Советско-јапонска војнаСоветско-јапонската војна ( руски: Советско-японская война ; јапонски: ソ連対日参戦 ; 'Влезот на Советскиот Сојуз во војна против Јапонија '), позната во Монголија како Ослободителна војна од 1945 година (монголски: 1945 оны чөлөөлөх дайн) бил воен конфликт во рамките на Втората светска војна кој започнал веднаш по полноќ на 9 август 1945 година, со советската инвазија на јапонската марионетска држава Манџукуо. Советите и Монголците ја окончале јапонската контрола врз Манџукуо, Менгѓанг (Внатрешна Монголија), северна Кореја, Карафуто (Јужен Сахалин) и Чишима (Курилски Острови). Поразот на јапонската Квантуншка армија придонел за Јапонската капитулација и крај на Втората светска војна.[1][2] Влегувањето на Советскиот Сојуз во војна бил битен фактор во одлуката на јапонската влада безусловно да се предаде, бидејќи станало очигледно дека Советскиот Сојуз нема да биде посредник во преговорите за условено завршување на непријателствата.[3][4][5][6][7] РезимеНа Техеранската конференција (ноември 1943) и на Кримската конференција одржана во Јалта Јосиф Сталин се согласил Советскиот Сојуз да влезе во војна против Јапонија 3 месеци по капитулацијата на Германија. На 26 јули, САД, Обединетото Кралство и Кина ја објавиле Потсдамската декларација, ултиматум со кој се повикуваат Јапонците безусловно да се предадат или во спротивно ќе се соочат со нивно „брзо и целосно уништување“. Иако инвазијата започнала по американската атомска бомба на Хирошима (6 август) и само неколку часа пред атомската бомба во Нагасаки, сепак времето за започнување на инвазијата било однапред планирано и одредено според договорите меѓу сојузниците во Техеран и Јалта.[8] Советите првочно планирале и инвазија на вториот по големина јапонски остров Хокаидо кој требало да биде дел од заземената територија.[9] На 8 август во 23 часот по Трансбајкалско (UTC +10) време, советскиот министер за надворешни работи Вјачеслав Молотов го информирал јапонскиот амбасадор Наотаке Сато дека Советскиот Сојуз ѝ објавува војна на Јапонија и дека од 9 август советската влада ќе смета дека е во војна со Јапонија.[10] Една минута по полноќ на 9 август 1945, Советите ја започнале својата инвазија истовремено напаѓајќи на три фронта: од исток, запад и север од Манџурија. Операцијата била поделена на помали оперативни и тактички делови:
и последователно
Иако битката се проширила вон границите на Манџурија, координираните инвазии на северните територии на Јапонија се нарекуваат и Битка за Манџурија.[11] Од 1983 година, операцијата понекогаш се нарекува Операција августовска бура, откако американскиот воен историчар, потполковник Дејвид Гланц го употребил ова име за труд на оваа тема. Исто така, се нарекува и како Манџуриска стратешка офанзивна операција, но ова име повеќе се однесува на советската инвазија на Манџурија, а не на целата војна.[се бара извор] ПричиниРуско-јапонската војна од почетокот на 20 век завршила со јапонска победа и Договорот од Портсмут со кој Јапонија ја добила контролата врз Кореја, Манџурија. и Јужен Сахалин. Во доцните 1930-ти имало голем број број инциденти на советско-јапонската граница, и конечно во април 1941 година бил склучен советско-јапонскиот пакт за неутралност.[12][13] Пактот за неутралност им овозможил на Советите да се концентрираат на нивната војна со Германија, а Јапонците да се насочат на проширувањата на југ во Азија и Тихиот Океан. Со успехот во битката кај Сталинград и сè поизвесниот пораз на Германија, односот на Советскиот Сојуз кон Јапонија се променил, и Советите ангажирале сили и опрема на Далечниот Исток. На Техеранската конференција (ноември 1943 година), Сталин, Винстон Черчил и Френклин Рузвелт се согласиле Советскиот Сојуз да влезе во војна против Јапонија откако Германија ќе биде поразена. Сталин се соочил со дилема зошто по секоја цена сакал да избегне војна на два фронта, но исто така сакал да извлече територијални придобивки на Далечниот Исток, а и во Европа. Единствениот начин на кој Сталин можел да го постигне ова е Германија да капитулира пред Јапонија. По Советско-јапонскиот пакт за неутралност, Советите имале политика да ги заробуваат сојузничките воздухопловни сили кои слетувале на советска територија по операциите против Јапонија, но на воздухопловците држени во Советскиот Сојуз во такви околности обично им било дозволено да „бегаат“ по одреден временски период.[14] Кон почетокот на 1945 година, на Јапонците им станало јасно дека Советите се подготвуваат да ја нападнат Манџурија, но веројатно немало да нападнат пред поразот на Германија. На Конференцијата во Јалта (февруари 1945), Сталин добил ветување од Рузвелт дека ќе ги одобри Сталиновите територијални аспирации на Далечниот Исток ако тој прифати да се приклучи во Војната на Тихиот Океан во рок од два или три месеци по поразот на Германија. Кон средината на март 1945 г, Јапонците имале потешкотии во Тихиот Океан и ги прегрупирале своите елитни трупи од Манџурија во Тихиот Океан. Во меѓувреме, Советите продолжиле со своето зајакнување на Далечниот Исток. Советите биле одлучни да не го обновуваат Пактот за неутралност. Пактот за неутралност предвидувал дванаесет месеци пред неговото истекување, Советите да мора да ги известат Јапонците и така на 5 април 1945 година, тие ги известиле Јапонците дека не сакаат да го обноват договорот.[15] Тоа предизвикало загриженост кај Јапонците,[16][17] но Советите се потрудиле да ги уверат Јапонците дека договорот ќе остане на сила следните дванаесет месеци и дека Јапонците беспотребно се грижат.[18] На 9 мај 1945 година (по московско време), Германија се предала, што значело дека ако Советите го почитуваат договорот од Јалта, ќе треба да влезат во војна со Јапонија до 9 август 1945 година. За Јапонците состојбата продолжила да се влошува и сега тие биле единствената сила на Оската која останала во војната. Тие сакале мир со Советите и продолжување на Пактот за неутралност,[18] и исто така сакале да ја завршат војната. Една од улогите на Кабинетот на адмиралот Барон Сузуки, кој ја презел функцијата во април 1945 година, било да се обиде да обезбеди секакви мировни услови освен безусловно предавање.[19] Кон крајот на јуни, им пристапиле на Советите (пактот за неутралност сè уште бил на сила), и ги повикале да преговараат за мир со сојузниците во што ќе ја поддржат Јапонија. Им дале конкретни предлози и за возврат на Советите им понудиле многу атрактивни територијални отстапки. Сталин изразил интерес, а Јапонците го чекале советскиот одговор. Потсдамската конференција се одржала од 16 јули до 2 август 1945. На 24 јули, Советскиот Сојуз ги отповикал сите членови во амбасадата во Јапонија. На 26 јули, на конференцијата била издадена Потсдамската декларација со која Черчил, Хари Труман и Чанг Кај Шек (Советскиот Сојуз официјално не бил во војна со Јапонија) побарале безусловно предавање на Јапонија. Јапонците продолжиле да чекаат одговор од Советите и не одговориле на декларацијата.[18] Јапонците го следеле сообраќајот на Транссибирската железница и советската активност на исток од Манџурија, и тоа ги наведувало на заклучок дека Советите нема да бидат подготвени да ја нападнат источна Манџурија пред крајот на август. Немале идеја ниту доказ за тоа кога и каде би се случила евентуалната инвазија.[4] Тие процениле дека не е веројатно да бидат нападнати во август 1945 или пред пролетта 1946 година, но Ставка испланирал офанзива за средината на август 1945 година и го прикрил трупањето на сили од 90 дивизии. Голем дел од војската со возила го поминала Сибир за да не ја преоптоварат железничката врска.[20] КампањаОперацијата била изведена како класичен двоен опфат на површина колку и целиот западноевропски театар од Втората светска војна. Во западниот дел, Црвената армија напредувала преку пустините и планините во Монголија, далеку од железниците за нивна логистика. Јапонската воена анализа за советската логистика се покажала како погрешна, а бранителите биле изненадени на неутврдени позиции. Командантите од Квантуншката армија за време на инвазијата биле ангажирани во планирање на воена вежба и биле далеку од своите сили во првите осумнаесет часа од конфликтот. Јапонската комуникациска инфраструктура била лоша. Сепак, Квантуншката армија имала репутација на жестоки и немилосрдни борци, и иако биле малку на број и неподготвени, пружила силен отпор кај градот Хаилар. Јапонците издржале до 18 август, кога се предале 3.827 преживеани војници.[21] Истовремено, советските воздушни единици ги зазеле аеродромите и центрите на градовите. Јапонците одлучиле да користат одреди од бомбаши самоубијци врзани со гранати и експлозиви како импровизирано противтенковско оружје.[22][23] Истовремено, според некои извештаи авијацијата на јапонската армија користела авиони камикази за да го запре напредувањето на Советскиот Сојуз.[24][25][26] Советските сили од исток ја преминале реката Усури , напредувале околу езерото Ханка и тргнале кон Суифенхе. Иако Јапонците напорно се бореле и пружиле силен отпор, Советите победиле. Сепак, шансите за брз пораз на јапонската армија биле нејасни. Со оглед на фанатичниот и самоубиствен отпор што го пружале јапонските сили, имало причина да се верува дека ги очекува долга, тешка кампања за заземање на преостанатите јапонски утврдени области. Овие очекувања во одредени региони од советската инвазија се покажале како целосно оправдани.[27] По еднонеделна борба, советските сили веќе длабоко навлегле во Манџукуо, а јапонскиот император Хирохито снимил говор кој бил емитуван на радио на 15 август 1945 година. Тој не кажал директно дека Јапонија се предава, туку, навел дека владата добила инструкции во целост да ги прифати условите од Потсдамската декларација. Главниот штаб на Јапонската царска армија не ја пренел веднаш наредбата за прекин на огнот до Квантуншката армија, а многу елементи од Армијата или не ја разбрале или ја игнорирале. Затоа жестокот отпор од Квантуншката армија продолжил, а Советите продолжиле со напредувањето и на 20 август стигнале до Мукден, Чангчун и Чиќихар. На советското десно крило, советско-монголската коњаничко-механизирана група продрела во Внатрешна Монголија и брзо ги зазела Долон Нур и Калган. Царот на Манџукуо и поранешниот цар на Кина, Пу Ји, бил заробен од советската Црвена армија. На крајот до Квантуншката армија стигнала наредба за прекин на огнот. На 18 август, Советите пред копнено да напредуваат извршиле амфибиски инвазии: три десанти во северна Кореја, десант во Јужен Сахалин и десант на Курилските острови. Ова значело дека веќе има советски војници кои ги чекаат трупите кои доаѓаат преку копно. Во Јужен Сахалин и Курилите, тоа значело воспоставување на советски суверенитет. На 10 август, американската влада ѝ предложила на советската влада меѓусебно окупационо да ја поделат Кореја по 38-та северна паралела. Американците биле изненадени откако советската влада го прифатила предлогот. Советските трупи можеле слободно да се движат со железница и ништо немало да ги спречи да ја окупираат цела Кореја.[28] Советските сили започнале со амфибиско истоварање во Северна Кореја на 14 август и брзо го зазеле североисточниот дел од полуостровот, а на 16 август тие се истовариле во Вонсан.[29] На 24 август, Црвената армија влегла во Пјонгјанг и воспоставила воена влада во Кореја северно од 38-та паралела. На 8 септември 1945 година, американските сили се истовариле во Инчеон и ја презеле контролата врз југот.[30][31] Последици![]() По првите големи воени порази на Јапонија во Тихиот Океан во летото 1942 година, водачите на Јапонија сфатиле дека јапонската воена кампања е економски неодржлива, бидејќи Јапонија нема индустриски капацитет истовремено да се бори против САД, Кина и Британската Империја, и имало многу иницијативи за преговарање за прекин на непријателствата и за враќање на јапонските територијални и економски придобивки. Оттука, елементи на невоеното раководство донеле одлука да се предадат уште во 1943 година. Главно прашање биле условите под кои ќе се предадат, а не самото предавање. Од различни различни причини, ниедна од иницијативите не била успешна, а како две главни причини за тоа се наведуваат тактиката на одложување на Советскиот Сојуз и ставовите на „Големата шестка“, моќни јапонски воени водачи.[5] Манџуриската стратешка офанзивна операција во комбинација со атомските бомбардирања на Хирошима и Нагасаки биле изведени за да ги принудат јапонските водачи да ги прифатат условите за предавање што ги барале сојузниците. Руско-јапонската војна одиграла улога во предавањето на Јапонија и крајот на Втората светска војна. Освен тоа, по советската окупација на Манџурија и северните делови од Корејскиот Полуостров, власта во тие региони Советскиот Сојуз ја префрлила на локалните комунисти. Контролата на овие региони од комунистички влади поддржани од советските власти ќе влијае на подемот на кинеските комунисти и ќе ја предизвика Корејската војна. Неколку илјади Јапонци кои биле испратени како колонизатори во Манџукуо и Внатрешна Монголија биле оставени во Кина. Поголем дел од нив биле жени, а овие Јапонки претежно се мажеле за Кинези и станале познати како „заглавени воени сопруги“ (занриу фуџин).[32][33] Кон крајот на 1949 година, многу членови од поранешната Квантуншка армија, кои биле заробени во советската инвазија на Манџурија, биле осудени за нивната поврзаност со злосторства против човештвото и употребата на хемиско и биолошко оружје.[34] Наводи
Дополнителна литература
Надворешни врски
|
Portal di Ensiklopedia Dunia