Еди Редмејн
Едвард Џон Дејвид „Еди“ Редмејн, ОБИ (роден на 6 јануари 1982 г.) — англиски театарски и филмски глумец. Роден и израснат во Вестминстер, Лондон, тој студирал историја на уметноста на Тринити Колеџ, Кембриџ, а кратко потоа започнал да се занимава со манекенство. Редмејн ја започнал својата професионална глумечка кариера како младинец во театарот Вест Енд и во 1998 година го имал првото појавување на телевизија. Првите филмски улоги во кариерата тој ги добил во 2006 година во филмовите Како мисли и Добриот пастир, а потоа играл споредни улоги во неколку филмови, како Сурова милост (2007), Златните години на Елизабет (2007) и Другата девојка од Болејнови (2008). Редмејн исто така глумел во театарските претстави Црвено (2009–10) и Ричард II (2011–12). За изведбата во првата, тој ја добил наградата Тони за најдобар глумец. Тој направил пробив со улогите во филмовите Мојата недела со Мерилин (2011) и Клетници (2012). Во 2014 година, Редмејн го толкувал англискиот физичар Стивен Хокинг во филмот Теорија на се, и за својата изведба добил Оскар, Златен глобус и БАФТА награда. Следната година, тој ја играл Лили Елбе, првата трансродна жена во филмот Данската девојка, и за својата изведба добил номинации за најдобар глумец за трите гореспоменати награди. Во 2016 година, тој го играл Њут Скамандер во фантазијата Фантастични ѕверки и каде да се најдат. Рани годиниРедмејн е роден во Вестминстер, Лондон.[1][2] Неговата мајка, Патрисија, води компанија за преселби, а неговиот татко, Ричард Редмејн, е стопанственик во корпоративни финансии. Негов дедо од страна на татко му бил Сер Ричард Редмејн, градежен и рударски инженер.[3] Тој има помлад и постар брат и постар полубрат[3] и полусестра.[4] Редмејн се школувал на колечот за момчиња Итон, каде бил во иста година со Принцот Вилијам.[5][6] Тој студирал историја на уметноста на Тринити Колеџ, Кембриџ, каде дипломирал во 2003 година.[7] И покрај тоа што е далтонист, тој напишал десертација за сината боја (International Klein Blue) која ја создал уметникот Ив Клајн.[8] КариераМанекенствоПред целосно да се посвети на глумата, Редмејн бил модел на брендот Бурбери во 2008 година заедно со Алекс Петифер и во 2012 година со Кара Делевињ.[9][10] Во 2012 година, во септемвриското издание на списанието Венити Фер, тој бил вброен во годишниот список на најдобро облчени мажи во светот.[11] Во 2015 година, тој се нашол на првото место на списокот педесет најдобро облечени британци на списанието GQ.[12] ТеатарРедмејн својот прв театарски настап го имал играјќи ја улогата на Виола во шекспировата претстава Ноќ спроти Водици во 2002 година.[13] Тој добил награда за најдобар дебитант на 50. доделување на театарските награди Ивнинг Стандард во 2004 година, за неговата изведба во претставата Коза, или која е Силвија? на Едвард Олби,[14] и награда за најдобар дебитант на годишните награди кои ги доделува здружението на британски театарски критичари во 2005 година.[15] Подоцна Редмејн глумел во претставата Сега или подоцна на Кристофер Шин во театарот Ројал Корт. Претставата играла од 3 септември до 1 ноември 2008 година.[16] Во 2009 година, Редмејн се појавил во претстава Црвено на Џон Логан во театарот Донмар во Лондон,[17] и за неговата изведба добил награда Лоренс Оливие за најдобар глумец во споредна улога. Тој ја повторил својата улога во Црвено во театарот Џон Голден на Бродвеј, во петнаесет неделно прикажување од 11 март до 27 јуни 2010 година,[18] и добил награда Тони за најдобар глумец во претстава. Тој го толкувал Кралот Ричард II во истоимената театарска претстава режирана од Мајкл Грендејџ во театарот Донмар од 6 декември 2011 до 4 февруари 2012 година.[19] Телевизија и филмРедмејн својата прва улога во кариерата ја добил во 1998 година во серијата за животни, Животински ковчег. Во 2005 година тој се појавил во една епизода од серијата Елизабета I, во која главни улоги играле Хелен Мирен и Џереми Ајронс. Првата улога на филмското платно, Редмејн ја добил во трилерот Како мисли (2006), откако бил забележан од кастинг директорката Луси Беван глумејќи во претстава насловена Кози.[20]. Истата година тој играл мала улога во шпионскиот филм Добар пастир, режиран од Роберт Де Ниро. Во 2007 година, тој глумел во драмата Сурова милост покрај Џулиен Мур и во биографскиот историски филм Златните години на Елизабет покрај Кејт Бланшет, Џефри Раш и Клајв Овен. Во 2008 година, Редмејн играл мала улога во филмот Другата девојка од Болејнови, главна улога во британскиот серијал Теса од Д'Арбервилови и главна улога во независната драма Жолтото марамче, на која соработувал со Кристен Стјуарт и Вилијам Херт. По улогите во помалку забележителните филмови Скршени сништа (2009), Славна 1939 (2009) и Црна смрт (2010), Редмејн во 2010 година играл во серијата Столбовите на Земјата. Заснована на истоимениот роман на Кен Фолет, серијата постигнала голем меѓународен успех и била номинирана за три Златни глобуси. Во 2011 година, Редмејн играл во драмата Провинцијалка, филм кој добил негативни критики,[21][22] и во успешниот филм Мојата недела со Мерилин, на кој работел со Мишел Вилијамс, Кенет Брана, Џуди Денч и Ема Вотсон. За работата на вториот филм, тој во 2012 година бил номиниран за наградата БАФТА за идна ѕвезда. Истата година, тој ја добил улогата на Маријус Понмерси во музичкиот филм Клетници заснован на истоимениот роман на Виктор Иго.[23][24] Во 2014 година, тој го играл Стивен Хокинг во биографската драма Теорија на се, режирана од Џејмс Марш. Филмот е заснован на мемоарот Патување до вечноста: Мојот живот со Стивен Хокинг на Џејн Хокинг, поранешната жена на Стивен, и ја прикажува нивната врска, борбата на Стивен со болеста амиотрофична латерална склероза (АЛС) и неговиот успех во физиката. За оваа улога Редмејн потрошил шест месеци истражувајќи го животот на Хокинг, гледајќи го секое негово интервју кое успеал да го пронајде.[25] Филмот се здобил со голем критички успех, а за својата изведба Редмејн се здобил со бројни награди, вклучувајќи Оскар за најдобар глумец[26][27], Златен глобус, БАФТА награда, како и награда за најдобар глумец од здружението на филмски глумци. Личен животРедмејн се венчал со Хана Багшо, агент за односи со јавност, на 15 декември 2014 година.[28][29] Нивната ќерка, Ајрис Мери, е родена во јуни 2016 година.[30] Редмејн бил назначен за Офицер на Редот на Британската Империја во 2015 година за неговите заслуги кон глумата.[31][32] Во август 2014 година тој бил назнаен за амбасадор на филмската образовна хуманитарна организација „Into Film“.[33] ФилмографијаФилм
Телевизија
Театар
Наводи
Надворешни врски
|
Portal di Ensiklopedia Dunia