Пантелејски манастир
Пантелејски манастир — манастир во близина на кочанското село Пантелеј. Во манастирот престојуваат монахињи и тој е активен женски манастир. МестоположбаМанастирот се наоѓа на половина километар северозападно од селото.[1] До селото и до манастирот води асфалтен пат.[2] ИсторијаОснован е во 1864 година.[3] За манастирот се врзува легендата за младата девојка Нејтана Дамева (видете легенди за Пантелеј). По основањето на манастирот, истиот имал калуѓери, работници и многу своја земја. Во еден момент, во него живееле 10 калуѓери.[1] До 1946 година, манастирот имал околу 350 хектари земја во атарите на селата Пантелеј, Бели, Тркање, Нивичани, Зрновци и Шталковица. Манастирот поседувал и ан во градот Кочани. Оваа земја ја добил на подарок или со купување. На нејзе работеле околу 20 лица. Истовремено, имал и волови, кози и овци. Но, со аграрната реформа во 1946/1947 година манастирската земја била одземена, освен 10 хектари.[1] Од 1954 година, за манастирот се грижел Санде Јованов од кочанското село Крушево.[1] Во времето на посета на истражувачот Јован Трифуноски во 1966 година на селото и на манастирот, манастирот бил затекнат во многу лоша состојба, постарата црква била многу оштетена, а оградата околу манастирот била полуразрушена.[1] По осамостојувањето на Македонска православна црква - Охридска архиепископија во 1958 година и по посетата на владиката Наум, манастирот започнал да се обновува. Градби во манастиротМанастирот е составен од две цркви, еден параклис, конак, трпезарија и помошни објекти. Црква „Успение на Пресвета Богородица“Во 1872 година, прво е изградена црквата „Успение на Пресвета Богородица“.[3] Црква „Св. Пантелејмон“Во 1885 година е подигната денешната главна манастирска црква „Св. Пантелејмон“ под водство на игуменот Мартиниј.[3] Параклис „Св. Нектариј Егински и Св. Серафим Саровски“Во 2020 година бил осветен параклисот во манастирскиот комплекс посветен на Св. Нектариј Егински и Св. Серафим Саровски“.[4] КонациКонаците во манастирот потекнуваат од 1938/1939 година.[1] ОсобеностиМанастирот не бил само верско, туку и народно средиште. Тука луѓето не доаѓале само на собори.[1] За манастирот се верува дека на момите и на ергените ќе им се посреќи истата година да го сретнат својот животен сопатник ако се преспие во него за време на големиот христијански празник „Свети Пантелејмон“ на 9 август.[5] СлаваНа денот на манастирската слава (9 август) доаѓаат гости од Кочанско, Кратовско и Штипско.[1] Галерија
Наводи
Надворешни врски
|
Portal di Ensiklopedia Dunia