Пратеник (Македонија)

Во Македонија, пратениците се избираат за да ги претставуваат граѓаните во Собранието на Република Македонија. Тие играат клучна улога во донесувањето на законите и надгледувањето на владата.

Мандат

Мандатот претставува право на пратеникот да ги претставува граѓаните и при извршувањето на функцијата пратеник да одлучува по свое уверување (слободен мандат).

Пратениците во Собранието на Република Македонија се избираат за време од четири години на општи, непосредни и слободни избори со тајно гласање. Пратениците се избираат секоја четврта година, во последните 90 дена од мандатот на стариот пратенички состав, или во рок од 60 дена од денот на распуштањето на Собранието. Мандатот на пратениците го верифицира Собранието и трае од денот на неговото верификување до денот на верификување на мандатот на новоизбраните пратеници, но не повеќе од 4 години. Пратеничкиот мандат може да се продолжи само за време на воена или вонредна состојба. Мандатот на пратениците Собранието го верификува на конститутивната седница, на предлог на Верификациона комисија на Собранието. Конститутивната седница на Собранието се одржува најдоцна 20 дена од одржувањето на изборите. Ако конститутивната седница не се свика во предвидениот рок, пратениците сами се состануваат и го конституираат Собранието на 21. ден од денот на завршување на изборите. Со верификацијата на мандатот пратеникот стекнува права и должности утврдени со Уставот, закон, Деловникот на Собранието и со други прописи и општи акти.

Пратеникот не може да биде отповикан од функцијата, но може да му престане или да му биде одземен мандатот пред истекот на времето за кое е избран. На пратеникот му престанува мандатот пред истекот на времето за кое е избран ако:

  • поднесе оставка;
  • е осуден за кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години;
  • настапи случај на неспојливост со функцијата пратеник;
  • му престане државјанството на Република Македонија;
  • со правосилно решение биде лишен од деловната способност и
  • во случај на смрт.

На пратеникот може да му биде одземен мандатот, кога е осуден за кривично или друго казниво дело што го прави недостоен за вршење на функцијата пратеник, како и за неоправдано отсуство од Собранието повеќе од шест месеци. Предлог за одземање на мандатот поднесува Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, врз основа на известување од претседателот на Собранието. Во случај кога пратеникот е осуден, известувањето до претседателот на Собранието го доставува судот кој ја изрекол казната. По предлогот на комисијата се води претрес на првата наредна седница на Собранието, при што претресот може да заврши со донесување одлука за одземање на мандатот на пратеникот, која се носи со двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници. Мандатот на пратениците може предвреме да престане и во случај на самораспуштање на Собранието на Република Македонија. Собранието се распушта ако за тоа се изјасни мнозинството од вкупниот број пратеници.

Имунитет

Пратениците во Република Македонија уживаат имунитет од денот на верификацијата до денот на престанокот на нивниот мандат. Согласно со Уставот, пратениците уживаат два вида имунитет: неодговорност на пратеникот (материјален или суштински имунитет) и неповредливост на пратеникот (процедурален имунитет). Заедно, овие два вида имунитет ја обезбедуваат слободата на пратеникот во вршењето на пратеничката функција и независноста на претставничкото тело во вршењето на законодавната власт.

Неодговорноста на пратеникот значи неможност пратеникот да биде повикан на кривична или друга одговорност, или да биде притворен за искажано мислење, или за гласање на седниците на Собранието или на неговите работни тела. На таков начин, материјалниот имунитет ја гарантира слобода на говорот, но не го штити пратеникот од одговорност за искажано мислење надвор од седниците на Собранието или на неговите работни тела. Така, на пример, пратеникот нема да одговара, ако навреди друг пратеник или граѓанин во собраниската дебата, но ќе одговара за навреда што ја сторил надвор од Собранието. Овој вид имунитет не може да биде предмет на расправа за одземање и важи и по престанокот на мандатот на пратеникот. Материјалниот имунитет не ја исклучува ниту должноста на пратеникот да го почитува Деловникот на Собранието. Претседателот на Собранието има право да го отстрани пратеникот од седницата, кога и покрај опомената или одземањето на зборот, тој и понатаму го нарушува редот на седницата или употребува изрази со кои се нарушува достоинството на Собранието.

Неповредливоста на пратеникот (процедурален имунитет) се однесува на кривичните дела сторени надвор од претставничкото тело. Овој вид имунитет не значи дека против пратеникот не може да биде покрената постапка за утврдување на кривична одговорност, или пак дека пратеникот не може да биде осуден за кривично дело. Процедуралниот имунитет значи неможност пратеникот да биде притворен без одобрување на Собранието, освен ако е затечен во вршење кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години. Во првиот случај, надлежниот орган поднесува барање до претседателот на Собранието за одобрување притвор на пратеник. Во вториот случај, надлежниот орган го известува претседателот на Собранието дека пратеникот е притворен затоа што е затечен во вршење на кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години. Надлежниот орган го известува претседателот на Собранието за притворот на пратеникот дури и кога тој не се повикал на својот имунитет. Претседателот на Собранието, барањето за одобрување притвор, односно известувањето дека пратеникот е притворен веднаш го доставува до Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, која е должна да го разгледа барањето, односно известувањето и во рок од два дена да достави извештај до претседателот на Собранието. За седницата на Комисијата се известува и пратеникот на кој се однесува барањето. Врз основа на извештајот на Комисијата, Собранието најдоцна во рок од три дена одлучува дали ќе даде одобрение за притвор на пратеникот. Ако Собранието не одобри притвор, пратеникот ќе биде веднаш пуштен на слобода, дури и ако пратеникот не се повикал на имунитет.

Привилегии

Надоместоци

Пратениците имаат право на бројни надоместоци. Пратениците на кои местото на живеење им е надвор од територијата на Град Скопје имаат право на надоместок за користење на автомобил во лична сопственост за службени цели (патни трошоци), или надоместок за одвоен живот од семејството, или надоместок за закупнина на стан.[1] Во 2023 година на пратениците за патни трошоци им биле исплатени над 366 илјади евра.[2]

Ако пратеникот живее во странство, добива право на сместување до 70 метри квадратни, или до 100 метри квадратни ако е со семејство.[3] Исто така, ако имаат патувања до изборната единица – пратениците што живеат надвор од земјата имаат право на шест службени посети годишно, со покриени трошоци.

Надоместоци на пратениците во Република Македонија[1]
Надоместок Износ
Патни трошоци 20% од малопродажната цена на горивото за секој изминат километар
Одвоен живот од семејството 30% од просечната месечна нето плата исплатена во Р. Македонија во претходните три месеци
Закупнина на стан 400 € месечен бруто износ[4]
Службени патувања Дневници и ноќевање
Отпремнина при заминување во пензија Две просечни месечни плати, остварени во претходните три месеца
Погребни трошоци Просекот на двете последни плати на починатиот пратеник

Апанажа

Пратеник во Собранието во зависност од должината на неговиот мандат може да остварува плата (апанажа) и по престанувањето на мандатот за време до една година, и тоа:[1]

Времетраење
на мандатот
Времетраење
на апанажа
до 6 месеци 3 месеци
6-12 месеци 6 месеци
12-24 месеци 9 месеци
над 24 месеци 12 месеци

Правото на апанажа се стекнува врз основа на лично барање кое се поднесува во рок од 30 дена од денот на престанувањето на мандатот. На пратеник му престанува правото на апанажа, ако: ги исполни условите за старосна пензија, се вработи или биде избран на друга функција, врз основа на која остварува плата и тоа сам го побара.

Наводи

  1. 1,0 1,1 1,2 „Закон за пратениците“. Собрание на Република Северна Македонија.
  2. „[Инфографик] Пратеници лани добивале и по 1.000 евра месечно за патни трошоци“. Радио МОФ. 16 мај 2024.
  3. „Тројно поголеми плати плус привилегии: Колку заработуваат пратениците на Балканот“. Радио Слободна Европа. 12 февруари 2025.
  4. „Одлука за утврдување на висината на надоместокот за закупнина на стан“ (PDF). Службен весник на Република Македонија. 31 август 2018.
Prefix: a b c d e f g h i j k l m n o p q r s t u v w x y z 0 1 2 3 4 5 6 7 8 9

Portal di Ensiklopedia Dunia

Kembali kehalaman sebelumnya