Зоран Коњановски
Зоран Коњановски — министер за одбрана на Република Македонија во периодот 2008–2011 и министер за локална самоуправа во периодот 2006–2007. Коњановски е роден на 3 март 1967 година во Битола. Активист на ВМРО-ДПМНЕ е од 1993 година. Извршувал повеќе функции во битолскиот општински комитет на партијата, а од 2005 е член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Дипломирал на Машинскиот Факултет, Универзитет „Св. Климент Охридски“, Битола во 1992 година. Од јуни 1999 година до 2005 година е вработен во ЈП Стрежево - Битола како одговорен инженер за одржување на хидромеханичка опрема. Коњановски за претседател на Советот на општина Битола е избран во 2005 година и таа функција ја извршува до 2006 година, кога на Парламентарните избори е избран за пратеник во Собранието на Република Македонија. Во периодот 2007 и 2008 година ја извршува функцијата Генерален директор на подружница РЕК Битола. Зоран Коњановски учествувал на многубројни меѓународни и домашни конференции, форуми, семинари и обуки. Тој е оженет со Јасмина со која имаат две деца, Горазд и Дамјан.
|
Portal di Ensiklopedia Dunia