Клетници
Клетници (француски: Les Misérables) — роман на францускиот писател Виктор Иго објавен во 1862 година, којшто се смета дека е еден од најзначајните романи на 19 век. Тој ги следи животите на неколку ликови во период од 17 години во почетокот на XIX век, од 1815 година до 1832 година, т.е. до Јунското востание. Романот се сосредоточува на борбите на поранешниот осуденик Жан Валжан и неговото скорешно ослободување од затвор. Притоа, во него, Иго ја испитува природата на законот и славата, пишува за историјата на Франција, архитектурата во Париз, за политиката, за моралната филозофија, за антимонархизмот, за правдата, за религијата и за типовите и природата на романтичната и семејната љубов, итн. Форма на романот„Клетници“ содржи многу заплети, но главната нишка е приказната на поранешниот осуденик Жан Валжан (познат по неговиот затворски број 24601) кој станува олицетворение на доброто во светот, но не може да го избегне неговото страшно минато. Романот е поделен на пет тома, секој том е поделен на книги, а секоја книга е поделена на поглавја (вкупно 365 поглавја). Секое поглавје е релативно кратко, обично не повеќе од неколку страни. Сепак, романот во целост е прилично опширен според современите стандарди, со 1.900 страни во изданието на француски јазик. Романот ја содржи најдолгата реченица напишана во некој роман. Во рамките на приказната, Иго исполнува многу страници со негови размисли за религијата, политиката и општеството, вклучувајќи неколку опширни дигресии: дискусија околу типовите религиозност, неколку страници за изградбата на одводните канали во Париз, и пред сè, неговото прераскажување на Битката кај Ватерло. СодржинаПрв том - ФантинаПриказната започнува во 1815 година во Дињ. Селанецот Жан Валжан штотуку е ослободен од затвор по 19 години поминати во затвор (пет заради украден леб за неговата прегладнета сестра и семејството и четиринаесет години за бројните обиди за бегство). По неговото ослободување, наложено му е да носи жолт пасош кој ќе го обележува како затвореник, и покрај тоа што веќе го има исплатено својот долг кон општеството со отслужувањето на казната. Одбиен од меанџиите, кои не даваат сместување на осуденици, Валжан спие на улица. Ова го прави уште полут и огорчен. Меѓутоа, добротворниот свештеник Мириел, епископ во Дињ, го прима и му дава засолниште. Сепак тој среде ноќ го краде сребрениот прибор на епископот и побегнува. Фатен е и вратен назад од полицијата, но епископот го спасува изјавувајќи дека сребрениот прибор е подарок и во тој момент исто така му ги дава неговите два сребрени свеќника, прекорувајќи го пред полицијата што заминал толку набрзина заборавајќи ги овие толку вредни парчиња. По заминувањето на полицијата, епископот Мириел го потсетува на ветувањето, да ги искористи сребрените свеќници за да направи чесен човек од себе. Валжан размислува за зборовите на епископот. Сепак, чисто од навика украдува монета од едно момче по име Жевре. Речиси веднаш се покајува и решава да го следи советот на епископот Мириел. Го пребарува градот во паника за да го најде момчето и да му ги врати парите. Во исто време неговата кражба е пријавена на властите, кои го бараат како повторен престапник. Ако го фатат, тој ќе биде принуден да го помине остатокот од неговиот живот во затвор, па решава да се крие од полицијата. Поминуваат шест години, а за тоа време Валжан го усвојува псевдонимот Господин Меделин за да избегне апсење. Станува богат сопственик на фабрика и е назначен за градоначалник во местото каде живее. Еден ден додека пешачи по улицата, здогледува еден странец по име Фошлеван заглавен под тркалата на неговата кочија. Кога никој не сака да помогне во кревањето на кочијата, дури ни за пари, тој самиот решава да го спаси стариот Фошлеван. Полицискиот инспектор во градот, инспекторот Жавер, кој бил стражар во затворот во Тулон за време на престојот на Валжан, почнува да се сомнева во градоначалникот откако сведочи за неговото херојство, а имајќи ја на ум прочуената физичка сила на Валжан. Неколку години порано во Париз, една работничка по име Фантина е лудо заљубена во господин по име Феликс Толомиес. Неговите пријатели Листолие, Фамеј, и Блашевеј исто така биле партнери на другарките на Фантина: Далија, Зефина и Фаворит. Човекот подоцна ја напушта Фантина како на шега, оставајќи ја сама да се грижи за нивната ќерка Козета. Поради тоа што Фантина не може истовремено да се грижи за детето и да работи, со тешко срце одлучува да се одвои од Козета. Ја остава на грижа на Тенардие, расипан меанџија и неговата себична и сурова жена. Фантина не е свесна дека тие ја злоупотребуваат нејзината ќерка и ја користат како работна сила во нивната меана, и продолжува да се обидува да ги плаќа нивните растечки, уценувачки и измислени барања за издржувањето на Козета. Подоцна, таа е отпуштена од работа од фабриката на Жан Валжан поради откритието дека има ќерка која е родена надвор од брак. Во меѓувреме писмата и паричните барања на Тенардиеви продолжуваат да растат. Во очај, Фантина ја продава косата, нејзините два предни заби и е принудена да се впушти во проституција за да ја плати грижата за нејзината ќерка. Фантина исто така бавно умира од неименувана болест (најверојатно, туберкулоза). Фантина, истоштена и осамена, скита по улиците на Париз каде испровоцирана напаѓа еден благородник. Инспекторот Жавер го гледа сето ова и набргу ја приведува. Таа го моли да ја ослободи за да може да работи за нејзината ќерка, но Жавер ја осудува на шест месеци затвор. Во овој момент се вкрстуваат приказните на Фантина и Валжан, кој случајно слушајќи ја нејзината приказна, се вмешува и му наредува на Жавер да ја ослободи. Жавер цврсто одбива, но Валжан настојува и на крај успева да ја ослободи. Валжан поради тоа што се чувствува одговорен за отпуштањето на Фантина од фабриката ѝ ветува дека ќе ѝ ја донесе Козета, а притоа ја засолнува во болница. Жавер доаѓа кај Валжан за да му каже дека го обвинил пред француските власти дека тој е поранешниот затвореник Жан Валжан. Меѓутоа, Жавер повеќе не се сомнева во него, бидејќи властите изјавиле дека веќе е приведен човек со изгледот на Валжан. Овој господин се викал Шанматио. Меѓутоа Валжан знае дека тоа не е вистинскиот човек. Неговото судење е закажано за следниот ден. Отпрвин Валжан се двоуми дали да се открие, но на крајот сепак одлучува да се пријави за да го спаси невиниот осуденик. Тој оди на судењето и го открива неговиот вистински идентитет, но во целата мешаница што настанува, Жавер не успева да го уапси. Тогаш Валжан се враќа во Монтреј-сир-мер за да ја види Фантина, следен од Жавер кој се обидува да го уапси во нејзината болничка соба. Валжан му бара три дена за да ѝ ја донесе Козета на Фантина, но Жавер одбива. Фантина открива дека Козета не е во болницата и вознемирено прашува каде е. Жавер и наредува да замолчи, и ѝ го открива вистинскиот идентитет на Валжан. Вознемирена и ослабната Фантина умира во болничкиот кревет. Валжан оди до Фантина кажувајќи ѝ нешто со нечуен шепот и ѝ ја бакнува раката, а потоа заминува со Жавер. Телото на Фантина подоцна е сурово фрлено на градските гробишта. Втор том - Козета![]() Валжан успева да избега само за да биде повторно фатен и осуден на смрт. Неговата смртна казна е заменета од страна на кралот со казна на доживотно ропство. Додека да биде повторно пратен во затворот во Тулон, на военото пристаниште, Валжан спасува еден морнар кој ќе паднел од опремата на бродот. Толпата почнала да вика „Овој човек треба да биде помилуван“, но кога властите ги одбиваат молбите на толпата, Валжан одглумува лизнување и паѓа во океанот со цел да избега, потпирајќи се на верувањето дека се удавил. Валжан пристигнува во Монфермеј на Божиќ. Тој ја наоѓа Козета како носи вода од шумата сама и пешачи со неа до меаната. Откако порачува оброк, го забележува навредливото однесување на Тенардиеви кон неа. Тој, исто така, сведочи за лошото однесување на нивните разгалени ќерки Епонина и Азелма спрема Козета, кога тие ѝ кажуваат на својата мајка дека Козета ја држела нивната стара кукла. Гледајќи го ова, Валжан излегува и се враќа за момент држејќи една скапа нова кукла која ѝ ја дава на Козета. Најпрво, таа не може да сфати дека куклата е навистина за неа, но потоа среќно ја прифаќа. Ова резултира госпоѓа Тенардие да му се налути на Валжан, додека Тенардие ја прекинува, информирајќи ја дека тој може да прави сѐ што сака сѐ додека им плаќа. Ова предизвикува Епонина и Азелма да ѝ завидуваат на Козета. Следното утро на Божиќ, Валжан ги информира Тенардиеви дека сака да ја земе Козета со него. Госпоѓа Тенардие веднаш прифаќа, додека г. Тенардие се преправа дека ја сакал и се грижел за неа. Валжан им плаќа 1.500 франци и заедно со Козета ја напуштаат гостилницата. Меѓутоа, Тенардие се обидува да извлече повеќе пари од Валжан, но Валжан одбива и одлучно ја зема Козета со него. Валжан и Козета се засолнуваат во Париз. Валжан изнајмува куќа каде кратко живее заедно со Козета. Меѓутоа, неколку месеци подоцна Жавер го открива нивното засолниште. Валжан ја зема Козета и се обидува да побегне од Жавер. Валжан и Козета успешно наоѓаат засолниште во манастир со помошта на Фошлеван, човекот кој Валжан го спаси, а кој е сега градинар во манастирот. Валжан станува градинар со него, а Козета станува ученичка во манастирот. Трет том - МариусОсум години подоцна, Пријателите од АБЦ, предводени од Енжолра, подготвуваат граѓански немири против десницата, вечерта пред Париското востание на 5-6 јуни 1832 година, по смртта на генералот Лемарк, единствениот француски водач кој имал симпатии кон работничката класа. Ним, исто така, им се придружуваат и сиромашните од Дворот на чудата, вклучувајќи го и најстариот син на Тенардиеви, Гаврош, кој сега е уличар. Еден од студентите, Мариус Понмерси, се отуѓил од своето семејство (особено од неговиот дедо Жилнорман) поради неговите либерални погледи. По смртта на неговиот татко, полковникот Жорж Понмерси, Мариус нашол писмо во кое му дава упатства да му помогне на некој воен наредник, по име Тенардие. кој му го спасил животот во Битката кај Ватерло — всушност Тенардие ги ограбувал мртвите тела за време на војната, од кои едно било телото на Жорж кој ненадејно се разбудил мислејќи дека Тенардие го спасил, кој пак тврдел дека е наредник во војската за да не се изложи како крадец. Во градините на Луксембург Мариус се заљубува во сега порасната и убава Козета. Тенардиеви, меѓувремено се селат во Париз и сега живеат во сиромаштија откако ја изгубиле гостилницата. Тие живеат под презимето Жондрет во куќата на Горбо (случајно во истата куќа во која кратко живееја Козета и Валжан откако ја напуштија гостилницата на Тенардиеви). Мариус, исто така, живее таму, веднаш до Тенардиеви. На овој начин се вкрстуваат приказните на Мариус, Валжан, Тенардиеви и Козета. Епонина, една од ќерките на Тенардиеви, сега парталава и сиромашна, го посетува Мариус во неговиот стан, просејќи за пари. За да го импресионира таа се обидува да ја докаже нејзината писменост со гласно читање од една книга и пишувајќи „полицајците се овде“ на еден лист. Мариус ја сожалува и ѝ дава малку пари. Откако Епонина заминува, Мариус преку дупка во ѕидот го набљудува семејството Жондрет во нивниот стан. Еден ден, Епонина доаѓа и најавува дека некои благородници ќе дојдат на посета за да им помогнат за пари. Со цел да изгледаат посиромашно, Тенардиеви го гасат огнот и ја растураат куќата. Пристигнуваат благородниците - всушност Валжан и Козета. Мариус веднаш ја препознава Козета. Откако ја оценува нивната животна ситуација, Валжан ветува дека ќе се врати со пари за нивната ќирија. Откако тој и Козета заминуваат, Мариус ја бара нивната адреса од Епонина. Епонина која е заљубена во него колебливо се согласува да му ја даде. Тенардиеви исто така ги препознаваат Валжан и Козета и се заколнуваат дека ќе се одмаздат. Тенардие ја придобива помошта на Патрон-Минет, доста позната и страшна банда на убијци и крадци. Мариус го наслушнува планот на Тенардиеви и оди кај Жавер да го пријави криминалот. Потоа се враќа дома и чека Жавер и полицијата да пристигнат. Тенардиеви ги испраќаат Епонина и Азелма надвор да разгледат дали има полиција. Кога Валжан се враќа со парите за киријата, Тенардиеви со Патрон-Минет го фаќаат во заседа и тој го открива својот идентитет. Мариус го препознава Тенардие како човекот кој му го спасил животот на неговиот татко во Ватерло и се наоѓа во дилема. Се обидува да најде начин да го спаси Валжан, а во исто време не сака да го предаде Тенардие. Валжан не признава дека го знае Тенардие и кажува дека никогаш се немаат видено. Валжан се обидува да избега меѓутоа е придушен и врзан. Тенардие му наредува на Валжан да му плати 200.000 франци. Тој исто така му наредува да и напише писмо на Козета да се врати во станот, за да ја држи како заложник додека тој не ги донесе парите. Откако Валжан го пишува писмото и му ја кажува адресата на Тенардие, тој ја праќа г-ѓа Тенардие да ја донесе Козета. Г-ѓа Тенардие се враќа сама и кажува дека адресата е лажна. За ова време Валжан се обидува да се ослободи. Тенардие одлучува да го убие Валжан и тој и Патрон-Минет му се нафрлаат. Мариус е очаен и не знае што да прави. Тогаш се присетува на парчето хартија што го напиша Епонина претходно. Тој го фрла во станот на Тенардие преку пукнатината на ѕидот. Тенардие го чита и мисли дека Епонина го фрлила. Тој, г-ѓа Тенардие и Патрон-Минет се обидуваат да избегаат, но се спречени од Жавер. Тој ги апси сите Тенардиеви и Патрон-Минет (освен Клаксу, кој успева да избега по патот до затворот и Гаврош кој не бил присутен и кој ретко учествувал во семејните злосторства, забележлив исклучок е неговата улога во бегството на татко му од затворот). Валжан успева да избега од местото на настанот пред Жавер да го види. Четврти том - Идилата на улицата Плумет и епопејата на улицата Сент - ДениОткако Епонина се ослободува од затвор, таа го наоѓа Мариус и тажно му кажува дека ја нашла адресата на Козета. Таа го носи до куќата на Валжан и Козета на улицата Плумет, па Мариус ја набљудува куќата неколку дена. Потоа тој и Козета конечно се запознаваат и си искажуваат љубов еден спрема друг. Тенардие, Патрон-Минет и Бружон успеваат да избегаат од затвор со помош на Гаврош. Една вечер, за време на посетата на Мариус, шестмина се обидуваат да ја ограбат куќата на Валжан и Козета. Меѓутоа, Епонина која седи покрај портата на куќата, се заканува дека ќе вреска и ќе го разбуди целото соседство ако крадците не си заминат. Крадците колебливо се повлекуваат. Во меѓувреме, Козета го известува Мариус дека таа за една недела ќе замине за Англија и ова ја загрозува нивната врска. Валжан се чувствува загрозено откако го гледа Тенардие во соседството неколкупати. Неочекувано, една белешка на која пишува „исели се“ слетува во неговиот скут и здогледува една фигура како бега во слабата светлина. Тој се враќа во неговата куќа и ѝ кажува на Козета дека мораат да се преселат во друга куќа, а набргу Козета ќе замине за Англија. Мариус се обидува да добие дозвола за женидба од г-динот Жилнорман. Неговиот дедо изгледа груб и лут, но копнее за враќањето на Мариус. Кога ситуацијата се разгорува, тој одбива и му кажува на Мариус да ја земе Козета како негова љубовница. Навреден, Мариус заминува. Следниот ден студентите креваат бунт и поставуваат барикади во тесните улици на Париз. Гаврош го забележува Жавер и го информира Енжолра дека Жавер е шпион. Жавер признава дека е тука да ги шпионира студентите. Енжолра и другите студенти го врзуваат за една бандера пред ресторанот Коринт. Подоцна истата ноќ, Мариус се враќа во куќата на Валжан и Козета во улицата Плумет, но во куќата веќе нема никој. Тогаш слуша еден глас кој му кажува дека неговите пријатели го чекаат на барикадата. Вознемирен поради тоа што ја нема Козета, тој го слуша гласот и заминува. Кога Мариус пристигнува на барикадата, револуцијата веќе е започната. Кога тој се наведнува да подигне едно буре со барут, доаѓа еден војник да го застрела. Потоа еден човек ја покрива устата на пушката на војникот со неговата рака. Војникот пука, фатално погодувајќи го човекот, а промашувајќи го Мариус. Во меѓувреме војниците се затвораат. Мариус се искачува на врвот на барикадата, држејќи фаќел во едната рака и буре барут во другата. Тој им вели на војниците: „Заминете, или ќе ја разнесам барикадата“. Војниците се повлекуваат од барикадата. Мариус одлучува да оди кај помалите барикади. Кога се враќа назад, човекот којшто го прими фаталниот удар за Мариус го повикува по име. Мариус и читачот, откриваат дека тоа е всушност Епонина облечена во машка облека. Додека умира на неговите колена, му се исповеда дека таа му кажала да оди на барикадата, во надеж дека двајцата ќе умраат заедно. Таа му открива дека му го спасила животот бидејќи сакала да умре прва (не давајќи дополнително објаснување за ова). Авторот, исто така, му наведува на читателот дека Епонина анонимно му фрла порака на Валжан. Епонина потоа му кажува на Мариус дека има писмо за него. Таа му признава дека писмото го добила уште претходниот ден, не планирајќи да му го даде, но одлучува да му го даде од страв дека ќе и биде лут во задгробниот живот. Отакако Мариус го зема писмото, Епонина го замолува да ја бакне на челото кога ќе умре. Со нејзиниот последен здив таа му признава дека била заљубена во него и умира. Мариус ја исполнува нејзината последна желба и оди во една таверна да го прочита писмото (земајќи предвид дека не би било соодветно да го чита покрај нејзиниот труп). Писмото е напишано од Козета. Тој дознава каде е Козета и ѝ пишува писмо со кое се простува од неа. Писмото на Валжан му го доставува Гаврош. Валжан дознава дека љубовникот на Козета се бори и тоа го ослободува, но еден час подоцна тој се облекува во униформа на Националната Гарда, се наоружува со пушка и муниција, и го напушта домот. Петти том - Жан ВалжанВалжан пристигнува на барикадата и веднаш му го спасува животот на Мариус, иако сѐ уште не е сигурен дали сака да го заштити или убие. Мариус веднаш го препознава Валжан. Енжолра изјавува дека им снемува куршуми. Гаврош го наслушнува ова и оди од другата страна на барикадата да собере неколку од мртвите национални стражари. Додека го прави тоа, тој е застрелан и убиен од страна на војниците. Валжан го спасува Жавер за да не биде убиен од студентите. Тој волонтира да го погуби Жавер, а Енжолра му дава дозвола. Валжан го носи Жавер настрана и потоа пука во воздух додека му допушта да замине. Кога барикадата паѓа, Валжан го носи повредениот и онесвестен Мариус. Сите други студенти вклучувајќи го и Енжолра се убиени. Валжан избегува преку канализацијата, носејќи го телото на Мариус на рамењата. Тој успева да избегне полициска патрола. На крајот успева да најде порта за да излезе од канализацијата, но за негово разочарување, портата е заклучена. Тој одеднаш слушнува глас зад него, се врти и го гледа Тенардие. Валжан го препознава, но Тенардие не го препознава Валжан поради нечистотијата. Мислејќи дека Валжан е обичен убиец, Тенардие му понудува да ја отвори портата за пари, а потоа продолжува да ги пребарува џебовите на Мариус и Валжан. Додека го прави ова тајно откинува парче од палтото на Мариус со што подоцна го дознава неговиот вистински идентитет. Наоѓајќи само 30 франци, Тенардие неволно ги зема парите и ја отвора портата пуштајќи го Валжан надвор. На излезот Валжан налетува на Жавер и од него бара да му даде време да го врати Мариус на неговото семејство. Жавер му го одобрува ова барање. Откако го остава Мариус во куќата на г-дин Жилнорман, Валжан го замолува Жавер да му дозволи да оди дома на кратко и тој му дозволува. Тие пристигнуваат на улицата и Жавер го информира дека ќе го чека. Додека Валжан се качува по скалите тој погледнува низ прозорецот и забележува дека го нема Жавер. Жавер пешачејќи по улицата надолу сам, сфаќа дека е заробен помеѓу неговите строги верувања за законот и милоста што Валжан му ја покажа. Тој чувствува дека не може повеќе да го предаде Валжан на властите. Жавер се самоубива фрлајќи се во Сена. Мариус полека заздравува од повредите и тој и Козета се венчаваат. Тенардие го забележува Валжан помеѓу свадбарите заземајќи ја страната на невестата, наредувајќи и на Азелма да ги следи. По свадбата Валжан му признава на Мариус дека тој е поранешен осуденик. Мариус е ужаснат од откритието. Убеден дека Валжан е човек со лош морал, ја отргнува Козета од него. Валжан ја губи желбата за живот и залегнува во неговиот кревет. Маскираниот Тенардие му приоѓа на Мариус, но Мариус го препознава. Тенардие обидувајќи се да го уцени Мариус со тоа што го знае за Валжан, не сакајќи го поправа неговото погрешното мислење за Валжан и му ги открива на Мариус сите добрини кои ги има тој направено. Тој се обидува да го убеди дека Валжан е убиец и го покажува парчето од палтото што го пресече како доказ. Стаписан, Мариус го препознава материјалот и сфаќа дека Валжан го спасил од барикадата. Мариус вади 500.000 франци и му ги фрла на Тенардие в лице. Тој го соочува Тенардие со неговите злосторства и му нуди огромна сума на пари ако замине и вети дека никогаш нема да се врати. Тенардие ја прифаќа понудата и со Азелма заминува за Америка, каде станува трговец со робови. Како што брзаат кон куќата на Валжан, Мариус ја известува Козета дека Валжан му го спасил животот на барикадата. Пристигнуваат да го видат, но големиот човек умира. Во неговите последни моменти се чувствува среќен со неговата посвоена ќерка и зетот до него. Тој исто така на Козета и го открива нејзиното минато како и името на нејзината мајка. Во прегратките на Козета, Валжан подлегнува на раните и умира. ЛиковиГлавни ликови
Споредни ликови
Моралните поуки во романотИго го почнува романот со долг портрет на свештеникот Мириел кој е олицетворение на сите христијански доблести. Од друга страна, во личноста на Жан Валжан се кријат два аспекти на еден ист проблем: како се станува злосторник; и како се пребродува негативното во човекот? Во однос на првито дел од прашањето, одговорот на Иго е категоричен: Жан Валжан не е виновен што го украл лебот, туку виновно е општеството што ги оставило неговите внуци гладни и што го натерало да направи лошо дело. Во однос на вториот дел на прашањето, поврзано со моралната преобразба на Жан Валжан, Иго смета дека тоа е можно само со христијанското милосрдие, како што постапува владиката Мириел. Исто така, во моралната преобразба на Валжан се крие уште една поука: опоштеството ќе стане подобро само ако секој поединец успее во себе да го реши конфликтот меѓу доброто и злото и ако тргне по патот на моралното совршенство. Меѓутоа, лекот на општествените проблеми Иго не го гледа само во моралното усовршување на поединецот. Напротив, тој смета дека лошото општество, што се раководи од лоши закони кои значат беззаконие и засновани врз предрасуди, не е способно да го обнови човекот. Затоа, споре Иго, на таквото општество повремено му се потребни силни потреси кои ќе ги исчистат неговите рани. Поради тоа, воопшто не зачудува тоа што највозбудливите страници во романот се посветени на револуцијата.[1] Создавањето на романотИго работел врз „Клетници, со помал или со поголем интензитет, повеќе од 30 години. Не е познато кога дошол до идејата за романот, но се знае дека уште во 1828 година Иго ја имал појдовната точка: заробен прибран од свештеник. Следната година, тој ја објавил повеста „Последниот ден на еден осуденик на смрт“ во која Иго се залагал за укинување на смртната казна, идеја развиена во „Клетници“. Натамошен чекор во создавањето на „Клетници“ е повеста „Клод Ге“ од 1834 година, во која повторно се зборува за осуденик за кражба кој е погубен. Првите редови на „Клетници“, за кој првобитно било замислено да се вика „Беди“ (Misères), Иго ги напишал во 1845 година, но бурните настани од 1848 година и неговото прогонство го попречиле во натамошната работа. Дури во 1860 година, Иго продолжил со работата врз романот кој го добил конечниот наслов - „Клетници“. Две години подоцна, романот бил објавен во десет книги.[2] Критички осврт кон делотоПрвите два тома од „Клетници“ биле објавени на 3 април 1862 година, најавени со голема рекламна кампања, а остатокот од романот се појавил на 15 мај 1862 година. Во тоа време Виктор Иго уживал репутација на еден од најистакнатите поети во Франција, и затоа појавата на романот била многу очекуван настан. Критичките раекции биле сеопфатни и често негативни, некои критики го оцениле романот како неморален, други се жалеле на прекумерната сентименталност на Иго, трети пак биле вознемирени од неговата очигледна симпатија кон револуционерите. Браќата Гонкорд го изразиле нивното големо незадоволство, прогласувајќи го романот за вештачки и разочарувачки. Флобер во неа не можел да најде ниту вистина ниту знаменитост. Францускиот поет Шарл Бодлер расположено ја разгледал работата во весниците, но приватно ја оценил како невкусна и несоодветна. Во писмото до Пол Демени, од 15 мај 1871 година, Артур Рембо напишал дека Клетници се вистинска поема.[3] Романот „Клетници“ постигнал голем комерцијален успех. Најкраткото забележано допишување во историјата било помеѓу Иго и неговиот издавач „Харст & Блекет“ во 1862 година. Се раскажува дека Иго бил на одмор кога бил објавен романот. Тој му испратил телеграма на својот издавач само со „?” на која издавачот му одговорил исто така со еден знак „!”. Најпрво преведена на странски јазици (италијански, грчки и португалски) истата година книгата првично се појавува, и се покажала популарна не само во Франција туку низ цела Европа. Книгата е популарна уште од самото објавување и била доста омилена помеѓу конфедерациските војници во Американската граѓанска војна, кој самите случајно се нарекле бедните на Ли (како резултат на нивните влошувачки услови под водство на генералот Роберт Е. Ли). Популарноста на овој роман продолжува до ден—денес, а многумина го вреднуваат како еден од најважните романи некогаш напишани. „Клетници“ е најпопуларното и најценетото дело на Иго кое зазема централно место во неговото творештво. Романот претставува величествена фреска на епохата, давајќи слика на сите општествени слоеви. Сепак, тој не е безмилосна балзаковска анализа на општествените односи со нагласок врз општественото влијание врз дејството на личностите и нивните психолошки реакции, туку тој е дело на општетсвен реформатор и дело набиено со романтичен занес.[2] Во поглед на структурата, „Клетници“ е многу сложен роман што може да се опише како социјална епопеја и химна на хуманизмот, но во него има и авантуристички елементи во стилот на „Грофот од Монте Кристо“, а често се доближува и до полициските романи. Исто така, романот изобилува со бројни дигресии што го нарушуваат неговото единство и го оддалечуваат вниманието од главните настани. Често, овие дигресии имаат дидактички карактер, со што се претвораат во вистински трактати за некои конкретни теми (манастирите, париската канализација, итн.). На тој начин, на многу места дејството во романот запира и губи од својата драматичност. Кон тоа треба да се додадат и бројните епизоди со сосема неочекувани пресврти земени од мелодрамата, а кои прават романот да делува наивно за современиот читател. Во „Клетници“, Иго ги измерил барањата на уметноста и тенденциите присутни во популарните романи (како, на пример, „Тајните на Париз“ од Ежен Си), остварувајќи го романтичарскиот идеал за цикличен роман во кој се следат судбините на многу ликови и којшто дава слика на целото општество. Токму тука најдобро доаѓа до израз мајсторството на Иго, кој со сигурна рака ги води ликовите од романот, создавајќи од нивните судбини посебни романи коишто се обединуваат во целина.[4] Неофицијални продолженијаВо јули 1995 година бил објавен романот Козета на Лора Калпакјан, како неофицијално продолжение на Клетници. Според Том де Хевен од издавачката куќа „Викли“ (Weekly), романот е здодевен, пренатрупан и старомоден, оценувајќи го со оцената „три“. Романот повеќе претставува продолжение на мјузиклот отколку на романот на Иго. Во 2001 година, Франсоа Сереза објавил две продолженија на романот: Козета, или Време на илузии и Мариус, или Бегалецот. Двата романи се објавени од издавачката куќа „Плон“. Потомците на Иго, вклучувајќи го и неговиот пра-пра-правнук Пјер Иго, настојувале романите на Сереза да бидат забранети, сметајќи дека тие ги прекршуваат авторските права на авторот и ја изневеруваат почитта кон оригиналната книга на Иго, само за да заработат пари. Сереза во романот има сцена со која го променува ликот на инспекторот Жавер и го претставува како херој. Во 2007 година, судот пресудил во корист на Сереза и Плон. Изданија на македонски јазикВо 2003 година, романот бил објавен на македонски јазик од издавачката куќа „Матица македонска“. Преводот го направил Ташко Ширилов, според француското лектирно издание Librairie Hachette од 1980 година. Покрај скратениот текст на романот, на крајот од книгата се наоѓа и поговор, дело на Божидар Настев. Компјутерската подготовка ја направил Миле Грашкоски, автор на корицата е Зоран Димитриоски, а коректурата ја извршила Велика Ширилова. Книгата е со обем од 496 страници и со димензии од 21 сантиметар, а била испечатена во печатницата „Графостил“ во Скопје, во тираж од 1.000 примероци. Таа е каталогизирана во НУБ „Св. Климент Охридски“, Скопје и ја носи меѓународната ознака ISBN 9989-48-513-5.[5] Наводи
|
Portal di Ensiklopedia Dunia