Според пописот од 1953 година, прилепско-битолските говори ги зборувале вкупно 168 861 жител, или 18,8 % од вкупниот број на говорници на македонски јазик.
Прилепско-битолската група говори се простира на мошне голема територија. Го опфаќа јужниот дел од централните говори, поточно целата област Пелагонија на југ до денешната државна граница меѓу Република Македонија и Република Грција. Значењето на оваа група говори за македонското духовно наследство е огромно со самиот факт што тоа е централната група говори што ја споменува и Крсте Мисирков како основа на македонскиот литературен јазик. Географско дијалектната граница на прилепско-битолските говори се движи по долината на реката Црна. Од велешкото говорно подрачје нив ги дели планината Бабуна, а јужната граница спрема костурско-леринските говори оди приближно по денешната државна граница, на североисток омеѓена со планината Ниџе, а на северозапад со планината Баба.
Фонолошки одлики
фиксиран третосложен акцент
Секвенцата еа се реализира како дифтонгеа, во некои локални говори како широко е, или како долго е: неа, стреа, беа, носеа, Петреа (во прилепскиот), леа, смеа, греам, односно ле:, стре:, носе:, (во битолскиот).
Групата оа се реализира како дифтоншка секвенца оа, или како отворено о, во битолскиот понегде и како долго о: тоа, броам, стоат, готоа (во прилепскиот), тоар, осноа, односно: то:р, осно:, јадо: (во битолскиот).
Во прилепскиот говор на дифтонгизација подлежи и групата ео: мео, времео.
Самогласните групи ае и ое се дифтонгизираат по друг начин - со десилабизација на /е/ > /i/ : двајсе, тринајсе, инаiт, знајше, гојдо, тргојц.
Тенденција за депалатизација на *n' што се врши најчесто со антиципација на мекоста во /ј/: којн, бајна, се клајна, сирејне. Оваа појава се наоѓа во процес, уште незавршена.
Во врска со дистрибуцијата на согласките, говорите во Пелагонија ги карактеризираат две посебности. Групите шт и жд се реализираат како шч и жџ, односно шќ и жѓ, во југозападните битолски села, сп: гушчер, клешчи, огнишче, дожџо, нужџа (Прилеп), гушќер, лешќа, вежѓа, глуж'ѓо (Битолско).
Отсуство на в во меѓусамогласна положба: чоек, глаа, дворој итн.
Согласката /с/ во група со /к/ во наставката -ск(и) во положба зад согласка се африкатизира во /ц/, сп. селцски, прилепски, старцки, грацки, но: кически, тетоски (зад самогласка).[1]
Морфолошки одлики
употреба на остатоци од дативен падеж: му рече Стојану
употреба на стандардните лични заменки
употреба на трите членови
употреба на предлогот ВО
употреба на заповеден начин на сопствени именки
загуба на -т во членската морфема за м.р. -от: градо, лебо, огно, дворо
глаголскиот прилог освен со наставката -јќи има форми и на -јќум и -јќим: викајќум, одејќум, односно викајќим, одејќим, носејќим, покрај викајќи, одејќи.
Во прилепскиот говор за пенкало се користи налив, а во битолскиот стило
Локалните разлики помеѓу прилепскиот и битолскиот говор се претежно од фонетски карактер.
Одлики на прилепскиот говор се:
акцентираните /е, о/ по правило се реализираат како затворени фонови [ẹ, ọ]: 'ẹсен, л'ẹп, 'ọко, н'ọга, а во селските говори тие се дифтонгизираат: įела, įеден, дįедо, куога, уосум.
на поширок ареал отсуствува фонемата /ф/, со исклучок на градскиот говор; туѓото ф се предава со во: вурна, вилџан, вира, вустан, каве, но: фрла, фес, фенер, фурна во градскиот говор
фонемите /ќ, ѓ/ се реализираат во некои положби (најчесто пред задните самогласки) со доста изразена фрикација: куќа, свеќа, паѓа, меѓа, односно: кујќа, цвејќе, нојќе, вејѓа, мејѓа, лујѓе, прејѓеска - со антиципирано ј, а во говорот на помладата генерација и цвејче, лујџе.
прилепскиот говор се разликува од битолскиот по наставката -ув(а) за образување на имперфективни глаголи: купува, кажува
Одлики на битолскиот говор се:
фонемата /л'/ како континуитет на старото палатално *l': Битол'а, бл'ут, кл'уч, пријател'
глаголските образувања со наставката -в(а) од типот купва, кажва, менва, зајдва, посаква, радва, јавва итн.
за одредување на личните заменки, секаде се користи машки род: му кажав нејзе, му дадов на луѓето.
Наводи
↑Дијалектите на македонскиот јазик, том 1, Божидар Видоески, стр.191-192