвеќиња, багреми и обработувале лозје. Училишниот двор не бил ограден и бил јавен простор за одмор и рекреација. Во бањата која работела секој четврток, се капеле учениците. Била сместена во поранешниот кабинет по техничко образование. Водата била греена на дрва. Според податоците од 1938-39, настава посетувале 245 ученици, а наставата претежно била бојкотирана поради наметнатиот српски јазик. Ваквиот начин на работа траел до април 1941 година, кога избила Априлската војна. Во периодот од 1941 до 1944 година, наставата била изведувана во истата училишна зграда, овој пат на бугарски јазик, а учителите повторно биле дојденци, овој пат од Бугарија. Училиштето било преименувано во „Кнез Симеон Трновски“, но тивкиот бојкот на наставата од страна на месното население, продолжил. Нема точни податоци, но утврдено е дека во периодот од 1941 до 1944 година училиштето било посетувано од 221 ученик. Вториот период од работата на училиштето е периодот од ослободувањето, кога во училиштето за прв пат започнала да биде изведувана настава на македонски јазик. На 25 ноември 1944 година, повторно се огласило училишното ѕвонче, повикувајќи ги учениците, но овој пат наставата биде одржувана на мајчин македонски јазик. Во 1945 година, била донесена одлука за именување на училиштето во Народно основно училиште „Свети Климент Охридски“. Според податоците во главната книга во учебната 1945-46 година вкупно биле запишани 453 ученици, од кои 66 ученика од петто до седмо одделение. Предмети кои биле изучувани од петто до седмо одделение биле: аритметика, географија, македонски јазик, природознание, геометрија, руски јазик, српски јазик, пеење, историја, гимнастика и физика. Училишната зграда која е изградена пред точно сто години во текот на годините не била доволна да ги прифати сите ученици кои имале потреба од образование. Таа имала сместивост за само четири одделенија. Меѓутоа од година во година, училишниот простор почнал да биде прошируван. Изградена била кино сала за културно-забавен живот, сала за физичко и здравствено образование, биле приспособени неколку простории за училници, работилница за техничко образование и просторија за дневен престој. Напоредно со доградувањето на училишниот простор, бил сменет и надворешниот изглед на училиштето, кој се здобил со убаво уреден двор, кој исполнет со цветни растенија, им ги овозможувал сите удобности на учениците потребни за одмор и рекреација. Училиштето во овој период станува познато со работата на ученичката задруга „Млад задругар“, формирана во далечната 1954 год. За сите ученици од I до VIII одделение била организирана општествено- корисна работа. Со запишувањето во училиште секој ученик станувал член на задругата. Задругата била претежно од земјоделски карактер. На површина од пет хектари биле развиени следните дејности: овоштарска, лозрска, пчеларска, сточарска, градинарска, цвеќарска и шумарска. Како посебна економска единица на задругата била малата училишна книжарница во која учениците можат да се снабдат со основен ученички прибор. Работата на училишната задруга била организирана според Статутот и Годишниот план и програма. Остварените средства и приходи од ученичката задруга се користеле за набавување на училишен прибор, купување лектири за училишната библиотека, обезбедување учебници за учениците од социјално загрозените семејства, обезбедување помош при одење на екскурзија на одредени ученици, купување храна за добитокот, одржување на малата училишна зоолошка градина и др. Земјоделските производи: овошје, млеко, месо се користеле во училишната кујна во која се хранеле учениците од дневниот престој. Бројните признанија, дипломи, плакети, награди, добиени на разни собири на ниво на поранешна СФРЈ, сведочат за големината и успешноста на задругата и работата на учениците и наставниците во неа. Во 1968 год. нашето училиште било домаќин на III Собир на млади задругари од Југославија. Со ваквите собири се ширела соработката, размената на искуства, другарувањето и трајните пријателства. Во една зграда бил сместен училишниот музеј во кој се наоѓала богата нумизматичка збирка, стари грнчарски предмети изработени од грнчари од Драчево, делови од народна носија, макети со кои учениците учествувале на разни натпревари и освојувале високи резултати и други изработки од вредните раце на учениците. Веднаш до музејот се наоѓало и кино салата или сала за свечености и разни собири за месното население. Во посебна зграда било сместено забавиштето кое со помош на родителите било преуредено и направено да биде пристојно место за изведување на програмата на забвишните групи. Малку поодалечено од училишната зграда се наоѓала зграда која ја викале „бања“, бидејќи порано служела за бањање на учениците и селаните. Во неа била сместена работилницата по Техничко образование. Таму учениците слободно се движеа, можеа да чукаат, резбарат, сечат, без да им пречат на другите во наставата. Во една мала зградичка била сместена и фотографската лабораторија каде учениците ги откривале вештините на фотографирањето и изработката на фотографиите во тогаш црно бела техника. Над „бањата“ се наоѓала и зградата на училишната библиотека со две простории за книги и читална. Во неа можеа да бидат најдени разни книги, најмногу лектири, детски списанија и списанието „Наш збор“ кое го издавала книжевната секција.[2] Во 2002 година, училиштето било добитник на Наградата „13 Ноември“. Во учебната 2013/2014 година, училиштето било прогласено за најбезбедно и најчисто училиште на ниво на Република Македонија, а учествувало и во АЦЕС проект со што стана и дел од Академијата на училишта од Средна Европа. Добитник е на признанија и на 55. и 56. Детски Рацинови средби, награди на Манифестацијата „Средби под јаворите“, „Ракатки“, „БЗР од мали нозе“, „Цветинова награда за мир“ и бројни достигнување на сите натпревари по сите предмети на секое ниво. Во учебната 2024/25 година, во училиштето учеле 410 ученици од I до IX одделение, распоредени во 19 паралелки. Во јуни 2024 година, бил поставен камен темелник на новата училишна зграда во дворот на училиштето. Наводи
|
Portal di Ensiklopedia Dunia