Карта на епархиите во Македонија.Митрополитот Тимотеј
Дебарско-кичевска епархија — една од 15-те епархии на Македонската православна црква која го опфаќа југозападниот дел на Македонија и е со седиште во градот Охрид. На чело на епархијата Неговото Високопреосвештенство митрополитот г. Тимотеј, кој ја носи титулата Митрополит Дебарско-кичевски и Плаошки.[1] Ги опфаќа градовите Охрид, Струга, Дебар, Кичево и Брод. Дебарско-кичевската епархија вкупно зафаќа 3565,1 км2. Во нејзин состав се наоѓаат вкупно 14 општини, 5 градови, 262 села.[2]
Историја
Охрид како македонски православен центар, е седиште на оваа епархија. Тука се наоѓало седиштето на древната Охридска Архиепископија, која неканонски била укината во 1767 година, но повторно возобновена како Македонска православна црква во 1967 година, на Црковно народниот собор во катедралната црква на охридските архиепископи „Света Софија“.
Со возобновувањето на Охридската Архиепископија во лицето на Македонската православна црква, на 17 јули1967 година, на Третиот црковно народен собор, се возобновила и древната Величка епархија со седиште во Охрид. Само после една година, на одржаниот Црковно народен собор на 17 октомври1968 година, со одлука бр. 538, древната Величка епархија е преименувана во Дебарско-кичевска епархија, повторно со седиште во Охрид.
Митрополити
Прв епископ Велички, а подоцна Митрополит Дебарско-кичевски бил г. Методиј (Ѓорѓи Попоски). Роден на 27 март1914 година во Прилеп. На 27 октомври1936 година бил ракоположен за ѓакон, а за свештеник во јули 1937 година. На 13 март1966 година бил избран за епископ Велички, а во 1968 година бил востоличен за Митрополит Дебарско-кичевски, со која управувал до неговото упокојување на 25 февруари1976 година.
Втор митрополит Дебарско-кичевски бил г. Ангелариј (Цветко Крстески). Роден на 7 април1911 година во село Долнени, Прилепско. 1932 година, во црквата „Свети Димитриј“ во Битола бил ракоположен за ѓакон, а за свештеник истата година во црквата „Света Богородица“, исто така, во Битола. Монашки потстриг примил во 1972 година. Во 1975 година бил хиротонисан за епископ Пелагониски, а во 1977 година бил востоличен за Митрополит Дебарско-кичевски. После изборот за Архиепископ Охридски и Македонски, на 19 август1981 година, со Дебарско-кичевската епархија администрирал уште еден месец, до 20 септември1981 година.