прво издание: 1878 година во Софија. второ издание: 1882. трето издание: 1894
Самовила Македонска (позната и како Самовила Македонска и еја посестрима) е поема напишана од македонскиот национален и револуционерен деец Ѓорѓија Пулевски. Поемата е напишана во 1878 година во Софија[1], непосредно во годината на револуционерните збиднувања со Македонското (Кресненско) востание, Руско-турската војна во Големата источна криза (кога е ослободена Бугарија) и Берлинскиот конгрес[1]. Преку песната Ѓорѓија Пулевски ги искажува силните стремежи и традиции македонскиот народ, сакајќи со силен патриотски набој да го крене македонскиот народ на ослободителна борба против поробувачите, потсетувајќи го на сопственото славно минато и историја на Македонија од времето на Филип Македонски и Александар Македонски. Оваа поема е сведоштво за свеста на македонското преродбенско ослободително движење за поврзаноста со Античките Македонци како доказ и стожер за македонската национална посебност и самобитност. Оваа поема е првата објавена поетска творба на Ѓорѓија Пулевски и истовремено е првата македонска револуционерна политичка-патриотска песна со јасна националноослободителна определба во македонската литературна историја[2]. До крајот на XIX век, поемата била уште 2 пати објавувана. Македонскиот преродбеник Кузман Шапкарев во целост ја препечатил оваа значајна поема во пловдивскиот весник „Марица“ во 1882 година[2]. Во 1894 година во својот „Македонско-славјански зборник“ оваа песна ја вклучил и видниот руски славист од бесарапско бугарско потекло Петар Драганов[2].
Делови од текстот на Самовила Македонска
Поемата е напишана на свесно архаизиран јазик, со стрикни своевидни укажувања како каде да се пее и започнува со стиховите:
Сверх планиње македонски ежедневна темнина,
Дал' покрила темна могла ил' темен облак?
Дал' естество ноќ створило - темно да биде
в Кралевину Македонску од времја оно до века,
та в темнина току се слушат страшен викот, пљускотит?
Ѓорѓија Пулевски го дава плачот на Самовилата Македонска што ги повикува сите сестри од македонските планини за да ја чујат несреќата на Македонија, зашто:
Берлински конгрес што написа - условија не исполни,
та полошо ни направи в Македонија.
Македонски мајки пиштата, а Јевропу милно мољат:
„О Јевропо христијанска, дал' не слушаш наши плач?
О Јевропо, мила мајко, што ни остави под турска власт?[2]“
Чујте, жители македонски! Назе ништо не ни чекат:
од азијатци - насилије, а в туѓина - укорство.
Туѓа страна је непријатна, а в туѓина ве напорки гледат
И несносни прешебови свијем ни вељат.
Во поемата Пулевски исто така сожалува за неисполнетото обединување на Македонија со Кнежевство Бугарија:
На илјада осумстотини седумдесет и осмото лето;
Тога Руси повладае све Отоманство,
И полостров одсвоже, та Цариград обколие,
Во свети Стефан се сместие и се сложие.
Турчин даде свит слобода, а потврди свободител.
На Кнежевство сви Бугари, да си владает.
Македонци Бога молие, поживи ни избавител.
Дај му Боже многу летно дејствие.
Оту нас ни ослободи, во Кралевину македонску.
Да се соединим со еднородних заедно.
А Енглиска учини пречка, крена глава најави борба.
Та никому не препјатсвува, токмо само нам.
Через назе да ни разделит, од нашии браќа Бугари."
↑ 1,01,11,2Ристовски, Блаже (1995). Македонија и македонската нација. Детска радост. стр. 133.
↑ 2,02,12,22,32,42,5Ристовски, Блаже (1996). Ѓорѓија М. Пулевски - меѓник во нашата култруно-национална историја. Македонска академија на науките и уметностите. стр. 16–17.
↑Кај него преземено од: Гь.М.П.Самовила Македонска, Печатница на Б.Прошекъ въ София- Государственная публичная библиотека им. Салтикова-Щедрина, С.29 8. 103.