Како составен дел од Франција, прекуморските заедници имаат свои претставници во Националното собрание, Сенатот и Економско-социјалниот совет. Од нив, само Свети Мартин е во Европската Унија и гласа на европските парламентарни избори. Во паричен поглед, прекуморски заедници во Тихиот Океан го употребуваат тихоокеанскиот франк (XPF), кој е курсно врзан за еврото, додека пак атлантските заедници го користат самото евро.
Денес постојат пет прекуморски заедници на Франција:
Француска Полинезија — тихоокеанска територија на Франција сочинета од голем број острови. Станала прекуморска заедница во 2003 г. По законот од 2004 г. се нарекува „прекуморска земја во состав на Републиката“ (pays d'outre-mer au sein de la République или POM), но правно останува со тој статус. Француска Полинезија има голем степен на автономија, со свој симболичен претседател и свое собрание.
Свети Мартин — северната половина на истоимениот остров во архипелагот Мали Антили. Го стекнал овој статус со неговото отцепување од прекуморскиот департман Гваделуп во 2007 г. Има територијален и извршен совет. Останал дел од Европската Унија и по отцепувањето.
Нова Каледонија од 1946 г. имала статус на прекуморска територија, но во 1999 г. добила посебен статус согласно Нумејската спогодба од претходната година. Со неа е воведено новокаледонско државјанство и постепено отстапување на надлежностите од француската држава.