Џамијата е сместена на стариот пат за Струга во населбата Воска, на денешната улица „Гоце Делчев“, и е најстарата џамија во Охрид.[1]
Историја
Според натписот на влезот, џамијата е изградена во 1456 година, а според натписот на надгробната плоча на Ајдар-паша, датумот е 976 по хиџрата или 1567 – 1568 година. Се смета дека сегашната градба е од овој подоцнежен период.[2] Во XIX век во џамијата работела медреса (верско училиште).[1][2] За постоењето на храм од XV век (1456) сведочат видливите остатоци од архитектура на југозпадниот ѕид — веројатно џамијата првично била куполна градба, типична за класичната османлиска архитектура од тој век.[2]
На 22 март 1968 година Ајдарпашината џамија е прогласена за споменик на културата.[4]
Архитектура
Џамијата има правоаголна основа. Има покрив на четири води со ќерамиди, а од внатрешната страна има слепа купола. Минарето е на западната страна и во него се влегува од внаре, што е типично за џамиите од XIX век. Во јужниот агол во внатрешноста е новиот минбер од цемент. Михработ е на средината на југоисточниот ѕид, а махвилот (галеријата), на бетоннски столбови ја зафаќа целата северозападна страна. Во куполата има калиграфски напишани стихови од Куранот, геометриски и цветни украси. Такви има и кај насликаните лехви на североисточниот, југоисточниот и југозападниот ѕид меѓу горниот ред прозорци. Осветлувањето е преку прозорци со облик на прекршен лак и сместени на секој ѕид во два река. Првичниот трем е споен со молитвениот простор и таму се оформил новиот махвил. Изграден е нов затворен трем. На југозападната страна на храмот има турбе со правоаголна основа, димензии од 6,65 м х 4,00 м и покрив на четири води. Во него има три гроба, од кои едеен е на Ајдар-паша.[2]
За градење на џамијата е користен опусот клоазоне, обработени камени блокови врамени со три реда хоризонтално поставени тули и по две тули поставени вертикално помеѓу секој од камените блокови. Истиот опус на градење е користен и за турбето.[2]
Во дворот на џамијата има поголем број надгробни плочи.[2]