Ефтим Спасов
Ефтим (Евтим) Спасов — македонски зограф и иконописец, припадник Дебарската школа и зографскиот род Ангелковци.[1] ЖивотописРоден е во мијачкото село Гари, Дебарско, во родот Ангелковци. Работел заедно со татко му Спасе во втората половина на XIX век.[2] Првите познати дела на Спасов се во црквата „Св. Никола“ во Беловодица, каде изработил многу икони. Иконата на Богородица (92 х 63 см) е потпишана: „Из руки го Ефтим Спасовичъ Зографъ от Гари 1885“.[1] Во 1890 г. ги насликал фреските во црквата „Св. Никола“ во прилепското село Загорани. Таму на зографски натпис се потпишал: „Изруки Евтимъ Спасевичъ одеборско окружїе село Гари: на: 1890: месец июні“.[3] Дело на Ефтим Спасов е икона на Светите Седмочисленици (40,4 х 32 см) од „Св. Власиј“ во струшкото село Ложани. Иконата има натпис: „Стыи 7-численикы, С. Прпд. Гораздъ, С. Наумъ Охридски, С. Кирилъ Солунски, С. Климент Ѡхридски, С. Меθодии Солунски, С. Ангеларіи Гармански, С. Сава Охридски“. На долната рамка е датирана со боја 1896 и потпишана со остар предмет „Икона писа Евтимиа Спасевъ отъ Гари Деборско“. Негова икона (52 х 34 см) на светите браќа Кирил и Методиј има во црквата „Св. Никола“ во Вевчани, исто така во Струшко. На неа солунските браќа се претставени во вообичаената поза до престол покриен со чаршаф, на кој има неколку дебели книги, мастилница и чаша. Во горниот дел на иконата, над густите облаци е прикажан Исус Христос како благословува. На долната рамка стои потпис „Иконописецъ Евтимиа Спасевъ отъ с. Гари Деборско 1899“.[1] Ефтим Спасов заедно со неговите братучеди Ѓорѓи и Димитар Андонов ја насликал црквата „Вознесение Христово“ во Долнени.[4] Во 1910 г. тројцата ја живописале црквата „Св. Троица“ во Ропотово.[5] Галерија
Родословие
Наводи
|
Portal di Ensiklopedia Dunia