Вилијам С. Кемпбел, нобеловец по медицина во Стокхолм, декември 2015 година
Вилијам С. Кемпбел (роден 28 јуни 1930 година) — американски биолог и паразитолог со ирско потекло, познат за неговите откритија кои се однесуваат на терапија против инфекции предизвикани од цевчести црви, за што ја добил Нобеловата награда за физиологија или медицина за 2015 година.[1] Од 1957 до 1990 година работел на Институтот за терапевтски истражувања Мерк, а моментално работи на универзитетот Дру како почесен соработник.[2][3]
Животопис
Кемпбел е роден во Рамелтон, Донегол, Ирска во 1930 година како трет син на Р. Џ. Кемпбел, снабдувач. Дипломирал на Тринити колеџот во Даблин во 1952 година со почести од прва класа за зоологија, а докторирал на универзитетот Висконсин во 1957 година. Од 1957 до 1990 година тој бил соработник на Институтот за терапевтски истражувања Мерк. Во 1962 година добил државјанство на САД. Во 2002 година бил избран за член на Националната академија на науки на САД.[4] Со Сатоши Омура ја поделиле половина од Нобеловата награда за физиологија или медицина за 2015 година за нивните истражувања на терапии против инфекции предизвикани од цевчести паразити.[5][6] (Другата половина ја добила Ту Јоујоу за нејзината работа на третман на маларија). Кемпбел е само вториот ирски научник кој добил Нобелова награда, по Ернест Волтон кој ја добил Нобеловата награда за физика во 1951 година.
Награди
Нобелова награда за физиологија или медицина за 2015 година – поделена со Сатоши Омура и Ту Јоујоу