Црква „Св. Ахил Лариски“ - Требиште
Свети Ахил Лариски — главна и единствена селска црква во долнореканското село Требиште и метох на Бигорскиот манастир.[1] Таа е единствената црква во Македонија која е посветена на Свети Ахил Лариски.[2] ИсторијаМетохот во Требиште започнал да се создава околу 1820 година, кога манастирскиот игумен Арсениј Бигорски купил неколку ниви и други имоти во селото. Во 1835 година, на земјиштето во сопственост на манастирот биле изградени неколку објекти кои биле значајни за економијата на манастирот, а во 1840 година и самата црква. Заслуги за изградбата на храмот имаат поп Василиј и месното население. Во ктиторскиот натпис не се споменува името на игуменот Арсениј со оглед на тоа што тој починал во 1839 година, но затоа се споменува името на неговиот наследник Јоаким Бигорски.[3] Во декември 2022 година бил поставен времен покрив на црквата со цел да се спречи понатамошното оштетување на храмот од врнежи и влага. Со поддршка на игуменот г. Партениј, бил изготвен проект за конзервација и санација на црквата во соработка со Управата за заштита на културното наследство и во консултација со Националниот конзерваторски центар. Иако проектот бил поддржан од страна на Министерството за култура, најголем дел од средствата за проектот ги обезбедил Бигорскиот манастир.[4] АрхитектураЦрквата претставува крстокуполен храм и се одликува со живописна фасада од делкан камен, впечатлива купола и висока камбанарија.[2] Градбата е еднокорабна со осумаголна купола над наосот и мала галерија во нејзиниот западен дел. Градена е од камен, без употреба на тули и без керамопластично украсување. Куполата е изградена од добро обработени камени блокови и профилиран венец под покривните камени плочки. Според своите димензии, изгледот и неговото внатрешното уредување, храмот е сличен со црквата „Св. Ѓорѓи“ во Рајчица, црквата „Св. Ѓорѓи“ во Лазарополе, црквата „Св. Никола“ во Тресонче и црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Гари.[3] ВнатрешностФрескоживописФрескоживописот и иконостасот се дело на видниот дебарски мајстор Дичо Зограф. Работата на фрескоживописот била завршена на 8 јуни 1850 година, што е наведено на ктиторскиот натпис на западниот ѕид од наосот, а тоа е време на епископот Мелетиј Дебарски и игуменот Јоаким Бигорски. Како ктитори на фреските се споменуваат имињата на Јован Вељаноски, кој обезбедил средства за живописување на куполата до евангелистите, а јеромонахот Теодосиј и свештенослужителот Аврам платиле за сликање на фреските, поткуполните делови и наниските делови на наосот.[3] Во куполата е насликан Христос Седржителот, Небесната литургија, слики на старозаветни пророци во барабанот на куполата и четирите евангелисти во пандантифите. Во поткуполниот простор се прикажани неколку сцени од циклусот на Големите празници, како и поединечни слики на апостоли, маченици и светите лекари. Во најдолните делови од наосот, на јужниот ѕид се живописани патронот на црквата Свети Ахил, придружен од неколку свети отци, а на северниот ѕид се насликани светите воини. Во олтарниот дел единствено е насликана проскомидијата со композицијата на Христовото оплакување.[3] ИконостасПо живописувањето на црквата, Дичо Зограф започнал со изработка на иконите на иконостасот, кој бил завршен во 1861 година, кога Дичо го украсил и ја зографисал певницата. Иконостасот содржи икони кои биле изработени во периодот од 1849 до 1861 година, при што од периодот 1849-1851 се престолните и празнични икони, а од 1861 се натпрестолниот крст со Распетието Христово, Богородица и Јован Претеча.[3][5][6] Иконите во делот на деисисот и апостолите се дело на зографот Антониј Јовановиќ и веројатно биле изработени околу 1840 година.[3] Со цел да бидат заштитени од зачестените кражби на икони, во 2013 година, вредните икони во црквата биле префрлени во Бигорскиот манастир,[2] Вредни предметиЦрквата располага и со богат фонд на книги, печатени во Киев, Москва, Белград и Цариград, како и литијно знаме кое било изработено во 1864 година со ликот на патронот Свети Ахил Лариски од едната страна и патронот на Бигорскиот манастир Свети Јован Крстител од другата. Знамето е правено по примерот на литијните знамиња на Михаил Анагност и Димитар Самарински, а најверојатно е дело на браќата Макриеви од Галичник. Галерија
ПоврзаноНаводи
Надворешни врски
|
Portal di Ensiklopedia Dunia