Поплави во Македонија — временска непогода која на 6 август2016 година го зафатило најпрвин Полошкиот, а подоцна со поголем интензитет целиот Скопски Регион. Во текот на 24 часа на 6 август во Скопје наврнале 93 литри на метар квадратен,[1] а во текот на првите два часа од почетокот на невремето удриле над 800 молњи и громови.[2]
На скопските клиники биле примени 22 повредени. Од кризниот штаб информираат дека над 1.000 граѓани биле евакуирани во текот на ноќта на 6 август.[2] Граѓаните, преку социјалните мрежи се организирале за да отворат пунктови за помош на настраданите.[5] На вонредна седница Владата на РМ прогласила кризна состојба во регионот на Скопје и Тетово, во траење од 15 дена, а 8 август 2016 го прогласила за ден на жалост на целата територија на Македонија.[6][7]
Шест дена по поплавата, на 12 август, во Општина Аеродром почнала дезинфекција на исчистените домови, кои биле зафатени од поплавата.[8]
Жртви
Официјалниот број на загинати граѓани во целиот Скопски Регион до 9 август 2016 година изнесувал 21 лице.[9] Најголем дел од нив биле возрасни граѓани, од кои најчесто болни и изнемоштени. Најмладата жртва во невремето било двегодишно дете. Според кажувања на мештаните, најголемиот дел од загинатите граѓани се удавиле во сопствените домови или водата ги понела низ улиците кога излегле од своите автомобили.[9]
Напладне на 9 август 2016 година била пронајдена и 22. жртва, 12-годишно дете од селото Стајковци, кое го пронашол неговиот татко.[10] Истиот ден починале уште три лица од срцев удар поради стресот и загубите што ги претрпеле.[11]
Меѓународни реакции
Министерот за надворешни работи на Австрија Себастијан Курц доделил помош од 500.000 евра на македонскиот Црвен Крст.[12]
На 8 август екипи од бугарски пожарникари и спасувачи пристигнуваат во Скопје за да им помогнат на настраданите.[13]
Амбасадата на Германија во Македонија изразила сочувство за жртвите од поплавите во скопско и тетовско.[14]
Еврокомесарот Јоханес Хан изразил сочувство до семејствата на жртвите од невремето во Македонија, објавувајќи порака преку социјалната мрежа Твитер.[16]
Косовскиот премиер Иса Мустафа изразил сочувство до семејствата на настраданите во Скопје и искажал подготвеност на неговата земја да ѝ помогне на Македонија.[17]
Амбасадорите на САД и Велика Британија во Македонија преку Твитер искажале сочувство за семејствата на загинатите и за сите погодени од невремето.
Српскиот премиер Александар Вучиќ до премиерот Емил Димитриев испратил телеграма со сочувство.[18] Српското МВР испратило околу 20 полицијаци од пожарникарско-спасувачките единици, теренски возила и камиони со опрема и пумпи, помош во механизација и луѓе за санирање на последиците од поплавите.[19]
Амбасада на Украина во Македонија изразила длабоко сочувство на семеjствата на загинатите и настраданите за време на невреме.[20]
Министерот за надворешни работи на Холандија Берт Кундерс изразила сочувство до граѓаните на Македонија.[21]