Маламир
Маламир — средновековен бугарски владетел кој владеел со Првото Бугарско Царство од 831 до 836 година. Тој бил третиот и најмал син на Омуртаг и внук на Крум. На престолот се качил главно поради прераната смрт на постариот брат Звиница и лишувањето од престолот на најголемиот брат Енравота поради пројавени симпатии кон христијанството. Познато е дека откако неговиот брат Енравота одбил да се откаже од христијанството, Маламир го осудил на смрт. Младиот хан ја продолжил градежната активност на својот татко. Во негово време било завршено водоснабдувањето на Плиска. Во надворешната политика се стремел да одржува добри односи со Франкската империја и со Византија. Византискиот цар Теофил го нарушил 30-годишниот мировен договор, кој бил потпишан со Омуртаг, и во 836 година презел поход против Бугарија. Бугарите, на чело со кавкан Исбул одговориле на византиските сили при што навлегле во византиските територии и стигнале дури до Одрин. Потоа се упатиле кон Пловдив и по преговорите со неговите жители влегле во градот. Од тој момент градот бил вклучен во пределите на Бугарија. Овој град во тоа време имал важно стратешко значење за освојувањето на Родопската област, како и за прекинување на римскиот пат Виа Милитарис (Виа Диагоналис) на Балканскиот Полуостров, кој ги поврзува Сигиндунум (Белград), Сердика (денес Софија) и Цариград (Истанбул) и копнената врска помеѓу Солун и Цариград. Овие настани се опишани во Камениот натпис, познат како Маламирова хроника. Маламир неочекувано починал во 836 година и бидејќи не оставил наследници, престолот го зазел неговиот внук Пресијан - син на брат му Звиница. Не е позната точната причина за смртта на бугарскиот владетел. Литература
Наводи
|
Portal di Ensiklopedia Dunia