Ласел е роден во 1799 г. во Болтон, Ланкашир. Почетното образование го стекнал во родниот град, а потоа на Академијата во Рочдејл.[7] По смртта на татко му, од 1814 до 1821 г. чиракувал кај трговец во Ливерлуп. Потоа почнал да се занимава со пиварство, од кое стекнал значајно богатство, што му овозможило да се занимава со астрономија. Изградил опсерваторија во неговата куќа во Западен Дарби, Ливерпул. Таму поставил рефлекторски телескоп со метално огледало со отвор 610 мм, и прв почнал да користи екваторски држач за лесно следење на телата додека се врти Земјата. Огледалото самиот го брусел и мазнел, користејќи се со самоделна опрема. Во 1854 г. ја префрлил опсерваторијата во Бредстоун.
Во 1855 г. изработил 1,2-метарски телескоп и го поставил на Малта како место со подобра видливост од облачната Англија. На Малта провел неколку години, па се вратил во Англија и се преселил во Мејденхед каде работел со 610-милиметарски телескоп во тамошната опсерваторија. Големиот телескоп на Малта бил расклопен и расходуван.[12] Во 1880-тите, 610-милиметарскиот телескоп е префрлен во Гриничката опсерваторија, но потоа бил расклопен.[9]
Ласел починал во Мејденхед во 1880 г., и погребан во црквата „Св. Лука“.[17] На смртната постела оставил богатство од 80.000 фунти (околу 8.500.000 фунти во 2021 г.). Неговиот телескоп е предаден на Гриничката опсерваторија.
↑McFarland, John (2014). „Lassell, William“. Во Hockey, Thomas; Trimble, Virginia; Williams, Thomas R. (уред.). Biographical Encyclopedia of Astronomers. New York: Springer Publishing. стр. 1281–1283. doi:10.1007/978-1-4419-9917-7_828. ISBN978-1-4419-9917-7.