Ѓорѓи Колозов (26 февруари 1948 во Богданци – 13 октомври 2003 во Скопје) — македонски глумец, еден од најпознатите во Македонија, најзапаметен е по неговите извонредни толкувања на разни типски ликови од народно творештво како цар, кадија, чорбаџија, селанец, па дури и како Господ. Уживал популарност и во македонската дијаспора, во Австралија, Соединетите Држави, како и во соседните држави на Балканот.
Образование
Дипломирал на Академијата за драмска уметност (денес Факултет за драмски уметности), на универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје во 1973 година.
Кариера
По дипломирањето, тој бил во постојан работен однос со Македонскиот народен театар.
Неговата популарност била резултат на неговото долгогодишно искуство и мошне популарната македонска ТВ-серија „Македонски народни приказни“ засновани на збирката народни преданија издадени во XIX век од собирачите на македонски народни умотворби како Марко Цепенков, Кузман Шапкарев, Ѓорѓи Пулевски и други. Овие приказни имаат непроценливо значење за македонската фолклористика, за етнографијата, лингвистиката, националната историја и за правото и моралот на Македонците.
Почнувајќи од 1984 година, со серијата која првично била насловена како „Легенди и преданија“, па од 1986 до 2003 година како телевизиска серија „Македонски народни приказни“ во продукција на МРТ, имал снимено околу 300 епизоди.
Во Драмата на Македонскиот народен театар се вработил во 1975 г. На оваа сцена имал остварено позначјани улоги во претставите: „Од многу ум“, „Андрокле и лавот“, „Госпоѓа министерка“, „Чорбаџи Теодос“, „Женидба“, „Воена тајна“, „Мрестење на краповите“, „Слободни врски“, „Валпургиска ноќ“, „Рекламна бајка“ и други.[1]
Настапил во повеќе играни филмови како во македонска продукција така и во продукција на Вардар Филм во периодот на поранешна СФРЈ, меѓу кои: „Македонскиот дел од пеколот“, "Нели ти реков", "Истрел", „Тетовирање„ и други.
Во 2016 година од страна на Државниот архив на Република Македонија биле објавени документи според кои Ѓорѓи Колозов бил следен од страна на Управата за државна безбедност во времето кога бил студент[2].
Театарски претстави
- Ристе, во „Чорбаџи Теодос", од Васил Иљоски, р. Тодор Николовски, Театар Куманово (1966).
- Том Чери, во „Црвениот цвет", Театар Куманово (1967).
- Мико, во „Нажалена фамилија", Театар Куманово (1967).
- Драгиша, во „Командант Силер" од Борислав Михајловиќ, р. Благоја Андреев, Театар Штип (1967).
- „Вујко Вања" од Антон Павлович Чехов, р. Благоја Андреев, Театар Куманово (1968).
- „Птици без јато" од Душан Роксандиќ, р. Александар Ѓорчев, Театар Куманово (1969).
- „Матуранри" од Жоже Андру Лакур, р. Драгољуб Димовски, Театар Куманово (1970).
- Продавач, во „Јунона и Паунот", од Шон Окејси, р. Слободан Унковски, МНТ (1971).
- Иван Петорубљ, во „Зајдисонце", од Исак Бабељ, р. Бранко Ставрев, МНТ (1971).
- Мажот, во „Сите мои синови" од Артур Милер, р. Ацо Алексов, Театар Куманово (1971).
- Професорот Аутенрит, во „Хелдерлин", од Петар Вајс, р. Владимир Милчин, МНТ (1973).
- Водачот, во „Децата на сонцето", од Максим Горки, р. Владимир Милчин, МНТ (1973).
- Паул Алтман, во „Господа Глембаеви", од Мирослав Крлежа, р. Владимир Милчин, МНТ (1974).
- Петрушка, во „Од многу ум", од Александар Грибоедов, р. Димитар Ќостаров, МНТ (1974).
- Спинто, од „Андрокле и лавот", од Џорџ Бернард Шо, р. Виолета Џолева, МНТ (1976).
- Бакалот, во „Соблазна во шентфлоријанската долина", од Иван Цанкар, р. Владимир Милчин, МНТ (1976).
- Алтернација, во „Госпоѓа Министерка", од Бранислав Нушиќ, р. Димитар Ќостаров, МНТ (1977).
- Мајсторот од пиланата, во „Крчма под зеленото дрво", од Петер Ковачиќ, р. Владимир Стрниско, МНТ (1977).
- Семинаристот, во „Бесови", од Албер Ками, р. Илија Милчин, МНТ (1978).
- Кајгана, во „Женидба", од Н. В. Гогољ, р. Бранко Ставрев, МНТ (1979).
- Полицискиот писар, во „Милион маченици" од Ристо Крле, р. Петре Прличко, МНТ (1980).
- „Остен", од Бранко Ставрев, р. Бранко Ставрев, МНТ (1981).
- Полициски старшија, во „Свирач на покривот", од Џери Бок, р. Владо Штефанчиќ, МНТ (1983).
- Кметот, во „Макавејските празници", од Живко Чинго, р. Бранко Ставрев, МНТ (1983).
- Бого, мечка, во „Воена тајна", од Душан Јовановиќ, р. Душан Наумовски, МНТ (1984).
- Даг, во „Слободни врски", од Мајкл Велер, р. Ајрин Луис, МНТ (1984).
- Танаско, во „Рамна земја", од Ташко Георгиевски, р. Владимир Милчин, МНТ (1985).
- Поцко, во „Чорбаџи Теодос", од Васил Иљоски, р. Ацо Алексов, МНТ (1985).
- Алтернација, во „Мрестење на краповите", од Александар Поповиќ, р. Ацо Алексов, МНТ (1987).
- Џинот Акоти, во „Рекламна бајка", од Русомир Богдановски, р. Коле Ангеловски, МНТ (1989).
- Витја, во „Валпургиска ноќ", од Венедикт Ерофеев, р. Владимир Портнов, МНТ (1990).
- Шамраев, во „Галеб”, од Антон Павлович Чехов, р. Бранко Ставрев, МНТ (1990).
- Џинот Карузо, во „Чудовишта во нашиот град", од Русомир Богдановски, р. Коле Ангеловски, Театат за деца и младинци (1992).
- Рударот, во „Бунт во домот за старци", од Венко Андоновски, р. Бранко Ставрев, МНТ (1994).
- Селанец, во „Македонска крвава свадба", од Војдан Поп Георгиев, р. Сашо Миленковски, МНТ (1995).
- Божин, во „Женско царство", од Шенка Колозова, р. Шенка Колозова, Т. Колозов (1996).
- Еленки Историк Пху, во „Мелница”, од Митко Маџунков, р. Бранко Ставрев, МНТ (1996).
- Таткото, во „Нема да платиме", од Шенка Колозова, р. Драган Велјановски, Т. Колозов (1997).
- Плутон, во „Плутос" од Шенка Колозова, р. Драган Велјановски, Т. Колозов (1999).
Филмографија
Награди
- Награда „13 Ноември“
- Награда „Ристо Шишков“
- Награда за уметник на годината според анкетата на Екран
- Награна „Војдан Чернодрински“
- Награда за најпопуларно ТВ-лице според анкетата на Екран
- Награда „11 Октомври“
- Награда на весникот „Дневник“ од Нови Сад, за улогите во „Македонски народни приказни“
- Награда „Васил Иљоски“
Наводи
Надворешни врски
|