Хипертироидизам е заболување на штитната жлезда коешто настанува како последица на зголемена концентрација на хормоните што ги лачи штитната жлезда. Хипертиреозата е состојба на забрзан метаболизам и бара мирување на пациентот додека не настапи нормализација на хормонот на штитната жлезда.
Причини
Најчеста причина за појава на хипертиреоза е автоимуната Гравесова болест, која најчесто се јавува кај жените на возраст од 20 до 40 години, а поретко кај мажите. Исто така, зголемената активност на штитната жлезда може да биде предизвикана и од хиперфункционален јазол, како и од полинодозна токсична струма. Исто така, причина за појавата на хипертиреоза може да биде и претераното внесување хормони, а како многу ретка причина се јавуваат и туморите на хипофизата.[3]
Како поретки причини за појава на хипертиреоза се јавуваат:[4]
Токсичен аденом, т.е. хиперфункционален јазол во штитната жлезда, којшто се јавува кај постари пациенти од подрачјата со намалено количество јод во водата и во храната.
Постпородилен тиреоидитис се јавува во првите шест месеци по породувањето и најчесто минува низ три фази: зголемена, забавена и нормална функција на штитната жлезда. Пациентите со хроничен Хашимото тиреоидитис одвреме-навреме може да поминат низ фаза на зголемена функција на штитната жлезда со висок титар на антитела, но најчесто тоа е процес што доведува до намалување на функцијата на штитната жлезда.
Најчести симптоми на хипертиреозата се: гушавост, нервоза, промени на расположението, неподнесување топлина, прекумерно потење, тресење на рацете, срцебиење, замор, брзо заморување, отежнато дишење, брзо губење на телесната тежина и покрај добриот апетит, измет сличен на пролив итн. Исто така, кожата може да биде влажна и топла, а можни се и промени на потколениците во вид на задебелување. Кај Гравесовата болест често се јавува и оток на очните капаци, црвенило на белките, појава на двојни слики и испапченост на очите. Кај постарите пациенти често се јавува поблага, неспецифична клиничка слика, со намалена телесна тежина, слабост во мускулите, емотивна лабилност и нарушување на работата на срцето.[3]
Терапија
Во лечењето на хипертиреозата се применуваат три пристапи:[3]
Антитиреоидни лекови. Овие лекови го блокираат натамошното создавање на хормоните на штитната жлезда, а тие се користат во период од 12 до 18 месеци. Доколку по престанокот на лекувањето повторно се врати болеста (што се јавува во 70-80% од случаите), се препорачува лечење со другите постапки. Во првите три месеци од лекувањето со антитиреоидните лекови се применува и лекот од групата на бета-блокатори, пропранолол, кој ја забавува работата на срцето, го намалува крвниот притисок и го спречува претворањето на тироксинот (Т4) во тријодтиронин (Т3), со што се закочува активирањето на веќе создадените хормони што се наоѓаат во крвта.
Радиоактивен јод. Овој тип лекување овозможува нормализација на функцијата на штитната жлезда во период од три до шест месеци, а во текот на следните години по примањето на радиоактивен јод , кај 50-80% од пациентите доаѓа до намалена работа на штитната жлезда и имаат потреба од воведување синтетски хормони.
Хируршко лекување. Оваа терапија се применува кај помладите пациентки кои планираат бременост, како и кај мажите кај кои претходните терапии не даваат резултати. Исто така, хируршкиот третман се применува и при појава на големи, дифузни струми, како и струми со бројни јазли. Со хируршкиот зафат се отстранува целата или дел од штитната жлезда, така што пациентите мора доживотно да земаат хормони на штитната жлезда.
Наводи
↑Грешка во наводот: Погрешна ознака <ref>; нема зададено текст за наводите по име NIH2012.
↑Грешка во наводот: Погрешна ознака <ref>; нема зададено текст за наводите по име ATA2011.
↑ 3,03,13,2Виолета Ќулафиќ-Војиновиќ, „Хипертиреоза - Заболување на штитната жлезда“, Betty магазин, година IV, број 37, март 2017, стр. 4.
↑Виолета Ќулафиќ-Војиновиќ, „Хипертиреоза - Заболување на штитната жлезда“, Betty магазин, година IV, број 37, март 2017, стр. 4-5.