Црквата е сместена во горниот дел на маалото Варош, над црквата „Св. Софија“, и доминира над градот.[2]
Историја
Храмот е изграден на местото на стара сакрална градба. Според писмените извори, на ова место имало стара црква, исто така посветена на Светите Врачи Кузман и Дамјан, изградена во XI век од охридскиот архиепископ Теодул I (1056 – 1065). Во 1694 г. Кузман Китиски во својот список на парохиите вели дека црквата е енориски храм на тогашната Втора парохија во Варош. Сегашната градба, според натписите на некои икони во внатрешноста, веројатно е изградена во 1830-тите. Подоцна е преправана.[2]
Архитектура
Градбата претставува трикорабнабазилика со внатрешна купола на четири столба. Изградена е од обработен бигор со употреба на делкан камен за венците и аглите. На исток има седумстрана апсида.[2]
Внатрешност
„Пресвета Богородица Патеводителка“, прва половина на XIΙI век. Оваа икона од црквата денес е изложена во Галеријата на икони.
Живопис
Во внатрешноста живописана е само куполата, каде е претставен Исус Христос Седржител и четворицата евангелисти, дело на Дичо Зограф.[2] Кај влезната врата на црквата има фреска од Дичо Зограф, изработена во 1867 г. на која се претставени покровителите Кузман и Дамјан.[3][4]
Икони
Во храмот има шеесетина вредни икони, повеќето дела на зографите Михаил Георгиу и Константин Јоану од Селица во Населичко, Егејска Македонија. Велелепниот иконостас е дело на Мануил Георгиу, исто така од Селце, и е изработен во 1850 година. Најзабележителни се дрвените плочи на цоклето на иконостасот, на кои нетрадиционално и уникатно се насликани глетки со градски куќи. Четирите престолни икони се Светите Врачи, Исус Христос, Богородица со Исус и св. Јован Крстител; тие датират од 1830-тите и се дело на разни зографи како Анастас Магаревски, свештеникот Ристо Константинов, Константин Јоану и Мануил Георгиу.[2] Во црквата има творби на зографот-јеромонах Антониј Јоанович од Битолско.[5]
↑Кузмановски, Ристо. „Охрид и неговите ризници“. СВЕТИ КУЗМАН И ДАМЈАН - СВ. ВРАЧИ ГОЛЕМИ. www.ohrid.gov.mk. Архивирано од изворникот на 2011-07-19. Посетено на 15 април 2015.
↑Палигора, Ристо (2013). Неколку царски двери од ХVІ и ХVІІ век во регионите на Пелагониjа и Преспа, во: Прилози ХLІV 1-2, посветени на академик Цветан Грозданов по повод 50 години научноистражувачка деjност. Зборник на трудови од научниот собир одржан на 4 октомври 2012 година во Охрид. Скопje. стр. 145.