Црква „Св. Илија“ - Равна
Свети Илија (грчки: Προφήτου Ἠλιοῦ) — парохиска црква кај селото Равна, Касандриско, Егејска Македонија. Влегува во состав на Ерисовско-светогорско-ардамерската епархија на Цариградската патријаршија.[1] Храмот е сместен на рид во југоисточниот дел на селото. Изграден е во 1810 г. според керамопластичниот крст вграден во јужниот ѕид. Меѓутоа, ова се однесува на постариот храм, кој бил наполно уништен при задушувањето на Халкидичкото востание во 1821 г. и обновен во 1835 г.[2] Градбата претставува трикорабна базилика со дрвен покрив, со подоцна надворешна припрата на западната и делумно на северната страна и женска црква.[1] На север има еднокорабен параклис „Св. Четириесет Маченици“ и нова камбанарија.[2] Во внатрешноста има стар резбан инвентар, како и насликан дрвен таван.[2] Црквата има вредни икони од XIX век, дело на мајстори од Галачишката школа,[3] меѓу кои е чудотворната икона „Пресвета Богородица Патеводителка“.[4] Се чуваат вкупно 94 вредни икони, едни царски двери, 50 старопечатени книги и 4 литургиски предмети.[2] ПоврзаноНаводи
|
Portal di Ensiklopedia Dunia