Бенгалски тигар
Бенгалскиот тигар (Panthera tigris tigris или Panthera tigris bengalensis) познат и како Кралски бенгалски тигар, е подвид на тигар кој главно живее во Индија и Бангладеш. Го среќаваме и во делови на Непал, Бутан, Мјанмар и јужен Тибет. Бенгалскиот тигар е еден од најголемите и најбројните подвидови на тигри. Владата на Индија пријавила дека има околу 1411 тигри во дивината[2][3][4]. Единствено живеалиште на овој подвид е индискиот потконтинент. Поради ширењето на човекот, природното живеалиште на бенгалскиот тигар драстично е намалено[5]. Повеќето тигри во Индија, каде живеат околу 50% од вкупната популација на тигрите, се фрагментирани на мали изолирани популации, што ги прави ранливи и во опасност од изумирање[6]. Бенгалските тигри се сметаат за втор најголем подвид на тигар по сибирскиот [7]. Ова е најбројниот подвид, живее во најразлични животни средини вклучувајќи пасишта, тропски и суптропска дождовни шуми, суви и влажни листопадни шуми и мангруви. Бенгалскиот тигар е национално животно на Бангладеш, а видот тигар е национално животно на Индија[8]. ОсобеностиВо минатото се сметало дека бенгалскиот тигар е вториот најголем подвид на тигар по сибирскиот, сепак, неодамнешните истражувања покажале дека е можно бенгалскиот да е најголем подвид[9]. Должината на мажјаците изнесува од 270-310 сантиметри, а на женките е помеѓу 240 и 265 сантиметри[10]. Опашката им е долга 85-110 сантиметри, а висината до рамениците е околу 90-110 см[11]. Просечната тежина изнесува 221,2 килограми кај мажјаците, и 139,7 килограми кај женките[12]. Единките што живеат во северните делови на Индија и Непал се потешки од просекот: измерени се 235 килограми кај мажјаците и 140 кг кај женките[13]. Официјално, најтешкиот бенгалски тигар тежел 258,6 килограми и бил убиен во северна Индија во 1938 година[14]. Сепак, на најтешкиот мажјак со непотврдено мерење му биле измерени 270 килограми. Овој тигар бил фатен и означен од научник во Непал во 1984 година[15]. Бенгалскиот тигар со најголеми измерени димензии бил уловен од страна на Аркибалд Дунбар Брандер, и бил долг 221 сантиметар, имал висина до рамениците од 109 сантиметри, обем на градите од 150 сантиметри и опашка долга само 81 сантиметар (се претпоставува дека дел од опшаката му е скинат за време на борба). Оваа единка не била измерена, но со пресметки се проценува дека тежела не помалку од 270 килограми[16]. Според Гинис, најтешкиот тигар бил мажјак уловен во 1967 година, кој бил долг 322 сантиметри и тежел 388,7 килограми. Оваа единка била уловена во северниот дел на Индија од страна на Давид Хасингер, и во моментот е дел од изложбата на Институтот Смитсониан [17]. На почетоток на 20 век, се појавиле неколку пријави за мажјаци кои биле долги 3,6 метри, сепак не постојат точни научни докази и најверојатно овие димензии се основаат на мерење и на облините на телото (не директна линија од главата до коренот на опашката) [18]. ![]() Тигрите можат да живеат и на ниски температури, бидејќи нивното крно ги штити од сурово време. Крзното е жолто до светлопортокалово, а пругите се темнокафени или црни. Стомакот е со бела боја, а опашката е бела со црни прстени. Мутација на бенгалскиот подвид се и белите тигри кои имаат темнокафени или црвеникаво-кафеави пруги на бела позадина, а некои се и сосема бели. Црните тигри имаат жолто-кафеави, жолти или бели пруги на црна позадина. Кожа на црн тигар долга 259 сантиметри, е изложена во Националниот Природонаучен музеј во Њу Делхи. Постојат пријави за црни тигри без пруги меѓутоа ова никогаш не било докажано[19]. Генетски маркериБенгалските тигри се дефинирани со три посебни митохондриални нуклеотидни положби и 12 уникатни микросателитски алели. Моделот на генетската варијација кај бенгалските тигри одговара со претпоставката дека овие тигри дошле во Индија пред околу 12 000 години. Оваа историја за тигрите на индискиот потконтинент е во согласност со непронаоѓањето на фосили на тигри во Индија од времето пред доцниот плеистоцен, и отсуството на тигри во Шри Ланка, која се одвоила од континентот по зголемувањето на нивото на морињата за време на раниот холоцен [20][21]. Сепак, неодамнешно истражување класифицирало како тигри два независни фосила од локации во Шри Ланка, од кои едниот датира од пред 16 500 години[22]. ИсхранаБенгалските тигри се класифицирани како строги месојади, што значи дека се хранат исклучиво со месо. Бенгалските тигри се хранат со голем број различни животни кои ги среќаваме во нивните живеалишта како елен (самбар, читал, мунџак), дива свиња, водно бафало, гаур, антилопа нилгаи, а повремено и други копитари како Nilgiritragus hylocrius, јарци и такин. Забележани се и тигри кои ловат мал плен како мајмуни, зајаци, птици и бодликави прасиња. Сепак најголем дел од исхраната на тигрите отпаѓа на големи и средноголеми копитари[23][24][25][26][27]. Бенгалските тигри понекогаш убиваат и други грабливци како леопарди, волци, чакали, лисици, крокодили, азиски црни мечки, тромави мечки и азиски диви кучиња – животни кои нормално не се дел од пленот на тигарот. Возрасните слонови и носорози се премногу големи за да бидат убивани од тигрите, но сепак регистрирани се неколку вакви случаи: познатиот индиски ловец и биолог Џим Корбет опишал инцидент каде два тигри успеале да убијат возрасен слон мажјак[28]. Поради навлегувањето на човечките населби на териториите на кои живеат бенгласките тигри, овие големи мачки повремено напаѓаат и добиток, а доколку се стари или повредени се случува да нападнат и луѓе. Начинот на лов на тигрите и пристапноста до плен, ги условува да бидат животни кои се хранат во стил на „прејадување или глад“. Тигрите кога има плен се прејадуваат конзумирајќи 18-20 килограми месо одеднаш, а потоа доколу не успеат да уловат ништо, не јадат и неколку дена[23]. Бенгалските тигри ги напаѓаат ранливите единки, најчесто последното животно во стадото, потоа го убиваат и го носат на безбедно место каде го јадат[29]. Размножување![]() Парењето може да се одвива во било кој период од годината, но сепак најчесто е помеѓу ноември и април. Женките достигнуваат зрелост на 3-4 годишна возраст, а мажјаците на возраст од околу 4 години. По носењето кое трае 103 дена, женката носи на свет 2-5 младенчиња. Новородените тигри се слепи и тежат околу еден килограм. Мајката ги храни со млеко 6-8 недели а потоа тие почнуваат да јадат месо. Младенчињата остануваат до мајката околу година и пол а потоа почнуваат сами да си ловат плен[2][29]. ЛовокрадствоВладата на Индија и Индиското друштво за заштита на дивиот свет (Wildlife Protection Society of India - WPSI) работат на апсење на ловокрадците и трговците со делови од тигри. WPSI ги истражува сите случаи на запленување на делови од тигри или на неприродна смрт кај овие животни. До денес оваа организација ги има регистрирано следниве случаи (податоците се добиени од [WILDLIFE PROTECTION SOCIETY OF INDIA. Tiger Poaching Statistics of India 2007] :
WPSI има и податоци за голем број на тигри кои се „пронајдени мртви“. Без потврда дека се работи за ловокрадство, овие случаи не се вклучени во бројките кои се презентирани во табелата. Големата побарувачка на коските на тигрите кои се употребуваат во традиционалната кинеска медицина, како и меѓународната трговија со крзното од овие животни, продолжуваат да бидат главните причини за ловокрадството во Индија. Популација![]() Денешната популација на бенгалски тигри во дивината на индискиот потконтинент се проценува на 1300-1500 единки[30]. Од овие, 1411 живеат во Индија [31], а околу 280 единки во Бангладеш, најмногу во Сундербанс [32]. За време на последниот век, бројноста на тигрите е драстично намалена. Од осум подвидови кои постоеле во 1900-тите, денес три од нив се изумрени, а изгубени се и над 90% од дивите тигри[33]. Во минатото, пребројувањето на тигрите во Индија се правело со собирање отисоци од шепите (најчесто левата задна нога) во одреден временски период. Потоа овие отисоци биле анализирани за да се добие бројот на тигри. Овој метод долго бил критикуван од научниците како лесно подложен на грешки[34]. Денес се користи специјален софтвер PUGMARK 1.0м кој исто така се темели на теоријата дека секој тигар остава карактеристични отисоци. Од секоја трага се прават дигитални фотографии на отисоците, се земаат мерки на должината на чекорите, начинот на движењето и GPS локација. Потоа, овие податоци се внесуваат во компјутер и преку статистички анализи се создава „профил“ на секој тигар. Популацијата на тигрите во Индија е намалена од 1642 во 1990-тите на нешто над 1400 од 2002 до 2008. Оттогаш, индиската влада преземала неколку мерки за да се намали уништувањето на природното живеалиште на овие животни. Од јуни 2009 година, бенгалски тигри има во 37 резервати на териториите на 17 индиски држави.[35] Уништувањето на природното живеалиште и прекумерниот лов се најсериозната закана за преживувањето на овој вид. Ловокрадците убиваат тигри не само поради нивното крзно, туку и поради други делови од телото кои се користат во традиционалната источно азиска медицина. Генетско загадување кај дивите бенгалски тигриВо јули 1976 година, зоолошката градина Твикрос од Англија, донирала тигрица бенгалски тигар кој бил пуштен во Националниот парк Дудва во Индија, со цел да се докаже дека тигрите чувани во заробеништво можат успешно да се прилагодат на живот во дивина. Во 1990-тите, во овој национален парк се појавиле тигри со одлики на сибирскиот подвид : дебело крзно, широка глава и бели пруги. Благодарение на современите технологии, докажано е дека гени од сибирски тигар го „загадиле“ генетскиот код на претходно чистокрвниот бенгалскиот тигар од Дудва. Подоцна се дознало дека зоолошката градина Твикрос не чувала податоци од програмите за разможување, и поради тоа на Индија и бил даден хибрид од сибирски и бенгалски тигар. Иако популацијата во овој индиски национален парк изнесува само 1 процент од вкупната популација, се стравува декае можно ова генетско загадување да се прошири и на другите популации со што би можело да се загрози и постоењето на бенгалскиот тигар како посебен подвид[36][37][38][39][40][41][42][43][44][45]. Наводи
Надворешни врски
|
Portal di Ensiklopedia Dunia