Црква „Св. Петка“ - Мургаш
Света Петка (понекогаш Света Параскева) — главна селска црква во кумановското село Мургаш, Македонија.[1][2] МестоположбаОва е гробишен храм во маалото Банковци, во подножјето на ридот Кула.[3] ИсторијаИзграден е во XVI-XVII век.[4] АрхитектураХрамот има слична архитектура на црквата „Св. Спас“ во Довезенце. Однадвор наликува на профана градба со асиметричен покрив на две води, доколку го изземеме малиот крст создаден во квадратна камена плоча прицврстена на самиот врв на западниот забат. Фундирана е на изразито кос терен и со источната страна повеќе од половина од својата височина е вкопана во земја, додека западната страна ѝ е целосно отворена. Косината на теренот видно се забележува на подните површини. Масивните ѕидови се градени од локален камен со вулканско потекло.[5] Претходно тоа била мала еднокорабна градба. Денешниот изглед го добила во подоцнежно време. Имено, за потребите на црквата е отстранет западниот ѕид од наосот и доградена е правоаголна припрата со иста големина како наосот, а долж целата јужна страна придодаден е тесен издолжен простор - затворен трем кој преку два аркадни премина комуницира со припратата, односно со наосот. Наосот и западната припрата се наоѓаат под еден полукружен свод прицврстен со еден потпорен лак. Јужниот простор или затворениот трем е засводен со четвртина свод. На северниот и западниот ѕид од припратата со помош на потпрен лак е оформена по една ниша. На спојот меѓу сводот и јужниот ѕид на тремот се наоѓа издолжен правоаголен отвор што ја внесува светлината во наосот преку друг мал отвор на јужниот ѕид.[5] Интервенциите кои денес се забележуваат на покривниот покривач се од поново време, кога покривката од камени плочи е заменета со керамиди.[5] КамбанаријаКако придружен објект била подигната и камбанарија чиј изглед е целосно изменет во поново време, кога се направени груби интервенции над влезната врата и на подот.[5] ФрескоживописЖивопис има само во олтарот, кој датира од крајот на XVI до почетокот на XVII век. На него се истакнува допојасната претстава на Свети Ахил Лариски.[6] Новото малтерисување на внатрешните ѕидови во наосот е резултат од оштетувањата на живописот, како и оштетувањата на стариот малтер од празните површини на останатите ѕидови (под претпоставка тие воопшто да не биле живописани), а на фасадите, веројатно поради „подновување“ на градбата. Првобитната црква немала малтерисани фасади.[5] ИконостасВо втората половина на XIX век црквата повторно станува објект на санациони интервенции, внатрешно уредување и опремување. Во рамките на обновата бил изработен висок иконостас во наосот и мал иконостас во источниот дел од јужниот трем со кој е формиран параклис или „женска црква“, како што го нарекува населението овој простор. Иконите од иконостасите се дело на Хаџи Косте зограф и фотограф од Велес од 1872 година. Тогаш во наосот биле поставени страничните столови и архијерејскиот престол.[5] Во црквата се наоѓаат икони на Коста Крстев од 1842 година.
Галерија
ПоврзаноНаводи
Надворешни врски
|
Portal di Ensiklopedia Dunia