Џовани Симеоне
Џовани Пабло Симеоне Балдини (роден на 5 јули 1995 во Буенос Аирес[1]) — аргентински фудбалер, напаѓач на Наполи. БиографијаЏовани потекнува од фудбалско семејство. Тој е син на поранешниот фудбалер и моментален тренер на Атлетико Мадрид, Диего Симеоне, и на моделот Каролина Балдини.[2][3][4][5] Познат е под прекарот Ел Чолито,[6] што е деминутив од прекарот на неговиот таткото, кој бил наречен Ел Чоло. Неговите помлади браќа Џанлука и Џулијано, исто така се фудбалери.[7] Технички карактеристикиЕлегантен, но физички моќен напаѓач, кој е способен да игра било каде во напаѓачката линија на својот тим; во својата кариера бил користен како втор напаѓач, централен напаѓач и како главен (осамен) напаѓач.[8] Тој е компетентен и ефикасен финишер кој добро се служи со двете нозе, и покрај тоа што е природно деснак. Како силен и мошне енергичен играч, Симеоне е познат и по својата тимска работа пред сè со придонесите во дефанзива без топка, спуштајќи се често во средниот ред, со цел да му помогне на својот тим да ја врати топката назад во свој посед. Исто така е опремен со одлична брзина и умее интелегентно да се движи на противничката половина кога неговиот тим напаѓа, што му овозможува да создаде простор и да обезбеди длабочина во нападот на неговиот тим но и да игра на работ на офсајдот.[9] Клупска кариераРивер Плејт и БанфилдЏовани Симеоне ја започнал својата кариера во екипата на Ривер Плејт, приклучувајќи му се на клубот во 2008 година на возраст од 13 години. Откако напредувал низ младинските категории, Симеоне потпишал тригодишен професионален договор со клубот во ноември 2011 година.[10] Во јули 2013 година, бил повикан во првиот тим за пријателските натпревари од претсезоната.[11] Симеоне го направил своето деби во лигата на 4 август 2013, започнувајќи како стартер и играјќи ги сите 90 минути во поразот од Химнасија Ла Плата со 0-1.[12] Подоцна истиот месец тој го обновил договорот, потпишувајќи до 2016 година.[13] Својот прв професионален гол Симеоне го постигнал на 8 септември, во победата на домашен терен над Тигре со 3-0.[14] Вкупно за Ривер Плејт одиграл 33 натпревари и постигнал 4 гола. На 13 јануари 2015, екипата на Банфилд направила понуда со која го побарале младиот напаѓач, кој никако не можел да добие простор за игра во континуитет во Ривер Плејт, да дојде на заем во овој клуб кој исто така се натпреварувал во Примера Дивисион на Аргентина (највисоката фудбалска лига во Аргентина).[15][16] Договорот бил склучен шест месеци подоцна и на 6 јули 2015, Симеоне му се придружил на клубот на заем до крајот на сезоната.[17] На 12 јули 2015 година, тој го направил своето деби за Банфилд постигнувајќи го притоа победничкиот гол во победата со 1-0 над Килмес.[18] За Банфилд одиграл 34 натпревари и постигнал вкупно 12 гола.[19] ЏеноваНа 18 август 2016, Симеоне потпишал за италијанската Џенова во трансфер вреден 3 милиони евра.[20][21] Џенова најпрво откупила 65% од договорот на играчот,[22] а потоа и останатите 35% во јануари 2017 година.[23] На 18 септември дебитирал во Серија А во дресот на Џенова во поразот со 2-0 на гостувањето кај Сасуоло.[24] На 25 септември, тој го постигнал својот прв гол за „грифоните“, во ремито 1-1 на домашен терен против Пескара. На 27 ноември Симеоне постигнал два гола, во победата на домашен терен со 3-1 над Јувентус. Сезоната ја завршил со вкупно 13 постигнати голови (12 во Серија А и 1 во Купот на Италија). Фјорентина и КаљариНа 16 август 2017 година, Симеоне се преселил во Фјорентина за сума од 15 милиони евра плус 3 милиони во бонуси,[25][26] потпишувајќи петгодишен договор до јули 2022.[27] На 20 август дебитирал за виола во поразот од Интер со 3-0 на Џузепе Меаца. Својот прв погодок во дресот на Фјорентина го постигнал на 10 септември во победата со убедливи 5-0 на гостувањето кај Хелас Верона.[28] Во неделата од 31 март до 7 април 2018, Симеоне постигнал гол во три натпревари по ред помагајќи и на Фјорентина да оствари три победи над Кротоне (дома 2-0), Удинезе (гости 2-0) и Рома (гости 2-0). На 29 април 2018, го постигнал својот прв хет-трик во кариерата во победата со 3-0 на домашен терен над Наполи.[29] По позитивната прва сезона во дресот на „виола“ во која на 40 натпревари (во првенството и купот) постиганал 14 голови, во втората тој изненадувачки понудил многу помалку од првата постигнувајќи под сите очекувања само 6 гола во првенството,[30][31] во кое Фјорентина успеала да обезбеди опстанок дури во последното коло.[32] Сепак, во сезоната тој имал еден одличен настап во Купот на Италија, постигнувајќи два гола во победата за паметење со 7-1 над Рома во Фиренца.[33] На 30 август 2019 година, Симеоне се преселил во Каљари на позајмица со обврска за откуп од 16 милиони евра.[34][35] На 1 септември, тој го имал своето деби со сардинијците во натпреварот на домашен терен загубен од Интер со 1-2.[36] На 15 септември, во натпреварот на домашен терен против Парма, тој го постигнал својот прв гол со Каљари, придонесувајќи за победата од 3-1.[37] По неконзистентниот прв дел од сезоната,[38][39] со враќањето на фудбалот во Италија по „суспензијата“ на лигата предизвикана од пандемијата на КОВИД-19, тој постигнал гол во четири последователни натпревари. Сезоната ја завршил со двоцифрен број на голови, трет пат во неговата кариера во Серија А, со вкупно 12 гола.[40] Во втората сезона со Каљари, слично како и во Фјорентина, неговата ефективност се намалила: и покрај добриот почеток (постигнал два гола во победата со 2-3 над Торино[41]), потоа имал пад во формата завршувајќи го првенството со 6 гола.[42] ВеронаОткако одиграл неколку минути за Каљари во натпреварот против Специја, на 26 август 2021 година, тој ги променил клупските бои приклучуваќи се на Верона на позајмица вредна околу 1 милион евра, со опција за откуп поставена на 12 милиони евра.[43][44][45] На 13 септември, тој го започнал домашниот натпревар против Болоња, со што го одбележил своето деби за клубот. На 25 септември, тој го постигнал својот прв гол со „џалоблу“, отворајќи го резултатот во домашниот натпревар против неговиот поранешен клуб Џенова.[46] На 24 октомври, тој за првпат во својата кариера постигнал четири гола на еден натпревар, постигнувајќи ги сите четири гола на Верона во успехот од 4-1 на домашен терен против Лацио;[47] добрата форма во Верона особено по доаѓањето на тренерот Игор Тудор ја потврдил,[48] исто така, постигнувајќи ги одлучувачките два гола во победата од 2-1 на домашен терен над Јувентус. На 27 февруари 2022, го постигнал својот втор хет-трик за сезоната, во победата со 3-1 на домашен терен над Венеција. Својата прва сезона во „градот на љубовта“ ја завршил со 17 постигнати голови и 6 асистенции во 35 настапи, станувајќи само втор играч кој постигнал 15 или повеќе голови во една сезона во Серија А како играч на Верона, по Лука Тони.[49][50] На 13 јуни 2022 година, Верона го откупила договорот на аргентинецот од Каљари, за 10,5 милиони евра.[51][52][53] НаполиНа 18 август 2022 година бил официјализиран неговиот трансфер во Наполи, на позајмица вредна 3,5 милиони евра со опција за откуп поставена на 12 милиони евра,[54][55] која би станала задолжителна кога доколку се исполнат одредени спортски услови.[56] Симеоне избрал да го носи дресот со број 18.[57] Своето деби со „партенопеите“ го имал на 28 август, во ремито 0-0 на гостувањето кај неговиот поранешен тим, Фјорентина, заменувајќи го Виктор Осимен за последните 15 минути од натпреварот. Репрезентативна кариераИмајќи двојно државјанство, шпанско и аргентинско, тој одлучил на репрезентативно ниво да ја претставува втората.[58] Во 2015 година тој бил повикан во аргентинската репрезентација под 20 години за континенталното првенство во категоријата, каде што се истакнал како најдобар стрелец на турнирот,[19] со 9 гола, помагајќи воедно неговата репрезентација да го освои натпреварувањето по петти пат.[59] Благодарение на одличните настапи во репрезентацијата под 20 години, во летото 2016 бил повикан во Олимписката репрезентација на Аргентина да учествува на Олимпијадата 2016 во Бразил.[60][61] Во 2018 година, селекторот Лионел Скалони го повикал Симеоне за првпат во сениорската репрезентација.[62] Своето деби го имал на 7 септември, постигнувајќи гол во пријателски натпревар против Гватемала, кој Аргентина го добила со 3-0.[63] Во октомври 2022 година, тој бил вклучен во списокот на повикани играчи за Светското првенство 2022 во Катар,[64] но не бил вклучен во конечниот состав.[65] Хронологија на репрезентативните настапи
СтатистикаКлупска статистикаСтатистиката е ажурирана 29 април 2018.
Репрезентативна статистика
Хет-трикови
ТитулиКлупскиРивер Плејт
Наполи
Репрезентативни
Наводи
Надворешни врски
|
Portal di Ensiklopedia Dunia