Средоземна Дакија
Средоземна Дакија (латински: Dacia Mediterranea; грчки: Δακία Μεσόγειος) ― доцноантичка римска провинција, чиј главен град бил Сердика (или Сардика; подоцна Средец или Срадец, денешна Софија). Датумот за основање на Средоземна Дакија е несигурен. Традиционално било сметано дека е основана во исто време со Поречна Дакија (латински: Dacia Ripensis), при што двете провинции биле издвоени од поранешната Аврелијанова Дакија (Dacia Aureliana) како дел од диоклецијановото преструктуирање на римските провинции во текот на 290-тите. Меѓутоа, бидејќи Средоземна Дакија содржела градови кои никогаш не биле дел од Аврелијанова Дакија (како што е Наисус), сега се верува дека провинцијата била основана во 320-тите, за време на владеењето на Константин I, и била створена со територија преземена од провинциите Дарданија, Тракија и поделбата на Поречна Дакија (при што Поречна Дакија го изгубила главниот град Сердика, град кој претходно бил и главен град на Аврелијанова Дакија).[1] Лежејќи веднаш јужно од Поречна Дакија, провинцијата била управувана од конзулар (consularis).[2] Во 535 година, императорот Јустинијан I (527-565) ја создал Архиепископијата Јустинијана Прима како регионален примат со црковна јурисдикција над сите провинции на Диецезата Дакија, вклучувајќи ја и провинцијата Средоземна Дакија.[3] За тоа време тој, исто така, ги зајакнал утврдувањата на различни градови во покраината, вклучувајќи ги Сердика, Наисус, Германија (денешна Сапарева Бања) и Пауталија (денешен Ќустендил). Тој исто така додал тврдини на постоечките градови, како што е Ремесијана (кај Бела Паланка).[4] Средоземна Дакија била зафатена со пустошење на аварската и словенската инвазија од крајот на VI и почетокот на VII век, и била изгубена во исто време со Диецезата Дакија, иако мали места во провинцијата продолжиле да останат во римски раце, како на пр. Сердика и нејзината непосредна околина. Овие југоисточни остатоци на крајот биле припоени во Темата Тракија кон крајот на VII век. Наводи
Извори
|
Portal di Ensiklopedia Dunia