Западна Сахара е една од најслабо населените територии во светот и претежно претставува пустинска земја. Се наоѓа во Северозападна Африка и се граничи со Мароко на север, со Алжир на североисток, со Мавританија на исток и југ и со Атлантскиот Океан на запад. Главен град е ел-Ајун, во кој живее преку третина од населението на Западна Сахара.
Мароко и движењето за независност Полисарио се стремат да ја контролираат оваа територија. По примирјето од 1991 година главнината од територијата на Западна Сахара ја контролира Мароко, а Сахарската Арапска Демократска Република има контрола само на мал дел од територијата. Независноста на Западна Сахара е призната од страна на 45 држави, додека Мароко има добиено формална поддршка за својата позиција од 25 држави, во прв ред од државите членки на Арапската Лига.