Станислав Лем
Станислав Херман Лем (полски: Stanisław Herman Lem; Лавов, 12 септември 1921 — Краков, 27 март 2006) — полски писател, сатиричар, филозоф и футуролог. Тој е еден од најпознатите писатели и теоретичари на научна фантастика и најпреведуваниот полски писател.[1] Делата му се преведени на 41 јазик и продадени во повеќе од 45 милиони примероци[2] и со тоа е најпреведуваниот автор на научна фантастика од едно неанглиско говорно подрачје. Во нив средишно место имаат филозофските теми, односно рефлексиите за технологијата, за природата на интелигенцијата, за неможноста од меѓусебна комуникација и разбирање, како и длабокиот песимизам поради ограничувањата што произлегуваат од природата на човекот и од неговото место во вселената. ЖивотописСтанислав Лем е роден на 12 септември 1921 во (тогаш полскиот) град Лавов, Украина, каде што го минал и детството. И покрај еврејското потекло на неговото семејство, Лем бил воспитуван во либерален дух, а тој лично се сметал за атеист.[3] Во текот на советската окупација од 1940 до 1941 година, студирал медицина на Медицинскиот универзитет во Лавов. За време на германската окупација ги прекинал своите студии и, користејќи лажни документи, работел како автомеханичар и заварувач. Тогаш соработувал со полското движење на отпорот. Своите студии ги продолжил во 1944 година, кога советските сили повторно влегле во Лавов. Во 1946 година со семејството заминува од Лавов, кој бил присоединет кон СССР, и се преселува во Краков, каде во 1948 година ги завршува студиите по медицина на Јагелонскиот универзитет. Во тоа време започнува да се занимава со литература. Своето прво дело „Човекот од Марс“ (полски: Człowiek z Marsa) го објавувал во продолженија во списанието „Нов Свет на можности“ (Nowy Świat Przygód). Од 1946 до 1948 година соработува со „Општ неделник“ (полски: Tygodnik Powszechny), во кој објавува песни и раскази. Од 1947 до 1950 година работи како помлад асистент кај Мјечислав Хојновски во Научниот конзерваториум и соработува со месечникот „Живот на науката“ (полски: Życie nauki). Во 1953 година се оженил со Барбара Лешнијак, а во 1968 им се раѓа синот Томаш. Во 1970 ја добива наградата на полското министерство за надворешни работи за популаризација на полската култура во странство. Две години подоцна станува член на комисијата на Полската академија на науките, „Полска 2000“. Кон крајот на 1950-тите и почетокот на 1960-тите настануваат неговите најпознати романи „Еден“ (Eden), „Враќање од ѕвездите“ (полски: Powrót z gwiazd), „Соларис“ (Solaris), „Непобедливиот“ (Niezwyciężony), „Гласот на господарот“ (полски: Głos pana) и „Киберијада“ (Cyberiada). Во 1973 година Лем е примен како почесен член на Американското здружение на писателите на научна фантастика (англиски: Science Fiction Writers of America), но по неговата остра критика на американската научнофантастична литература, во 1976 година Здружението решило да му го одземе почесното членство. Подоцна, здружението му нудело редовно членство, но Лем тоа го одбил.[4] Кога во декември 1983 година била воведена воена состојба, Лем ја напушта Полска и се преселува најнапред во Западен Берлин, а подоцна во Виена. Во Виена ги напишал романите „Мир на Земјата“ (Pokój na ziemi) и „Фијаско“ (Fiasko), своето последно научнофантастично дело. Во Краков се враќа во 1988 година. Од 1989 година престанал да пишува научна фантастика за да им се посвети на публицистиката, футурологијата и есеистиката. Во овој период настануваат делата Sex Wars, „Тајните на кинеската соба“ (Tajemnica chińskiego pokoju) и „Раса на грабливци. Останати текстови“ (Rasa drapieżców. Teksty ostatnie) каде што Лем го изразувал своето мнение како книжевен критичар и коментатор на современоста. Починал во 2006 година во Краков во својата 85 година. Во спомен на писателот, според неговото име е наречен планетоидот 3836 Lem, како и една улица во Краков.[5][6] ТемиИако неколку специфични теми се појавуваат во сите негови дела, опусот на Лем најчесто се дели на два главни циклуси. Првиот вклучува донекаде традиционална научна фантастика каде како мотиви се јавуваат технолошкиот напредок, патувањето во вселената и туѓинските светови, какви што се Eden (1959; Еден), Powrót z gwiazd (1961; Враќање од ѕвездите), Solaris (1961; Соларис), Niezwyciężony (1964; Непобедливиот), Głos pana (1968; Гласот на господарот), и Opowieści o pilocie Pirxie (1968; Сказни за пилотот Пиркс). Вториот циклус го сочинуваат мрачни алегориски раскази или сказни какви што се Dzienniki gwiazdowe (1957; Ѕвездени дневници), Pamiętnik znaleziony w wannie (1961; Сеќавања пронајдени в када), и Cyberiada (1965; Киберијада). Една од основните теми на Лем е неспособноста за комуникација меѓу човековата и длабоко туѓинските цивилизации. Неговите туѓински цивилизации најчесто се неразбирливи за човековиот ум, вклучувајќи го тука ројот од механички муви (во Непобедливиот) или огромниот плазматски океан (во Соларис). Многу негови книги како Фијаско или Еден го опишуваат неуспехот на првиот контакт. Романот Враќање од ѕвездите говори за приспособувањето на еден астронаут на длабоко променетото општество откако минал 100 години во вселената. Во романот Гласот на господарот Лем е критичен во однос на човековата интелигенција и неговите намери при дешифрирањето и одгатнувањето на порака од вселената. Тој се занимава со човекот и проблемот на човековото постоење во свет во кој технолошкиот напредок ги обезвреднува неговите биолошки пориви, правејќи ги дури опасни (слично на Олдос Хаксли во неговото прочуено дело, Храбриот Нов Свет). Лем бил критичен во однос на научната фантастика, како во Гласот на господарот, така и во филозофските есеи Fantastyka i futurologia (Фантастика и Футурологија) и интервјуата [7] Во деведесеттите Лем се откажува од научната фантастика и се враќа кон футуролошката прогностика, што е најочигледно во „Мигновеност“ (Okamgnienie). Во својот подоцнежен живот тој станува изразито скептичен кон современата технологија, критикувајќи ги изумите каков што е Интернет.[7] Во многу негови романи, луѓето стануваат неразумни или емоционално зависни од нивните автомати, кои и самите се несовршени. Темите на технолошката утопија се јавуваат во „Мир на земјата“ (Pokój na Ziemi), во „Оглед на лице место“ (Wizja lokalna), и, во помала мера, во „Киберијада“. Лем честопати ги сместува своите ликови - како вселенскиот патник Ијон Тихи од „Ѕвездените дневници“, Пиркс пилотот од „Сказни за пилотот Пиркс“, или астронаутот Хал Брег од „Враќање од ѕвездите“ во чудни, нови средини. Отфрлени во непознатото, тој нив ги употребува за да ги персонифицира различните аспекти на можните иднини, честопати ставајќи ги на тенката линија која ги разделува вербата во вродената добрина на човештвото од неговиот длабок песимизам поради човековите ограничености. Делата на Лем изобилуваат со интелектуален хумор, неологизми, каламбури, и, воопшто, со семожни алузии. Неговата необична смисла за хумор провејува во описите дури и на најмрачните човечки ситуации - што е најизразено во „Конгрес на футуролозите“ и во „Мемоари пронајдени в када“. Во таа смисла е понекогаш споредуван со Курт Вонегат или Франц Кафка. Од неговите поведри раскази се оние за Ијон Тихи, вселенскиот патник во неговиот едночлен вселенски брод, чии авантури на еден сатиричен и ироничен, а сепак несомнено логичен начин, претставуваат предизвик на општо усвоените идеи какви што се временското патување, природата на душата и потеклото на вселената. На пример, во „Конгрес на футуролозите“ дава сатирична претстава за институциите на државата и академиците. На конференцијата која се одржува во еден хотел во Костарика се предлагаат решенија за проблемот на пренаселеноста и тоа во услови кога во светот преовладуваат насилството и тероризмот. Низ еден кафкијански пресврт и самата конференцијата набргу се претвора во анархија, откако хотелските водоводни инсталации се затруени со халуциноген. Од неговиот опус најпознати и најславни се три романи. Дејствието на „Соларис“ - кој двапати е екранизиран - е сместено на една оддалечена вселенска станица која се наоѓа во орбитата на планетата Соларис. Овој роман претставува длабоко филозофско дело кое говори за контактот со целосно туѓински облик на живот, океан кој ја преплавува сета планета. „Гласот на господарот“ е уште еден класик од традиционалните научнофантастични теми. Исто така многу филозофски - уште повеќе од „Соларис“ - тој говори за напорите на научниците да ја дешифрираат, преведат и разберат пораката од вселената, критички гледајќи на човековата интелигенција и нејзините мотиви во дешифрирањето и вистинското разбирање на пораката на вонземјаните. Трето од големите дела на Лем е „Киберијада“ со поднаслов „Сказни од кибернетската ера“ и претставува збирка на вселенски приказни за два интелигентни роботи кои патуваат низ галаксијата, решавајќи инженерски проблеми; но нивното подлабоко читање ни открива цело богатство од длабоки согледби за состојбата на човештвото. ВлијанијаСпоред самиот Лем, врз неговото творештво најголемо влијание извршиле следните автори:
Во 1981. филозофите Даглас Хофштатер и Даниел Денет вклучија три извадоци од Лемовите книжевни дела во нивната значајна и влијателна антологија The Mind's I. Во неа Хофштатер тврди дека „Лемовиот книжевен и интуитивен приод... делува поубедливо во усвојувањето на неговите стојалишта кај читателите отколку што тоа би можела да го стори каква и да било опстојна научна статија“.[8] Влијанието на идеите на Лем не е ограничено само на литературата, тоа се протега и во доменот на науката и технологијата. Во романот „Враќање од ѕвездите се споменува изумот „оптон“, кој обично се наведува како прво објавено споменување на идејата за електронска хартија. Лемовите дела се дури употребувани како нагледни содржини во студиите по филозофија.[9] ![]() Награди
ДелаРомани и збирки раскази
Рецензии на непостојни книги
Философски дела и есеистика
Екранизации
Музички адаптации
Белешки
Надворешни врски
Посмртници:
Посмртници од печатот:
|
Portal di Ensiklopedia Dunia