Селото се наоѓа во областа Дебрца, на источните падини на Илинска Планина. Во атарот на селото се наоѓа денес пресушеното вештачко Слатинско Езеро, кое своето име го добило од името на селото. Низ самото село тече и Слатинска Река, каде се влеваат и одливните води на Слатинското Езеро. Оддалечено е 35 километри од северно Охрид и Струга, а 39 километри јужно од Кичево.
Околни села се Белица и Прострање на исток и североисток, Мраморец на север, Оздолени, Слатински Чифлик и Издеглавје на југозапад и југ, и Арбиново на запад. Поедини места во атарот на селото се викаат Шаркои Ливатки, Длабоки Дол, Арамиско Кланче, Еленски Клајнец, Црбени Клајнци, Волчица, итн.[2]
Историја
Средновековие
Во атарот на селото има остатоци од населби почнувајќи од римското време. Денешното село Слатино е постојано населено од средниот век. Остатоците од оваа средновековна населба се сместени 700 м североисточно од селото, во месноста Селце.
Најстар пишан податок за жителите на селото е опширниот пописен дефтер на охридскиот санџак од 1582 година каде е наведено дека Слатино имало 327 жители, сите христијани.[3]
Слатино од крајот на XIX и почетокот на XX век
Не можејќи веќе да издржат под турското ропство, веќе од крајот на XIX век населението почнало да се организира, и да се бунтува против турското владеење, така во 80-тите години на XIX век во западниот дел на Македонија се кренала Брсјачка буна, во тоа востание имало и жители од Слатино. По остранувањето на Халил Рифат Паша, во Охрид и неколку охридски села во 1886 година се формирале тајни самобитни друштва за борба против разбојничките банди, од селото Слатино водач на тоа друштво бил Поп Анѓеле Попоски, кој е убиен од Турците на 1.11.1875 година. Во Дебрца првата чета на ВМРО била основана во 1901 година, а помеѓу основачите се нашол и Цветко Пајнчар од Слатино. Во истата година во Слатино се случил инцидент со Спасе Цветков кој насила грабнал некоја девојка од Слатино и ја силувал, братот на девојката отишол во Турје каде била четата и им го кажал случајот, веднаш потоа Смиле Војданов со четата заминал за Слатино да види што се случило. Спасе Цветков поради силувањето заслужил смрт, но бидејќи бил добар работник, охридското начелство наредило да се казни со ќотек. Дејан Војвода го осудил Спасе Цветков да плати три лири парична казна, и да му удрат 28 прачки ќотек. На 27 ноември 1901 година во охридско бил Никола Петров Русински кој бил организатор на чета, а во неговата чета од 31 востаник се нашле и 5 слатинци, тоа биле: Цветко Неделков- Пајнчар, Ѓурчин Петров Вељанов, Крсто Вељанов, Иван Ѓоргиев Савески и Ламбе Ѓоргиев Цветанов. По предаство кое го извршиле слатинките Ставрејца со нејзините ќерки Менка и Арсена, Дејан Војвода решил да бидат фатени и отепани предавничките, тоа и се случило и четите на Дејан ги отепале предавничките. За време на арбиновската битка кога била опколена четата на Дејан Војвода, во неговата чета биле и тројца слатинци, тоа биле Ѓурчин Петров, Дабе Христов и Иван Савески, во битката бил ранет Ѓурчин Петров. Неколку дена после оваа битка од цела Дебрца биле собрани 216 селани, и однесени биле во Дијарбекир, од Слатино тоа биле:
Умреле таму: Степан Бавтироски, Петре Црвенкоски, Мицко Савески, Секула Савески, Поте Латиноски, Глигор Томаноски, Поте Дрмоноски и Илија Смилески
во четата на Дејан Димитров- Мицкоски: Дабе Кочоски- Христов, Ламбе Црвенкоски, Николе Јаколески, Иван Савески, Ѓурчин Петров-Вељанов и Цветко Пајнчар.
Во реонската чета: Вељан Каранџулоски, Ристе Андрески, Наум Пушкоски, Славко Ристаноски, Блаже Крстески, Стаме Цветкоски, Томе Томески, Јончо Ѓоршоски, Марко Маркоски и Русе Маркоски.
Слатино за време на војните, слатинци како српски и бугарски војници
Со поделбата на Македонија во 1913 година, Вардарска Македонија потпаднала под српска окупација, па со тоа слатинци биле насилно мобилизирани во српската војска. На Солунскиот фронт како српски војник учествувал Тренко Тутунароски, а покрај него тоа време како српски војници биле и: Климе Попоски, Наум Тодороски, Стојан Црвенкоски, Јордан Савески, Стеван Пантоски, Стојан Томаноски, Ристо Колоски и Зарко Смилекси. Освен овие насилно мобилизирани слатинци, како српски војници на Цер и други места низ Србија, загинале следните слатинци: Нестор Џафероски, Васил Попоски, Паун Тужароски, Ванчо Сучкоски, Миленко Ѓоршоски, Насте Ѓоршоски, Наум Вељаноски, Цветан Вељаноски, Дуко Петкуќески, Мојсо Блажески, Блаже Ѓоршоски, Ристо Колоски, Цветан Ристаноски и Јон Црвенкоски.
Во 1917/18 како српски и бугарски војници биле следните слатинци: Спасе Домазетоски (бил ранет кај Врање), Никола Мојсоски, Наум Ристаноски, Видан Угриноски, Марко Маркоски, Русе Маркоски- стариот, Темелко Ѓоршоски, Ѓоргија Стојкоски и Сиљан Колоски.[4]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Слатино е претставено како чисто македонско село во Охридската каза на Битолскиот санџак со 135 куќи.[7]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 950 Македонци.[8]
Според пописот од 2002 година, во селото Слатино живееле 161 жител, од кои 160 Македонци и 1 останат.[9] Бројот на жители е во постојано опаѓање и денес се проценува дека се движи околу 100 жители.[3]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 65 жители, од кои 60 Македонци, 1 Албанец и 4 лица без податоци.[10]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Според истражувањата на Бранислав Русиќ во 1948 година, родови во селото Слатино се:
Староседелци:Костевци или Масовци (22 к.), се делат на Размовци, Пантовци, Крстевци, Марковци, Мартиновци, Смилевци, Домазетовци и Бавтировци; Србиновци (9 к.) се делат на Шипинковци и Сучковци; Поповци (9 к.); Митревци (14 к.) се делат на Крлевци, Грашаровци и Вељановци; Пројковци (4 к.), еден дел се викаат Лозановци; Блажевци (7 к.) еден дел од родот се вика Џагаровци; Цветковци (5 к.); Мојсовци (6 к.) еден дел од родот се вика Тутунаровци.
Доселеници со непозната старина:Врангаловци (9 к.) се делат на Николовци и Пушковци; Шуќуровци (2 к.); Џаферовци (10 к.), се делат на Петревци и Филиповци; Томановци (6 к.); Угриновци (14 к.) се делат на Ристановци и Стојковци; Банчевци или Пејовци (1 к.); Ѓуровци (1 к.), за нив некој вели дека се доселени од некое село крај Охрид.
Доселени родови со познато потекло:Савевци (7 к.), доселени се од селото Лин крај Охридско Езеро (денес во Албанија); Црвенковци (7 к.), еден дел од овој род се вика Букревци, доселени се од сега раселениот град во струшка Малесија Закамен (иако, жителите на овој род мислат дека Закамен се наоѓа во Албанија); Ѓоршовци (17 к.), се делат на Мирчевци, Андријовци и Томовци, доселени се од селото Цер, Железник; Петкуќевци (4 к.), доселени се од селото Малкоец, Копачка; Тужаровци (10 к.), еден дел од родот се вика Коловци, доселени се од селото Коњско, крај Охридско Езеро; Ратајковци (5 к.) доселени се од селото Слатински Чифлик, а таму се доселиле од селото Оздолени; Климевци (1 к.) доселени се од селото Елевци, Дебарско, потекнуваат од потурчен Македонец или Турчин, кој кога дошол во селото си ја променил верата во православна.
Роми:Малиќ (1 к.) доселен од селото Песочани во 1947 година. Иако е Ром се декларира како Албанец.[2]
Истражување во 1979 година
— Стиснете на [прикажи] —
Според истражувањата пак на Јован Трифуноски во 1979 година, родови во селото се:
Староседелски родови се:Угриновци (8 к.), Стојковци (7 к.), Томевци (5 к.), Томановци (6 к.), Колевци (4 к.), Џеверовци (4 к.), Петкуќевци (4 к.), Мирчевци (6 к.), Митревци (6 к.), Костевци (8 к.), Поповци (6 к.), Смилевци (6 к.), Шипинковци (5 к.) и Вељановци (6 к.). Родовите Угриновци и Стојковци потекнуваат од двајца браќа, во родот Стојковци го знаат следното родословие: Дамјан (жив на 75 год во 1980 година) -Златан-Трајче-Дамјан-Стојко. Од неговиот брат Угрин потекнуваат Угриновци. Родовите Томановци и Колевци потекнуваат од ист предок. Во родот Поповци еден предок го носел името Војдан.
Доселенички се родовите:Црвенковци (2 к.) потекнуваат од предокот Јон кој дошол од сега непостоечкиот град Закамен, кој се наоѓал во струшка Малесија и Ѓоршовци (10 к.), кои потекнуваат од предокот Ѓоршо кој дошол како домазет во Слатино од селото Цер.[15]
Понови истражувања
— Стиснете на [прикажи] —
Според истражувањата на Миливој Костески од поново време, родови во селото се:
Староседелци и со непознато потекло:Вељановци, Грашаровци, Костевци, Мојсовци, Митревци, Латиновци и Јанкуловци, Петревци, Филиповци, Букревци, Петкуќевци, Поповци, Пројковци, Ристановци, Смилевци, Томановци, Тужаровци, Цветковци, Угриновци, Шуќуровци, Каранџуловци, Џаферовци и Коловци.
Доселеници:Блажевци, доселени се од селото Црвена Вода; Пејовци, доселени се од охридското село Коњско; Врангаловци, доселени се од одамна раселениот град Закамен во струшка Малесија; Ѓоршовци, доселени се од селото Цер кај Кичево; Николовци, доселени се од охридското село Коњско; Ѓуровци, доселени се од селото Цер кај Кичево; Мирчевци, доселени се од селото Цер кај Кичево. Порано биле еден род со Ѓоршовци; Савевци, доселени се од селото Белица кај Кичево; Пушковци, доселени се од селото Бучин кај Крушево; Ратајковци, доселени се од селото Слатински Чифлик, а таму од селото Оздолени; Стојковци, доселени се од охридското село Куратица. Основачот на родот се доселил како домазет; Томевци, доселени се од селото Црвена Вода; Црвенковци, доселени се од раселениот град Закамен во струшка Малесија; Србиновци, Чеканчевци, Шипинковци и Сучковци, доселени се од селото Пуста Река кај Крушево; Домазетовци и Џагановци, доселени се од селото Цер кај Кичево.[4]
Самоуправа и политика
Разрушената општинска зграда на сретсело
Селото влегува во рамките на проширената Општина Дебрца, која настанала со спојување на поранешните општини Белчишта и Мешеишта по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Белчишта.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Охрид. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото било дел од некогашната Општина Белчишта.
Во периодот 1952-1955, селото влегувало во рамките на тогашната Општина Издеглавје, во која покрај селото Слатино, се наоѓале и селата Издеглавје, Оздолени, Слатински Чифлик и Сошани. Во периодот 1950-1952 година, селото било дел од некогашната Општина Слатински Чифлик, во која влегувале селата Издеглавје, Оздолени, Слатино, Слатински Чифлик и Сошани.
Избирачко место
Во селото постои избирачко место бр. 1324 според Државната изборна комисија, кое е сместено во основното училиште с. Слатино.[16]
Црква „Св. Богородица“ — средишна парохиска црква, без податоци кога е изградена. Иконите се дело на зографот и иконописецот Аврам Дичов и потекнуваат од 1908 година. Според натписот во поткуполниот простор, црквата е живописана во 1910 година.
Црква „Св. Недела“ — изградена во 1858 година. Фрескоживописана е од Аврам Дичов во 1875 година.
Црква „Св. Јован Крстител“ — манастирска црква, осветена на 26 мај 2002 година од страна на Митрополитот Тимотеј. Фреските се изработени од уметникот Драган Ристески од Охрид.
Манастири
Слатински манастир — сместен во близина на некогашното езеро, надвор од селото
Водици — со одбележување на празникот на 19/20 јануари, како и на „машки“ и на „женски“ Водици
Иселеништво
Поради неговата местоположба, во Слатино било присутно печалбарството одамна. Печалбарите претежно заминувале напролет во Влашко, Србија и Бугарија, а се враќале наесен. Најголем печалбарски бран го зафатило селото од 1909 до 1912 година кога проработел прекуокеанскиот пат за Канада и Аргентина. Во овој бран заминале седумдесет слатинци. Вториот голем печалбарски бран е од 1960 до 1970 година и со помал интензитет трае до денес. Најголем дел од вториот бран се преселени во Австралија, каде се проценува дека има над 120 семејства со потекло од Слатино.
Постари иселеници од Слатино има во селата Прострање (Митковци, Ристевци и Џагановци), Карбуница (Жакеровци), Белчишта (Крчевци), Козица (Цветановци), Велмевци (Мирчевци), Цер (Размовци), Оровник (Митревци) и во Куратица (Андревци и Јанкуловци).
↑„Попис на Македонија“(PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 19 октомври 2016.
↑„Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
↑„Цркви“. Дебарско-кичевска епархија. Архивирано од изворникот на 2014-09-18. Посетено на 2010-12-19.
↑Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN978-608-65143-2-7.
↑Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том I, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
↑ 25,025,1Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том II, дел II. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
↑ 26,026,1Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2017). Илинденски сведоштва. том III, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
↑ 27,027,1Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2017). Илинденски сведоштва. том IV, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
↑{Наведена книга|title=Илинденски сведоштва. том IV, дел II.|author=Јасмина Дамјановска|author2=Ленина Жила|publisher=Државен архив на Република Македонија|author3=Филип Петровски |year=2017|isbn=|location= Скопје|pages=}}